Фашизмот во Америка

23.07.2019 01:24
Фашизмот во Америка

Фашизмот доаѓа во Америка. Се шири не само од подземните движења на ултрадесничарските фанатици, туку и од самата Бела куќа. Тоа е единствениот рационален заклучок кој се наметнува по настапот на Трамп во Северна Каролина. Нема потреба да ми објаснувате колку тоа се разликува од вашите претстави за тоа што е фашизмот.

За време на триминутната тирада посветена на демократската членка на Конгресот, Илхан Омар, Трамп нејзина сметка изговори редица валканици, а насобраните луѓе почнале да скандираат: „Вратете ја дома!“; кон тоа се придружиле и неколку бели жени избрани да стојат и да позираат зад грбот на Трамп.

Илхан Омар е родена во Могадишу, но стекнала американско државјанство уште во 2000-та година. Таа припаѓа на популацијата од 40 милиони американски државјани, кои се прва генерација имигранти, што е 14 отсто од населението на Америка.

По серијата расистички твитови во кои напаѓаше четири припаднички на Конгресот од Демократската партија, се случи единствениот можен исход. Тврдењето дека левицата ѝ е туѓа на американската култура и дека би било најдобро политичарките како Александрија Оказио – Кортез да се вратат таму од каде што дошле нивните семејства, е јасен и пресметан обид да се придобијат гласачите склони на идејата за надмоќ на белата раса.

Од една страна, повиците за депортација на државјаните на САД со потемна кожа пред сè, овде се реторичко средство, као и повеќето испади на Трамп. Не постои закон според кој Илхан Омар и Александрија Оказио – Кортез би можеле да бидат „вратени“ каде било. Како и тогаш кога повикуваше да се уапси Хилари Клинтон, Трамп со таквите изјави ги вербализира противзаконските и ирационални фантазии на своите реакционерни гласачи.

Но новата стратегија на Трамп е многу повеќе од збир на реторички средства. Постојат милиони Американци кои можат да бидат „вратени“, бидејќи немаат регулиран престој или се деца на имигранти со нерешен статус.

Како и Рашида Тлаиб и Ајана Пресли, Илхан Омар и Александрија Оказио – Кортез храбро одлучиле да се спротивстават на нехуманиот третман на бегалците и мигрантите во прифатните центри. Реакцијата на Трамп покажува дека небелите Американци што искажуваат солидарност со луѓето кои се затвораат во кафези како животни и им се одземаат децата и самите можат да бидат прогласени за непожелни странци, иако имаат легален статус.

Ако ја слушате тирадата на Трамп во Гринвил, ќе забележите дека структурата на неговиот аргумент е позамјена од идеологијата на хитлеризмот. Почнува со „радикалната левица“ – тоа се „екстремисти“, противници на американскиот устав „кои ги отфрлаат темелните вредности на нашата нација“. Потоа преоѓа на Илхан Омар која, со серија неточни цитати, ја прикажува како личност што е подготвена да ги поддржи непријателите на Америка. На тоа додава неосновани обвиненија за антисемитизам. А насобраната маса поентира со скандирање.

Знаеме каде води тоа зашто познати ни се примерите од нацистичка Германија. Александрија Оказио – Кортез ги опиша прифатните центри на Трамп како „концентрациони логори“, што за некои можеби беше контроверзно. Сепак, она што довело до Кристалната ноќ и холокаустот беше расализацијата на германскиот политички дискурс проследена со расализација на германските закони.

Како и сите собири на Трамп, Гринвил беше класичен пример за она што Хана Арент го опишувала како „времен сојуз на толпата и елитата“. Целта, како и во Германија во 30-тите години, е да се пренасочи текот на историјата: да се поништи глобализацијата на светската економија, да се сопре ширењето на мултиетничкото и повеќејазичното општество, да се суспендираат законите кои ги гарантираат човековите права и еднаквите права за луѓето со поинаква боја на кожата.

Интересно е и што најмногу ги раздразнило присутните: тоа не бил демонстрант левичар кого го одвлечкаа од собирот. Тој само ги инспирираше да почнат да ѝ скандираат на Америка – како да несогласувањето со Трамп е знак на недостиг на патриотизам. Не, најмногу беа навредени кога Трамп кажа дека Илхан Омар „од висина гледа на вредните Американци и тврди дека во многу делови на оваа земја владее незнаењето“.

Да го кажеме тоа и гласно. Луѓето кои доаѓаат на собирите на Трамп не се глупави. Но покажуваат еден вид пресметана неинформираност. Тоа е движење кое ги порекнува наодите за климатските промени и се изјаснува против вакцинацијата, против експертите и против културата. Главен индикатор дали некој ќе гласа за Трамп не е сиромаштијата, туку уверувањето дека стекнувањето факултетска диплома е бескорисно.

Ако ве интересира кога и зошто делови на бизнис елитата се откажаа од начелната поддршка на идеите на либерализмот и станаа донатори на проектот на Трамп, одговорот е депресивно очигледен. Преплашени се макар и од можноста за дури и најмала редистрибуција на богатството и моќта што би можело да се случи ако дојде на власт администрација која банкарите, шпекулантите и саудиското кралство не ја држат во џеб.

Подготвени се да го искористат расизмот зашто во Америка и Британија се покажа дека тоа е најсигурниот начин да се мобилизира средната класа чиишто приходи и натаму се намалуваат и која од 2008 година живее во економска неизвесност.

Елита подготвена да се послужи со расизмот не е ништо ново. Но елита подготвена да прифати политизација на правосудниот систем, отворен непотизам и расализација на политиката – тоа е остар пресврт. Елита подготвена преку телепромптер да испраќа пораки на омраза целејќи кон политичарки кои во некои други времиња би биле славени како модел и пример за успех. Тоа е почеток на фашизам.

Тоа значи дека претседателските избори во 2020 година, дури и во случај да победи демократски кандидат, ќе произведат масовно плебејско движење инспирирано од сегашниот претседател, човек кој левицата, феминистките и луѓето со поинаква боја на кожа ги прогласува за непожелни странци. Во деценијата што доаѓа ќе доминира митот на белата Америка за „забодување на нож во грб“. А од пепелот на мандатот на Трамп нема да се излезе ништо добро.

Кој нема да се побуни ќе биде соучесник во злосторствата што следуваат.

Слики: Nate Kitch

Извор: New Statesman

 

ОкоБоли главаВицФото