Да се старее достоинствено

17.07.2019 00:37
Да се старее достоинствено

За разлика од повеќето бруталистички згради кои ретко ги набљудуваме надвор од оптиката на ruin porn-от и мрачниот туризам, лондонскиот Барбикан старее незабележливо - без материјално пропаѓање и потреба за функционална пренамена. Барбикан е огромна и мошне посетена агломерација на простор за култура (театар, кино, конференциски сали, изложбени простори, концертна сала) во центарот на најголемата станбена населба во Лондон. На конкурсот за решение на урбаните дупки - последица од бомбардирањето во Втората светска војна - победи архитектонското биро Чембрлејн, Пауел и Бон, со проект кој е завршен 1959 година. Изградбата се пролонгирала и комплексот бил отворен дури во 1982 година. Освен по бруталистичката естетика со огромни размери во центарот на градот, Барбикан е посебен по настојувањето масивниот културен центар кој е од интерес за целиот град, да се опкружи со згради за колективно домување за средната класа. Иако изградена во рамки на таканаречената council housing (изградба на станови што ја иницираат властите на локално ниво која денес главно се поистоветува со социјалното домување), населбата била замислена како полигон за вертикална мобилност и тоа вклучувало разновидни типови станови. Со искачување на класната скала жителите би можеле да го заменат станот со нов и полуксузен.

Наместо изворно благиот социјалдемократски интониран план за социјалната мешавина на средната класа од населението во Барбикан, становите главно станале приватна сопственост. Таа промена настапила заради временски премногу пролонгираната изградба: последната етапа била завршена во ноторниот период на неолибералниот студен туш на владата на Маргарет Тачер. Денес Барбикан, благодарение на својата поволна локација, но и исклучителните културни содржини кои ги привлекуваат посетителите од многу поголем радиус од самата населба, е многу посакувана и скапоцена стока на пазарот за недвижности надвор од дофатот на средната класа - со повеќегодишна листа на чекање за потенцијалните купувачи. Додека овој пример од една страна покажува дека е можно да се избегне врежаниот наратив за нужното уривање на социјалдемократските и урбаните решенија од периодот по Втората светска војна, од друга страна поставува непријатно прашање - дали прекумерниот пазарен успех на ваквите населби во капиталистички контекст не претставува воедно и нивна пропаст - губење на социјалната димензија или нејзино изопачување во форма на елитистички ексклузивизам.

Престојот во големото предворје на Барбикан и денес е бесплатен. Тој простор не е обична транзитна чекална, туку со својата пространост, удобност и разновидност на просторните решенија повикува да се задржите во него. Каучите, столиците, тоалетите и штекерите во благо замрачениот простор со колористички нагласоци (неон, портокалово, виолетово), покриени со сив теписон визуелно во склад со бетонот, ја прават удобна основната опрема. Особено освежувачки е да се види бруталистичкиот сјај прилагоден на современата естетика и капацитетот на формите создадени на темелите на социјалдемократската идеја за важноста на јавниот простор1.

Малиот изложбен простор во подрумот е дел од бесплатната понуда во која, во текот на мојата посета, беше поставена изложбата Unclaimed: The Liminal Space (февруари-мај 2019) која ги проблематизира политиката, личните искуства и емоциите поврзани со староста и стареењето. Во рамки на проектот LINKAGDE (University College London) тим стручњаци за геронтологија интервјуирале 2000 лица постари од седумдесет години. Личните искуства на интервјуираните на изложбата беа контекстуализирани со искази на истражувачите за историјата, сегашноста и иднината на стареењето и староста. Во просторот со големина на скромна училишна библиотека беше симулирана канцеларија за изгубено и најдено, и беше исполнет со предмети кои беа тематски категоризирани, како приврзоци за клучеви (нивната положба и бројот на картата на Обединетото кралство покажува каде најрадо се иселува постарото население и кои градови стареат најбрзо), чевли (аудиоматеријалите во ѓоновите раскажуваат приказни за секојдневната мобилност) и садови (нивната количина го илустрира намалувањето на бројот контакти и членови на домаќинствата, нешто што доаѓа со стареењето). Во секоја категорија одредени предмети се опремени со мини-приказна, а посетителите требаше да ги пронајдат и активираат.

Староста станува сѐ подолг и позначаен животен период. Очекуваниот животен век во Хрватска во 1953 година бил 59,1 година за мажи и 63,2 за жени. Девојчињата родени во Хрватска во 2014 година просечно ќе живеат 80,5 години, момчињата 74,6. Една третина од родените во Обединетото Кралство денес ќе ја доживеат 100-та година. Статистиките насекаде раскажуваат слична приказна за продолжување на животниот век и растечкиот удел на постарото население во вкупната популација. Од друга страна, Обединетото кралство и САД се ретки исклучоци меѓу западните земји - просечниот животен век последниве години е намален заради продлабочување на јазот помеѓу богатите и сиромашните и концентрацијата на сѐ поголем имот во рацете на сѐ помалку поединци. Дека староста е голема област за нова борба сведочи и актуелниот обид на хрватската владејачка гарнитура со поместување на границата за заминување во пензија на 67 години сѐ постарото општество да се пикне во капиталистичката фантазија за постојан раст и уште подолговечна експлоатација. Новиот политички влог на староста бара да ги претресеме и преиспитаме своите предрасуди за стареењето и староста и да ги дефинираме клучните прашања врз чија основа ќе развиваме политики и стратегии на отпор. Притоа, можеме да учиме од успехот и грешките на синдикалната референдумска иницијатива која брзо и ефикасно го мобилизираше населението (собрани 740 000 потписи), но и недоволно далекусежно ги постави целите (проблемот за приватизација на пензискиот фонд не е опфатен во барањата на иницијативата)2.

На изложбата во Барбикан беше вложен посебен труд во приказот на односите помеѓу класните и возрасните разлики. Во регалот со книги томовите се организирани во четири редови кои се поделени за четири групи приходи, при што должината на редот го симболизира очекуваниот животен век. Тој се намалува пропорционално според пониските класи (разликата помеѓу најбогатите и најсиромашните групи во просек изнесува околу десет години). Истовремено расте и веројатноста од потешки заболувања (визуелизирана со книги со сина корица како контрапункт на „здравите“ портокалови корици). Иако користењето на книгите за визуелизација во овој контекст е малку несреќно зашто го зајакнува стереотипот за антиинтелектуализмот на сиромашните, овој изложбен сегмент мошне ефикасно покажува дека капитализмот со општествените нееднаквости на кои смета не е само благо непријатен за оние на неговиот крај, туку е буквално смртоносен3.

Истата порака комуницира и на друг начин, со опросторување на нееднаквоста. Преку примерот на линијата Џубили на лондонската подземна железница се покажува дека очекуваното траење на животот помеѓу станиците Вестминстер и Канинг Таун опаѓа за осум години - по една година за секоја станица движејќи се од центарот кон периферијата на градот. „Домувањето во средина со добра мешавина од локални содржини како паркови, продавници, кафулиња и библиотеки ја редуцира опасноста од деменција за 60 проценти“, се вели во една студија од 2015 година, покажувајќи дека економската положба значително влијае не само на должината, туку и на квалитетот на староста. Нееднаквоста во староста се создава уште во раното доба: според геријатарот Даниел Дејвис, училишните деца кои покажуваат добри резултати на тестовите по читање имаат 20 проценти помалку шанси за когнитивно стареење во своите седумдесетти. Течното читање помалку е резултат на волшебна генијалност, а многу повеќе на образовниот и културниот капитал, и класната позиција.

Социјалниот статус влијае на искуството во староста, како што и стареењето може значително да го промени социјалниот статус на личноста. Постарите лица кои живеат во преголеми станови зашто не можат да си дозволат преселба во помал стан кој би чинел повеќе од стариот се вообичаена појава во градовите погодени од станбената криза и неконтролираниот раст на станарините. На лицата со минимални приходи кои едвај составувале крај со крај со заминувањето во пензија им се заканува значително попрекарна и помаргинализирана судбина - бездомништво, глад, недостапност на адекватна медицинска нега. Изразена е и родовата асиметрија во осиромашувањето во староста. Тоа значително почесто ги погодува жените зашто во просек заработуваат помалку и, ако станат мајки, често под притисок на пазарните околности одлучуваат да останат дома или да работат со скратено работно време со што се намалуваат и нивните пензиски придонеси во корист на партнерот. Благодарение на приватизираната социјална репродукција4 (во овој случај со неплатената домашна работа на жените) тие можат да работат полно работно време. Како што заклучува Ејдриен Робертс во книгата Gendered States of Punishment and Welfare: Feminist Political Economy, Primitive Accumulation and the Law, законските рамки во капиталистичките држави ги охрабруваат прекарните позиции (особено за жените), подоцна казнувајќи ги за истите. Ефектите на оваа нееднаквост јасно ги демонстрира и стапката на ризик од сиромаштија - за жените над 65 години во Хрватска 30,8 проценти - 7 проценти повеќе од мажите на иста возраст5.

Додека родот, класата и државјанството се потенцијално променливи категории (кои само условно можат да се споредат), во просечниот животен век се релативна константа. Последично, само неколкумина искусуваат различни идентитетски режими и припадна разлика во општествената положба и третманот (како жена и маж, не/мигрант/ка, припадник/чка на работничката класа/економската елита). Наспроти тоа, сите старееме и само прерана смрт може да нѐ направи имуни на ејџизмот. Сепак, на дело е успешно потиснување на сопствената смртност. Со зборовите на професорката Моли Ендрјус: „Ако не верувате дека навистина ќе остарите, потешко е постарите луѓе кои ги среќавате да ги третирате како реални и комплексни поединци за какви се сметате себеси“. Дискриминацијата врз основа на староста притоа се движи во насока на две екстреми: на младите им се негираат автономијата и способноста за расудување (што актуелно е најочигледно во критиките кои ги адресираат наивноста и инструментализацијата на Грета Тунберг и глобалните акции со ученички штрајкови за климата која ја иницираше), истата интелектуална инфериорност и општествената нерелевантност им се припишува и на постарите, со дополнителна неодлучност над телесните знаци на стареењето.

Стареењето во денешно време отвора можности за нов почеток. Со порастот на очекуваниот животен век расте и бројот на таканаречени „здрави години живот“, а постапното разградување на предрасудите за постарите лица отвора и нови можности за еден дел (социоекономски привилегирани) постари лица. Продолжувањето на животниот век истовремено е и нова можност за капиталистичкиот раст - старо-нов пазар на кој подолго можат да се продаваат дополнителни производи и услуги. Понатаму, според статистичките податоци за Обединетото кралство, процентот разводи во 2017 година значително се зголемил единствено во возрасната група 65+, што упатува на ослободување од традиционалното уверување дека лошиот брак мора да се истрпи заради одржување на општествените конвенции. Аудре Лорде во есејот „Age, Race, Class, and Sex: Women Redefining Difference“ пишува дека таканаречениот генерациски јаз е „важен социјален инструмент во сите репресивни општества“, објаснувајќи дека предрасудите за постарата генерација го оневозможуваат широкиот фронт на солидарноста и поттикнуваат заборавање на минатото „кое нѐ тера да откриваме топла вода секогаш кога мораме да одиме да купиме леб“6. Антифеминистичките клишеа за „злобните вештерки“ и „грижливите баби“7 - за десексуализираните, деполитизирани, простодушни, непотребни или злобни стари - треба да ги замениме со подобро слушање и разбирање на социоекономските обележја на староста.

Голем дел од изложбата тежнее кон тоа, посегнувајќи кон искуствата на конкретни постари лица и нудење контексти за нивните размислувања и нивните животни приказни. Кога нестрпливо цупкаме во редот зашто некоја постара личност зборува со продавачот, да се сетиме дека во доцните седумдесетти купувањето и административните задачи се повеќе од 50 проценти од сите места кои ги посетуваат овие лица (во нашите триесетти тоа во просек се 18 проценти). Дел од интервјуираните ги споделуваат своите размислувања за поимите „старец“, „старица“, „баба“, „дедо“, „сениор“ и честата збунетост, несигурност околу прашањето како се доживуваат себеси. Првото отстапување место во јавниот превоз за многумина е првиот значаен судир помеѓу надворешната и внатрешната перцепција. Една од соговорничките раскажа дека првата таква случка ја потресла, дека ѝ било одбивно тоа што непознат млад човек ја нарекол „баба“, но и дека немала одговор на неговото прашање: „А како да ве наречам вас?“ зашто искуството од староста ѝ било неописливо. За таа непријатност пишува и Славенка Дракулиќ во приказната „Невидливата жена“:

„Ме прашувате што ме вознемири толку. Како да ви го опишам тоа...? Пред неколку дена во својот стан сретнав непозната личност. Тргнав за да излезам надвор и застанав. Пред мене стоеше жена со седа коса и сини очи. Ме гледаше вџашено, не трепкајќи. Стара жена, а сепак некако позната, околу неа сивкаста магла. (...) Ми требаше момент или два да се приберам и да сфатам дека жената која зјапаше во мене не е никакво привидение, туку одраз во огледалото. А сознанието дека тоа навистина сум јас, ме шокираше уште повеќе“8.

Читањето приказни за стареењето како и информирањето за општествената динамика и социјалните проблеми на постарата популација полека ни даваат инструменти за говор и размислување за староста, овозможувајќи ни похумано да реагираме на стареењето на луѓето околу нас, но и нас самите. Притоа, запирањето на нивото на претставата и индивидуалните преференции не смее да биде одвоено од социоекономскиот контекст на стареењето и староста и разбирањето дека ресурсите за амортизирање на негативните последици од стареењето во општеството се нееднакво распоредени.

Сместувањето на изложбата во бесплатниот подрум на зградата (во главниот изложбен простор блеска веќе досадно жешката проблематика на вештачката интелигенција), во одредена мера потврдува дека стареењето и староста сѐ уште се маргинална тема. Од извесната буквалност и поедноставеност на кустоските постапки видливо е дека изложбата не е примарно уметнички проект, туку содржајна и максимално јасна презентација на актуелните сознанија за староста која на јавноста ѝ изнесува недоволно познати статистики. Дидактичката разбирливост е подвлечена и со низа претежно авторефлексивни прашања кои можат да ги најдат посетителите на позадините од бројните информативни картички во изложбениот простор. Иако степеност на редундантност понекогаш е претеран (иста информација е поврзана на неколку начини), а буквалноста понекогаш е лесно неинспиративна (како очигледниот избор на чевли за визуелизација на мобилноста во постариот животен период), тој воедно функционира и како насока за добар агитациски пристап. На изложбата ѝ недостасува креативен вишок, но со впечатливите визуелизации и лесно разбирливите метафори посетителите ги информира, сензибилизира и може да ги поттикне на акција. Сепак, можеби следниот пат да биде на поголема сцена.

(1) Која, за разлика од социјалистичките и урбанистичките визии, доаѓа во комбинација со приватната сопственост над средствата за производство и не подразбира сеопфатно поопштествување.
(2) Јаков Колак јасно анализира зошто прашањето за пензиите е исклучително важно политичко прашање.
(3) Подеднакво погубни се и расизмот и патријархалните механизми - со комбинација на овие опресивни фактори, црните транс жени во просек доживуваат 35 години, како што покажува статистиката која стана видлива во кампањата #ThriveOver35 Ashlee Marie Preston. https://www.bustle.com/p/the-thrive-over-35-hashtag-by-ashlee-marie-pres...
(4) Делото на Тити Батачарја дава актуелен увид во проблематиката на социјалната репродукција. http://slobodnifilozofski.com/skripta-tv/sto-je-teorija-socijalne-reprod...
(5) Marija Ćaćić: „Mirovinska reforma: koliko je ženama loše?“, Bilten, 3.10.2018.: https://www.bilten.org/?p=25173
(6) Audre Lorde: „Age, Race, Class and Sex: Women Redefining Difference“, u: Sister Outsider: Essays and Speeches, Crossing Press, Freedom, 1984., 114-123
(7) За подетална анализа на типологијата на стереотипите за постарите жени види го текстот на Нада Кујунџиќ: „Zle vještice i brižne bake: prikazi starijih ženskih likova u dugometražnim animiranim filmovima studija Walt Disney“, Treća, br. 1-2, god. XVI, 2014.,
(8) Slavenka Drakulić: Nevidljiva žena i druge priče, Fraktura, Zaprešić, 2018., 7-8.

Слики од изложбата Unclaimed: The Liminal Space

Извор: http://slobodnifilozofski.com

ОкоБоли главаВицФото