Фејсап: забава или украдени податоци?

21.07.2019 23:25
Фејсап: забава или украдени податоци?

Бела коса, длабоки бразди и кожа што попуштила од гравитацијата. Тоа е судбината што сите порано или подоцна ќе нè снајде. Животот во староста особено младите сакаат да го потиснат како факт. Но, во моментов многумина едвај чекаат да видат како ќе изгледаат остарени.

Програма со името „Фејсап” за само неколку секунди прави луѓето да изгледаат постари за децении. Една фотографија и неколку клика се доволни. Социјалните медиуми се преплавени од фотографии со остарени ликови. Познати личности наседнаа на апликацијата и предизвикаа масовно ширење во цел свет.

Виртуелни шишки и хипстер брада

Познатиот диџеј Дејвид Гета изгледа како да има 60 -  годишна кариера зад себе. Машкиот бенд „Џонас брадерс“ се катапултира во 3000 година. Но, еден обид покажува дека „Фејсап” функционира и кај обичните луѓе. Моето идно „Јас“ застрашувачки наликува на татко ми и дедо ми. Со тоа „Фејсап” ти заштедува тест за татковство. По првиот шок следува вториот - колку незабележливо во денешно време може да се манипулираат фотографии. Зад програмата се крие вештачка интелигенција која ги познава природните процеси на стареењето и може да ги примени на секој лик. Но, има и друго. Ако сакате да изгледате неколку години помлади или да испробате друга фризура или да каширате места на кои не ви расте брада, „Фејсап” излегува во пресрет. Но, најпрво корисниците мора да се задоволат со виртуелни шишки и хипстер брадиче.

За поголеми промени се бара поголема инвестиција. Други опции како на пример густа брада се добиваат само со еднократно плаќање 44 евра, или пак годишна претплата од 20 евра. На милиони лица им се допаднаа функциите на „Фејсап”. За руската компанија „Вајерлес Лаб” која стои зад апликацијата, таа е полн погодок. На светско ниво е на прво место на чартовите за даунлодирања на Епл и Андроид. Но, успехот доаѓа доцна: апликацијата ја има веќе 2 години на пазарот. Изгледа е чиста случајност што познати личности од цел свет ја открија токму сега.

Пензионерски фотографии за Владимир Путин?

Откако апликацијата "Фејсап“ стана многу популарна и со многу преземања и споделувања на социјалните мрежи, се појавија првите критички гласови. Седиштето на компанијата која стои зад апликацијата, „Вајрлес лаб" е во Санкт Петербург. Тоа може да се види во општите услови за користење на апликацијата. Нема други податоци за компанијата. Ако ги погледнете условите за користење и политиката за приватност стои дека апликацијата е од забавен карактер. Компанијата не собира само податоци на корисниците, туку зачувува и фотографии. Критичарите стравуваат дека руската држава може да си ги искористи за сопствени цели. Но, што би правел Владимир Путин со слики од милиони „збрчкани“ лица?

Баш ништо, смета првиот човек на компанијата Јарослав Гончаров. Со апликацијата само се прикачуваат слики на корисници кои се изменуваат. Всушност тоа е можно и во самата апликација. Гончаров појаснува дека сака да ги подобри перформансите на апликацијата со тоа што сликите би се прикачувале на клауд. Серверот за тоа нема да биде во Русија туку на пример во САД, Сингапур или Ирска, и тоа ќе бидат оние кои ги користи Амазон или Гугл. Освен тоа најголем дел од сликите се бришат за 48 часа. Исто така и други мета податоци не им се даваат на трети страни освен на маркетинг партнерите. Тоа не е ништо ново, бидејќи е познато дека и Фејсбук или Гугл масовно ги користат овие податоци или ги предаваат понатаму на трети страни.

„Противничка сила"

Критичарите не им веруваат целосно на изјавите на првиот човек на компанијата. Важни лични податоци може да завршат во погрешни раце, предупредува германскиот претставник за заштита на податоци, Улрих Келбер. Условите за користење се многу „порозни“. Руска компанија која собира податоци и фотографии? Во САД тоа веднаш го вклучува алармот. Откако Русија наводно беше вмешана во претседателските избори во 2016, политиката е на штрек. Многу веројатно е дека наскоро ФБИ ќе се позанимава со „Фејсап“.

Сенаторот на Демократите, Чак Шумер, им напиша писмо на властите. ФБИ заедно со Агенцијата за заштита на потрошувачи треба да истражи дали програмерите на апликацијата пренесуваат податоци од американски граѓани на трети лица. „Длабоко вознемирувачки„ е тоа што една „противничка сила која прави сајбер прекршоци против САД", може да добие лични податоци од корисници. Активистите во претстојната трка за Белата куќа треба веднаш да ја избришат апликацијата, повикуваат Демократите.

Многу нејаснотии

По првиот бран огорченост, за збор се јавија експертите, кои предупредуваат дека паниката е претерана. Еден француски безбедносен експерт, кој го користи псевдонимот Елиот Алдерсон, провери кои податоци остануваат незабележано зачувани во апликацијата. Всушност остануваат само прикачените фотографии, вели тој за „Гардијан“. Претходно на социјалните мрежи се ширеа гласини дека „Фејсап“ ќе ви ги преземе сите фотографии кои ви се зачувани во мобилниот телефон. Апликацијата сепак го зачувува моделот и серискиот број на смартфонот – податоци кои во принцип ги зачувуваат и поголемиот дел од апликациите за да анализираат што се користи на пазарот.

Стравот од „Фејсап“ настана поради тоа што апликацијата е на компанија со седиште во Русија, тврди експертот од Франција. Дали фотографиите на корисниците на апликацијата ќе бидат искористени и за други цели, засега е нејасно. Исто така е нејасен одговорот на прашањето дали апликацијата може навистина да го предвиди нашиот изглед на стари години.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото