1017 hPa
68 %
20 °C
Скопје - Нед, 08.09.2024 00:59
Со ширењето на новиот бран на феминистичкото движење во шеесетите и седумдесеттите години на минатиот век, уметничките се свртеа кон дотогаш непознатото подрачје на перформансот. „Една од причините што влегов во перформансот беше што не беше доминантно машки“, изјави уметничката Џоан Џонас во 2014 година. „Не беше како сликарството и скулптурата.“ Усвојувањето на новиот медиум значело повеќе слобода да се експериментира, без страв од споредба со претходните машки генерации.
Можеби е тешко да се дефинира перформансот, но лесно е да се посочат две големи жени кои работат во овој уметнички медиум: Марина Абрамовиќ и Јоко Оно. Но има и неколку други уметнички од истата генерација кои одиграле клучна улога во обликувањето на она што значи перформанс. Така, на пример, во својата рана фаза перформансот станал средишен дел на феминистичката уметничка програма во Институтот за уметност во Калифорнија, чии основачи се Џуди Чикаго (Judy Chicago) и Миријам Шапиро (Miriam Schapiro); во 1971 година тоа беше еден од првите феминистички уметнички програми во САД. Следната година беше отворен и за јавноста како простор за експериментална уметничка работа (Womanhouse performance and installation space).
И јавните настапи биле начин да се говори и да се застапува за улогата на жената, а уметниците често го прифаќаат револуционерниот стил кој потсетува на антивоените протести од шеесеттите години. Перформансот како уметнички израз брзо го прифатиле неколку уметнички како Марта Рослер (Marthe Rosler) и Хана Вилке (Hannah Wilke), кои исто така беа предводници и во областа на видео артот.
Ана Мендиета (Ana Mendieta)
На 12 години Мендиета со сестрата побегнала од политичките превирања во родната Хавана и се нашла во дом за сирачиња во Ајова, САД, заедно со илјадници други деца без придружба. Не зачудува што нејзините дела главно се занимаваат со раселувањето, доведувајќи ги во прашање националните и родовите идентитети. Сопственото тело е константа која ја закотвува низ флуктуацијата на местата, јазиците и идеологиите што ја доживеала во младоста и станала нејзин инструмент во перформансите поврзани со концептуалната и феминистичката уметност и со ленд арт (land art).
Во едно од нејзините најпознати дела „Серија Силуети“ (1973 – 77), Мендиета го втиснува своето тело во мексиканските пејзажи и отисоците ги исполнува со органски материјали како цвеќе, гранки, мов... „Тоа е начин да си ги вратам корените и да станам едно со природата“, кажала таа.
Денес нејзината уметничка оставина е испреплетена со приказната за нејзината прерана смрт на возраст од 36 години. Во 1985 година Мендиета паднала од прозорец на 34-ти кат каде се наоѓал станот во кој живеела со својот сопруг, минималистичкиот скулптор Карл Андре. Тој бил обвинет за убиство, но на крајот бил ослободен.
Едријан Пајпер (Adrian Piper)
Била мошне активна за време на американското движење за граѓански права. Делата на Пајпер ги истражуваат расните и културни предрасуди. Во една серија на јавни настапи, рекламирана во њујоршкиот весник „Village Voice“, таа излегувала на улиците облечена како афро-американски маж со мустаќи и голема афро фризура, доловувајќи стереотипно машко однесување.
Насловено Митското битие (1973-75), делото е документирано во видео записи, фотографии и принтови, подоцна скицирани со креони. Придружните огласи во весниците, кои содржеле белешки од нејзиниот сопствен адолесцентски дневник, сведочат за пошироката цел на Пајпер: интеракција со публиката на лично ниво и во рамки на поширокиот политички контекст. Покрај нејзините перформанси, Пајпер е самопрогласена „прва генерација на концептуални уметници и аналитички филозофи“. Предава филозофија на неколку американски универзитети, иако од 2005 година живее и работи во Берлин.
Тања Бругуера (Tania Bruguera)
Како кубанска авторка која работи помеѓу Хавана и Соединетите држави, Бругуера својата уметничка пракса ја насочила кон прашањата на политичката моќ и застапувањето. Во раните дела се занимава со сопственото тело, во чест на нејзината колешка, кубанската уметница Медиета, но потоа преминува на поголема интеракција со публиката.
Бругуера е можеби најпозната по делото „Tatlin’s Whisper #6“ (верзија во Хавана, 2009 година), изведено на биеналето во Хавана. Перформансот се состоел од тоа што луѓето од публиката имале можност на сцена да зборуваат слободно една минута, но потоа актери облечени во воени униформи ги спроведувале надвор.
„Мислам дека има нешто интересно во кубанската уметност и можеби во уметноста на останатите социјалистички држави“, изјавила Бругуера во едно интервју во 2017 година. „Во тие околности уметноста ги заменува просторите на слободата кои не можат да се најдат никаде на друго место“.
Обидите на Бругуера да го повтори овој перформанс во Хавана довеле до нејзино апсење во 2014 и 2015 година.
Валиe Експорт (Valie Export)
Австриската авторка Валие Експорт го променила своето име, Waltraud Hollinger, родена Lehner, во 1967 година, како чин на откажување од патријахалниот идентитет што ѝ го наметнале нејзиниот татко и поранешниот сопруг. Од тој момент станала марка (слично како и популарните цигари во тоа време, кои наводно биле инспирација за нејзиното ново презиме) препознатлива по феминистичката уметност.
Нејзините рани перформанси биле провокативни и вклучувале непосредна интеракција со публиката. Во делото TAP i TOUCH Cinema (1968-1971), изведено во десетина европски градови, Експорт на своите голи гради закачила модел на кино сала со завесички и стоела на улица, а минувачите биле поттикнувани низ завесичките да ги допираат нејзините гради, за да дојдат во контакт со вистинска жена, а не со идеализираната женственост што обично се наоѓа на кино екранот.
Во друг перформанс, втемелен на киното, „Action Pants: Genital Panic“ (1969.), таа поминува во една кино сала со панталони кои се отворени на местото на нејзините гениталии, така што гледачите што седеле на седиштата се соочиле со нејзината вагина.
Џоан Џонас (Joan Jonas)
Иако образована како скулпторка, Џонас е позната по своите експериментални дела кои ги комбинираат видеото, перформансот, инсталацијата, скулптурата, цртежот и интернетот за да произведат идиосинкратски визуелен јазик. Џонас го истражува искуството на гледање, често збунувајќи ја перцепцијата на гледачот со вистински наспроти замислени слики.
Во делото „Organic Honey’s Visual Telepathy“ (1972), нејзиниот најстар перформанс во кој користи видео, Џонас се појавува како нејзиниото алтер его, Organic Honey, облечена во евтина пластична маска, јакна со светки и розов украс на главата. Телевизискиот монитор проектирал конвенционални, мултикултурни слики од жени – бенгалска божица, Јапонка, додека Organic Honey интеракативно со камера го снимала перформансот.
Марија Евелија Мармолејо (María Evelia Marmolejo)
Придружувајќи им се на редица политички активни латиноамерикански уметници кои експериментираат со перформансот во текот на осумдесеттите години, делата на Мармолејо главно се занимавале со прашањата на животната средина, улогата на жената и политичкиот терор кој се случувал во нејзината родна Колумбија.
Делото „Anónimo 3“ (1982), на пример, е замислено како обред на помирување во кој уметничката ѝ се извинува на Земјата за сите години загадување. 15-минутниот перформанс во Valle del Cauca, Колумбија, се состоел од тоа што ги покрила лицето и телото со газа, а потоа извела миење на вагината пред тоалетната школка во средината на кружна површина земја. Течноста која паѓала на тлото требало повторно да го оплоди тоа подрачје.
Мармолејо била најактивна во текот на осумдесеттите години, но неодамна извела уште еден еколошки перформанс во Милано, насловен Extractivismo (2015), како дел од својата ретропективна изложба.
Марта Вилсон (Martha Wilson)
„Како жени, целото време го посветуваме на тоа да ги исполниме очекувањата на општеството и културата за тоа што треба да правиме, како би требало да изгледаме, што би требале да мислиме“, објаснува Вилсон во едно интервју од 2015 година. Нејзините дела ги анализираат прашањата на родовиот идентитет и идеалите на убавина. Во видео и фотографските перформанси, Вилсон камелеонски се претвора во drag queen, традиционална домаќинка, лезбејка и во низа од американските први дами. Нејзината понова инсталација „Martha meets Michelle halfway“ (2014), Вилсон ја глуми Мишел Обама.
Марта Вилсон е активна на авангардната њујоршка уметничка сцена од 1970-те години и била член на DISBAND – концептуална панк група на жени уметници, меѓу кои биле и Барбара Кругер и Илона Гарнет. Ја основала и продолжува да ја води „Franklin Furnace“, непрофитна организација од Бруклин која ја негува и застапува авангардната уметност.
Кармен Боусе (Carmen Beuchat)
Во родното Чиле учела балет. Во 1960-тесе преселила во Њујорк и почнала да ги спојува балетот, фотографијата, видеото со поезија и перформанс, за да создаде корпус на трансдисциплинарно дело. Како активна учесничка на уметничката и перформанс сцена на Њујорк, соработувала со уметници како Trishu Brown и Juan Downey, често настапувала во 112 Greene Street, експериментално место во Сохо, основано од уметникот Gordon Matta-Clark. Била изворен учесник во делото на Браун „Walking on the Wall“ (1971), заедно со шест други изведувачи, кои држеле јажиња хоризонтално поставени преку ѕидот на галеријата во Витни музејот, во акт кој ѝ пркосел на гравитацијата.
Чилеанската уметничка ја основала и експерименталната танчерска група „ Natural History of the American Dancer“ во 1971 година, која се смета за предводник на експерименталниот танц. Нејзините перформанси обично влклучуваат мобилни структури, создавајќи врска меѓу визуелните елементи и кореографијата на изведувачот.
Лин Хершман Лисон (Lynn Hershman Leeson)
Уметничките филмови и дела на Хершман Лисон (и најмалку четири нејзини алтер ега) со години стоеле затворени во кутии во нејзиниот дом во Сан Франциско, игнорирани од уметничкиот свет. Сè до 2014-та година кога оваа сè уште активна авторка доживува вистинска слава со повеќегодишната ретроспективна изложба во германскиот музеј ZKM и со монографијата објавена во 2016 година (двете под наслов „Civic Radar“).
Активна од шеесеттите години на минатиот век, Хершман Лисон рано ги прифати новите медиуми и долго го истражуваше нашиот однос до технологијата. Во еден повеќегодишен перформанс насловен „Roberta Breitmore“ (1974.-77), Хершман Лисон настапила како свое алтер его кое живее во хотелот „Данте“ и воајерски било документирано сè што правела од папарацо фотограф изнајмен за таа работа. Дваесет години подоцна Roberta Breitmore станува интернет проект, „CybeRoberta“ (1996) – роботска верзија на нејзиното претходно алтер его, овојпат следена од веб камерата.
Кароли Шнимен (Carolee Schneemann)
Во историјата на уметноста доминираат слики на голи жени, создадени од мажи. Делата на мултидисциплинарната уметница Шнимен истражуваат дали една гола жена може да биде и уметник и слика.
Иако првично се занимавала со сликарство, таа преминала во сферата на перформансот и мултимедијалните инсталации во 1960-тите години. Многу дела на Шнимен се фокусираат на сопственото тело на авторката, вклучувајќи и еден од нејзините најпознати перформанси „Interior Scroll“ (1975).
Перформансот започнува со соблекувањето на уметничката пред примарно женска публика и сликање на нејзиното лице и тело. Потоа Шниман полека го отстранува свитокот хартија од нејзината вагина додека на глас го чита текстот напишан на него.
„Не сакав да извлекувам свиток од мојата вагина и гласно да го читам", напиша Шниман во 1991 година, „но културата на теророт поттикна отворено да го направам она што таа култура сака да биде потиснато“.
Иако нејзините дела честопати контроверзни - со безобразната сексуалност ги навредувала и феминистките и традиционалистите - сепак се дел од феминистичкиот уметнички канон.
Извор: Artsy