1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Во книжевноста поважно е како е напишано отколку за што е пишувано - е веројатно најраспространетото упатување кога се донесува вредносен суд за некое дело. Базиран е на фактот дека книжевноста е „вештачка“ како и секоја друга уметност, односно дека тежината на приказната сама по себе треба да се препушти на фактографски форми. Во игра се секогаш неколку можности. Темата може да биде сјајна, но залудно е ако е невешто обработена. Има и ситуации кога начинот на обработка со квалитетот го надминува материјалот и со тоа му ја подигнува вредноста. А во овие години, кога веќе можам да се пофалам дека сум запознал десетина различни стилови и тематки рамки, сѐ повеќе ја ценам комбинацијата во која „како се пишува“ и „за што се пишува“ одат во чекор едно со друго. Тоа е она што креира потполно читателско доживување: не те прогонува впечатокот дека можело подобро, дека некаде тргнало во празно.
Во романот Фати го зајакот (Uhvati zeca) од Лана Басташиќ оваа дуалност е помирена на најдобар можен начин. Прво, одбран е атрактивен централен мотив со кој периферните се преплетуваат по оправдан редослед, давајќи на ритамот нов импулс баш кога ќе помислиш дека ќе спласне и ќе се расплине во детали. Второ, стилот и пристапот на нарацијата откриваат талент (што мора да се истакне имајќи во вид дека се работи за роман-првенец), како и стекната способност обемната граѓа да се вообличи така ефикасно што за дополнителни преиспитувања тешко да има место. Лајбнички речено – она што е напишано е напишано со најдобрата од можните постапки. Или барем остава таков ефект што можноста за подобро не се зема предвид. И трето, што неизбежно произлегува од претходните две тези: ниту во еден момент не се случува едното да го засени другото, односно да се почувствува како писателот да не владее со ситуацијата. Тоа се, всушност, оние моменти кога стануваш свесен за писателот, неговото напорно присуство, што ја поништува целта на читањето, односно воочувањето грешки во конструкцијата, што освестува, ја гуши магијата.
Басташиќ се определила за заплет кој тргнува од самиот почеток. Со тоа во старт е навестено дека до крајот, ако ништо друго, може да нѐ чека изобилство пресврти и нови заплети, што повикува на константна читателска будност, за да не се испушти некоја важна алка. А сите се важни, почнувајќи од почетните, најважните, кои го пробиваат патот. Тоа се еден повик и еден пат кој произлегува од него. Сара после повеќе од деценија молк добива повик од Лејла, другарка од раната, заедничка младост во Босна, за да ѝ соопшти дека Армин е во Виена и ја замолува да ја одвезе кај него. Армин е братот на Лејла, во кој Сара била заљубена на оној потаен, не баш јасно дефиниран, детинест начин. Исчезнал за време на војната, онака како што тогаш и инаку се исчезнувало – поради припадноста на неподобен идентитет во идентитетски испарцелизирана средина – и по толку години пристига глас дека сепак е жив. Без никакво избрзано објаснување, авторката својата хероина веднаш ја праќа на пат, а таа наглост во одлуката ја навестува бурната предисторија која ја довела во Ирска, во врска со странец, далеку од татковината и сето она што таа некогаш ѝ значела. Предисторија која мора да биде расплеткана. Раскажувањето се одвива во два тека, кои наизменично се менуват и ни даваат увид како во минатиот, така и во сегашниот живот на двете главни протагонистки. Првиот го следи актуелниот момент во кој нараторката Сара тргнува за Бона, ја среќава Лејла, а потоа заедно заминуваат за Австрија, на патување кое е далеку од еднонасочно – свртено исклучиво кон исполнување на мисијата на пронаоѓање на Армин. Низ повторната средба во центарот на Мостар, краткиот престој во родната Бања Лука и обостраното емоционално отворање кое се одвива како во некоја комплицирана партија шах, се запознаваме со сложеноста на односот помеѓу Сара и Лејла. Тој е само врамен од сегашноста; се чини дека сета содржина на таа рамка испливува од заедничкото минато, преобликувајќи се во нешто сосем ново што треба да се растолкува за, по дванаесет години одвоеност, одново да му се вдахне смисла. Базичната смисла е токму потрага, но како што минува времето, станува јасно дека под неа се одвиваат мноштво други, премолчени потраги. Една од важните секако е и трагањето на Сара по сеќавање за татковината кое во новите услови би имало употребна вредност.
Меѓутоа, она на што таму наидува се само расфрлани и згрутчени остатоци од минатото, кои не се способни да разбудат каков било радосен впечаток.
Внатрешност. Тој збор отсекогаш ме потсеќал на човечкото тело. Помислив како и ние две во тој автомобил сме како бело крвно зрнце кое патува кон внатрешноста, во длабоката темнина, несвесно за животот кој го придвижува. Бев потполно изгубена, во возило сопрено среде улица, во непроодниот мрак, во некоја земја која личеше на мојата колку што погребна маска личи на лице на жив човек.
Овде среќаваме по малку маниристички мотив на преуранет мрак (кој вистински нѐ зачудува, баш како што тоа го посакува Џамбатиста Марино), на кои, очигледно, навикнати се сите освен оние од страна, без разлика колку потеклото еднакво ги дефинира. И иако тој момент не ми е баш по вкус, втемелен е во оксиморонската симболика дека воените огнови само го разгореле мракот. Дека суштински не решиле ништо. Од друга страна, бидејќи романот Фати го зајакот очигледно е замислен како современ, стварен пандан на Алиса во земјата на чудата, ваквото закривување на реалноста може да се сфати и како порака дека овдешните извитоперени транзиции се неодоливо слични на антибајки. Особено ако се присетиме дека настанале како резултат на револуционерните ветувања при рушењето на претходниот систем.
Вториот наративен тек е некој вид реконструкција на заедништвото на Сара и Лејла од најраните денови до моментот на разделба. Дознаваме како тие две се запознале уште во основно училиште, како заедно се носеле со хормонските, љубовните, психосоцијалните и останатите јадови на адолесцетската доба, како меѓу нив се развивала врска која ја надминувала физичката и старосната блискост од која било поттикнато пријателството. А како што минувале годините, сфаќале дека не можат една без друга бидејќи меѓусебните разлики ги направиле меѓусебно зависни. Тоа барем ни станува јасно од сведочењето на Сара, со оглед на тоа што на повеќе места истакнува колку истовремено ја плашеле и привлекувале одредени карактеристики на Лејла кои потешко се вклопувале во нејзиниот карактер: разузданоста, изненадните промени на расположение, гадливото отфрлање на сите конвенции. Една на друга си биле некој вид симбиотичка поддршка во период кога личноста созрева впивајќи влијанија однадвор. Подоцна, откако личноста ќе се презасити, таа фузија ќе ја обелодени непомирливоста на двата формирани темперамента. Тогаш ќе дојде до неминовно раскинување, па новата средба, им било тоа во план или не, ќе мириса на нов обид. Бидејќи старите вистини наоѓаат исходиште во сегашноста:
Но таа отсекогаш ме потсетувала на тоа дека нередот е природната состојба на овој свет, и дека нашите животи, организирани околу напорот да внесеме ред во сиот тој хаос, всушност не се ништо друго освен одраз на несогледлива ароганција.
Редефинирањето на личната историја е невозможно без согледби во рамки на поширокиот историски контекст. Личната судбина е неодвоива од оваа општата, колку и да се обидуваме со просторно-временската оддалеченост да го ублажиме впечатокот на некогаш судбинските допирни точки, допирни жигови. Тие остануваат втиснати во кожата, се огласуваат како оболени колена пред дожд. Преиспитувајќи што сѐ се случило, што сѐ му претходело на тој пат во контраправец, нараторката ја таргетира војната како пресудно јазлиште под кое може да се подведат сите оштетувања, па и оние најинтимните. Таа е виновна за Арминовото исчезнување, таа е виновна за тоа што Лејла станала Лела – принуденост на идентитетски инженеринг за зачувување на голиот живот – таа е, на крајот, виновна што бројни биографии трајно завршиле во ќорсокак поради принципот на колатерална штета, до кој завојуваните страни бездушно се држеле наспроти она бескорисно, номинално разбирање. А еве како нараторката се присетува (и што е, барем за мене, во поновата книжевност на овие простори, меѓу најдобро изведените предвоени тензични исчекувања):
Не знам како дознав, на крајот не е ни важно. Се сеќавам само дека градот беше поинаков, како некој да му ги исцицал сите сокови и го оставил да се суши на тревата. (...) Моите сограѓани ненадејно добија други лица. Некои само еднаш се намрштија и засекогаш останаа во таа положба. Други потполно исчезнаа, отидоа без многу бука. Подоцна знаев да ги лажам странците. Бев мала, ќе речев, не сум ни била свесна што се случувало. Но тоа не е точно. Знаевме, ти и јас. Знаевме дека почнал, дека го отпочнале. Знаевме и дека ќе трае. Набрзо стана константа, како додатен хемиски елемент во воздухот. Беше лесно да го изговориш, да го превртиш преку јазикот како доброутро или добра ноќ. Го имаше секаде: во липите зад нашето училиште, во детските цртежи на ѕидот на училишнит тоалет, во наставниците кои наеднаш пишуваа само на кирилица. Го имаше и во тебе, во твоето ново име и празното лице. Се имаше здружено со Арминовото исчезнување.
Лана Басташиќ напишала роман со убедлива карактеризација на ликовите, со јасно мотивирани решенија во поглед на структурирањето на фабулата и врзувањето на мотивите, со тематика која тешко дека во скоро време ќе изгуби на актуелност. Овде може да се пронајде сето она што му тежи на современиот човек: прашањето на границите до кои може да оди поврзувањето на различностите (повеќекратно), прашањето на овладувањето на идентитетот – неговото обликување по сопствени согледби, прашањето на односите на различните временски планови кои се прекршуваат над истиот поединец. И, можеби најважно, треба да се спомене тоа сеприсутно уживање во читањето. Без оглед на нималку лесната содржина. Тоа е можеби најсигурниот показател дека имаме работа со нешто што, најблаго речено, сосем се приближило до идеалот на комплетен роман.
Никола Николиќ (Подгорица, 1989) студирал политички науки. Објавил два романа и збирка раскази. Тој е уметнички директор на Меѓународниот подгорички саем на книги и образование.
Лана Басташиќ (Загреб, 1986) е српска и босанско-херцеговинска книжевничка. Авторка е на роман, две збирки раскази, збирки поезија и книги за деца. Нејзиниот роман-првенец „Фати го зајакот“ („Uhvati zeca“) беше во најтесниот избор за 65-тата награда на НИН за најдобар роман во 2018 година.
Лана Басташиќ ќе гостува на овогодинешниот книжевен фестивал Друга Приказна кој ќе се одржи од 05-08 септември во Скопје.
Извор: www.glif.rs
Илустрации: Magdalena Franczuk & Ashkan Honarvar