„Цртеж - Експериментален цртеж“, изложба на ДЛУМ

22.07.2019 02:01
„Цртеж - Експериментален цртеж“, изложба на ДЛУМ

Друштвото на ликовни уметници на Македонија го најави отварањето на изложбата „Цртеж-Експериментален цртеж“ која што ќе се одржи вечерва, (22 јули), во Галеријата на НЛБ Банка, со почеток во 20:30 часот.

„Проектот „Цртеж-Експериментален цртеж“, тежнее кон разработен процес на крајно радикални отстапувања од институционалните вредности на самиот цртеж и неговото „ограничување“ и поврзаност со медиумот хартија како негов фундамент т.е. поддржувачки материјал. Иако цртежот е во целост независен медиум, основниот акцент за овој концепт е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини.

Почнувајќи од неговите традиционални форми, вметнати како дел од современите концепти, па сé до критичкото претставување и проширување на дефиницијата за медиумот во релација со гестикулацијата и формата, современиот цртеж не ги исклучува традиционалните техники, туку често го проширува полето на истражување и експериментирање вклучувајќи ги и соодветните радикални трансформации“, велат од ДЛУМ.

Изложбата е селективна, учествуваат 25 автори членови на Друштвото. Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, ставајќи го акцентот на нивната интердисциплинарна, когнитивна, перформативна или комуникативна функција. 

На изложбата учествуваат Глигор Стефанов, Кирил Гегоски, Славица Јанашлиева, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Дијана Томиќ Радевска, Жанета Гелевска Вељановска, Симонида Филипова Китановска, Марија Светиева, Слободан Живковски, Марина Цветановска Мартиновска, Агорн Абдули, Тања Таневска, Силвана Атанасовска, Љупчо Бојаров, Жаклина Глигориевска Кочоска, Иво Пецов, Игор Таневски, Марија Мицова Гацова, Златко Глигоров, Емилија Божиновска, Перо Кованцалев, Валентина Илијевска, Јовица Мијалковиќ, Ацо Таневски, Миливој Симеонов и еден автор од Р.Србија, Владимир Лалиќ.

Наградата за најдобар цртеж ДЛУМ ќе му ја додели на Кирил Гегоски, за делото „Цртеж-2019“. Настанот се организира во соработка со Дирекцијата за култура и уметност Скопско лето, а под покровителство на Град Скопје.