Сестринство и единство: Американската женска фудбалска револуција (1)

22.07.2019 01:42
Сестринство и единство: Американската женска фудбалска револуција

Дури и ориенталистичките и балканистичките перспективи да се погрешни во сѐ, а не се, југоисточната периферија на Европа после пропаста на СФРЈ во доволно долгиот период од три децении се потврди како заостаната преку бројни слики и примери за контрастот помеѓу варварството и цивилизацијата. Додека Европа се интегрираше во деведесеттите години на дваесеттиот век, Југославија се распаѓаше поткопана од примитивниот етнорелигиски национализам. Кога Западот ја афирмираше културата на сеќавањето која го осуди Холокаустот и го култивираше сеќавањето за антифашизмот, новите етнички режими на Балканот ги рехабилитираа архитектите и егзекуторите на геноцидите од Втората светска војна. И додека Европската Унија и ОН преку Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија се обидуваа да ги казнат одговорните за етничкото чистење и геноцидот од деведесеттите, етничките држави ја опструираа меѓународната правда и ги славеа злосторниците како национални јунаци. Еден од најскорешните примери за контрастот на новото балканско варварство и западната цивилизација се одигра во инаку влијателната сфера на меѓународниот спорт кој, како што сакаше да нагласи историчарот Ерик Хобсбаум, уште од триесеттите години е неизбежен во анализите на национализмот.

Се работи за Светското фудбалско првенство за жени одиграно во Франција во јуни и јули 2019 година. На овој глобален спектакл кој го следеа милијарди луѓе од Кина до двете Америки и западна Европа, но малкумина на Балканот, триумфираше репрезентацијата на Соединетите американски држави. Освојувајќи го светот не само со врвната игра туку и со прогресивниот општествен ангажман, Американките создаваа и пишуваа историја која нема толку лесно да се ревидира дури тоа и да не им се допаѓа на многумина. Овој американски женски фудбал, поинаков но никако помалку квалитетен од машкиот, и прогресивната политика која го следеше, како да дошле од далечна галаксија. За некој што ги познава приликите и во САД и на Балканот, се открива шокантниот контраст помеѓу улогата на спортот, фудбалот особено, на просторите на бивша Југославија и во западна Европа и САД.

Фудбалот на Балканот беше сцена на етнички конфликт, омраза, војна и приватизациски грабеж, и така остана до денес. После војните од деведесеттите фудбалот станува механизам за перпетуирање на контаминацијата која ја посеа балканскиот националистички Чернобил од распадот на СФРЈ па наваму во сите новосоздадени држави. Наспроти тоа, новиот американски женски фудбал ја донесе идејата за единство преку сите општествено исконструирани бариери, а покрај тоа го поттикна и општествениот активизам за рамноправност и социјална правда. Да се гледаат американските фудбалерки како играат и што зборуваат, беше како да се вратиме во златното доба на прогресивната, обединета, амбициозна СФРЈ. Но погледот кон денешната балканска реалност повторно го посочува страшниот контраст.

Зашто додека на стадионите ширум пустошот каде некогаш живееше југословенскиот мултиетнички модернизациски проект, одекнува „Цигани, цигани“, „Убиј го Србинот!“ или „Нож, жица, Сребреница“, на парадата на улиците во Њујорк во чест на светските фудбалски шампионки, стотици илјади навивачи заедно со членките на фудбалската репрезентација на САД скандираат „Една нација-еден тим“, и слогани за рамноправност на половите, праведни плати, против секаков облик на дискриминација, насилство и кршење на човековите права...

Американскиот женски фудбал денес треба да се гледа во контекст на развојот на женското движење уште од времето на суфражетките, а особено од шеесеттите. Последниве години се случува нов замав на движењето на кое несвесно му одеше од рака и дефектниот изборен систем кога во 2016 година дисквалификуваше жена со три милиони гласови повеќе од машкиот противкандидат. Десничарскиот претседател Доналд Трамп почна главно несвесно да ја потврдува постизборната теза на филозофот Славој Жижек дека за закрепнување и мобилизација на левицата е потребен токму таков екстремен профил на политичар кој иритира секого и претставува спротивност на она за што се залагаат прогресивните либерали и левицата. Од првите масовни демонстрации против Трамп после изборите, жените му станаа главна опозиција. Во тој контекст американските фудбалерки бараа рамноправност со машките колеги во спортот кој, без традиција во САД, брзо растеше од пионерските седумдесетти и осумдесетти.

Од деведесеттите па натаму американските жени почнаа да доминираат во светот во женската варијанта на оваа спортска игра додека мажите, и покрај одредениот напредок, тешко фаќаа чекор со врвниот европски и јужноамерикански фудбал останувајќи на тој начин во светската „втора лига“. Во моментов американските фудбалерки се многу подобри од мажите, а овој тим светски прваци би можел да се мери и со многу машки екипи во Европа и јужна Америка. Главниот тренер и селектор Џил Елис, која порано го водеше универзитетот Мериленд, на ова светско првенство покажа такво знаење и способност што не треба да изненади ако наскоро стане првата жена во историјата која водела некој врвен европски професионален и тим и тоа со плата каква што добиваат најдобрите машки тернерски ѕвезди.

Алекс Морган и Меган Рапино

И покрај константните успеси и потврдената светска класа, американските фудбалерки останаа драстично и неправедно недоволно платени. И денес, иако ситуацијата е подобрена во однос на онаа од пред десетина години (иако и тогаш Американките беа светски и олимписки прваци) заработките на жените во однос на машките професионални атлети, останаа релативно мали. Алекс Морган, најдобрата фудбалерка во Америка минатата сезона и една од најдобрите на ова светско првенство, заработи севкуно од платата и реклами околу еден милион долари. Нејзината колешка од истиот тим, Меган Рапино, најдобриот играч и првиот стрелец на светското првенство во Франција, минатата сесона заработи вкупно околу 400 000 долари. Премиите и бонусите за златниот медал во Франција, за Американките беа под 200 000 долари по играч. Овие бројки се смешно мали кога ќе се споредат со заработките на професионалните атлети во САД, каде да речеме во американскиот машки фудбал каде не играат жени и во кошарката во НБА лигата, годишна заработка поголема од онаа на Меган Рапино имаат сите зашто загарантираниот минималец им е поголем, а од годишниот милион на Алекс Морган повеќе добиваат резервните играчи од просечните екипи. Кралиците на женскиот фудбал се сиромави и во споредба со професионалните фудбалери од Европските лиги. Балканските играчи на печалба во Европските лиги па и во Турција или Украина, заработуваат многу повеќе од Рапино и Морган.

Американките исто така го воодушевија па и го шокираа светот со својот општествен активизам кој е реткост кај машките фудбалски супер ѕвезди. Роналдо, Меси, Модриќ и другите најсјајни ѕвезди на светскиот машки фудбал ретко јавно се истакнуваат во смисла на каков било општествен ангажман, а не знаат ни да пишуваат ни смислено да зборуваат во јавност како што покажаа американските фудбалерки. Прославата на спортскиот триумф на Американките ја следеа не само спортски анализи туку и политички медиумски дискусии за неправедните плати за исти работни места на мажите и жените и за шовинистичката политика на Доналд Трамп во однос на жените и малцинските групи. Кампањата против Трамп и за половата рамноправност ја покренаа самите фудбалерки преку своите јавни излагања, написи, интервјуа, тужби на суд. Слоганот за еднакви плати кој го истакнаа членките на националната репрезентација на САД и го прифатија стотици илјади луѓе на американските улици и стадиони (и на стадионот во Париз во Франција каде се одиграа финалните натпревари на Светското првенство), не се однесуваше само на женскиот и машкиот фудбал или само на спортот. Се работи за општествен проблем во САД каде и натаму и покрај сите достигнувања на женското движење, за истите работи мажите по правило се подобро платени од жените.

И покрај бројните нови прописи против дискриминација на работното место, често, да речеме, вработени кои се сопружници на слични работни места, различно се платени и по правило жените имаат пониски плати. Кампањата за еднакви плати со машките колеги (иако некои сметаат дека американските фудбалерки впрочем мораат да бидат платени повеќе според способностите и заслугите), со критика за Трамп како претседател кој го поткопува единството на земјата, ја поттикна Меган Рапино како една од трите капитенки на американската репрезентација. Лишена од непотребен трумфализам, прославата за успехот на американските фудбалерки на светот му ја претстави легендарната различност видлива во кореографијата на секој настан, како и социјалната димензија, односно агендата за рамноправност, претворајќи го на тој начин овој настан во историски спектакл на прогресивниот свет. Повторно да скокнеме до балканските паралели, дочекот на светските шампионки во Њујорк на 10 јули беше неверојатен контраст на националистичката прослава во балканската паланка во чест на вицепрваците на светот, репрезентацијата на Хрватска, по враќањето од светското првенство во Русија 2018 година.

Овие млади Американки го претставија прогресивниот општествен активизам како една од компонентите на културата, менталитетот и националниот идентитет. Најпосле, актуелните светски прваци, репрезентацијата на САД, веројатно имаат повисоко образование отколку членовите на сите репрезентации кои учествуваа на последното светско фудбалско првенство за мажи во Русија каде играч со завршено средно училиште е реткост. Имено, американските фудбалерки во однос на машките колеги фудбалери и во САД и во светот, едноставно кажано, се пообразовани и попаметни но и тоа треба да се објасни во општествено историскиот контекст на развојот на женскиот фудбал во САД.

Американските фудбалерки и натаму се дел од системот во развој во кој сѐ уште не доминираат професионализацијата, комерцијализацијата и корпорациите, за разлика од машкиот врвен спорт каде талентираните момчиња се продаваат и стануваат спортски јаничари уште од 14-16 години. Речиси сите американски фудбалерки кои станаа светски прваци студирале и поголемиот дел од нив завршиле колеџи и универзитети и тоа не кои било, туку елитните како Северна Каролина, Беркли, Стенфорд, Пен итн. Движењето за женските права уште во 1972 година се избори за федералниот пропис познат како Title IX во рамки на Уставниот амандман за школството и образованието (Education amendement), кој ги поттикна средните училишта и универзитетите на студентките да им дадат повеќе спортски стипендии. Бидејќи американските девојки најмногу го избирале таканаречениот сокер-фудбал за разлика од ноторниот, груб, „машки“ фудбал, дојде до ренесанса на женскиот фудбал во Америка. Уште во деведесеттите е забележлив во популарната култура, како да речеме во познатите филмови како што е „10 нешта кои најмногу ги мразам кај тебе“ и „Сочувај го последниот танц“ во кои Џулија Стајлс специјализираше за улоги на талентирани студентки и фудбалерки, што женскиот фудбал стана идентитетска појава и културолошки феномен, а жените кои се занимаваат со него стекнаа имиџ на згодни и паметни девојки.

Наспроти машките атлети во професионалниот спорт како што се фудбалот и кошарката, жените спортистки биле релативно пообразовани, но успешните спортисти мажи полесно станувале мултимилионери уште во деведесеттите. Во Европа, немало женски фудбал, а европските фудбалери и фудбалските навивачи биле познати како ноторни примитивци. Во САД навивачките варвари од европски тип биле непознати, а благодарение на примерите како Мухамед Али или Карим Абдул-Џабар, и врвните машки професионалци богаташи знаеле да најдат време за прогресивен општествен ангажман. Американските жени особено, дури и во таквото анти-интелектуално милје каков што е професионалниот спорт, биле прогресивно општествено ангажирани и знаеле да формираат ставови за клучните општествени прашања.

Кон вториот дел.

Извор: https://www.xxzmagazin.com

ОкоБоли главаВицФото