Хелсиншки комитет: Лани регистрирани 123 дела од омраза

23.07.2019 01:48
Хелсиншки комитет: Лани регистрирани 123 дела од омраза

Хелсиншкиот комитет, по повод Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза, го презентираше Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2018 година. Преку тековниот проект „Превенција од дискриминација и справување со криминалот од омраза и говорот на омраза“, кој седум години по ред е финансиски поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Хелсиншкиот комитет во периодот од 2013 до крајот на 2018 година евидентираше 508 инциденти сторени поради омраза.

Во 2018 година регистриран е досега рекорден број на инциденти (123) споредено со сите претходни години. Трендот на зголемување на регистрирани инциденти сторени од омраза продолжува и во 2019 година, односно заклучно со јуни годинава, евидентирани се вкупно 109. Сите инциденти можат да се видат на нашиот интерактивен веб портал за регистрирање на инцидентите www.zlostorstvaodomraza.com

Бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64% од сите регистрирани инциденти. Скоро сите се случиле помеѓу припадници на македонската и албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство на жртви и сторители се малолетни лица/младинци.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска посочи дека Комитетот е единствен субјект во земјава, кој со поддршка на Мисијата на ОБСЕ го следи овој феномен, а Република Северна Македонија е единствена во регионот каде што државата не го прави тоа континуирано и систематизирано. Државата и понатаму не презема мерки за да ги спречи делата од омраза, но и говорот на омраза кој е главен фактор за предизвикување насилни инциденти. Според Пировска, главната забелешка е за Јавното обвинителство, кое не ги процесуира пријавите (ниту една од големиот број пријави поднесени од Хелсиншкиот комитет нема исход). Судовите, исто така, не ги третираат овие дела соодветно, односно не ја праќаат пораката дека државата се справува со овие дела.

За 123 инциденти минатата година, поднесени се само 24 кривични пријави, и тоа за случаи каде се инволвирани јавни личности и политичари, но не и за оние каде сторители и жртви се малолетници. Таа посочи дека Скопје е најнебезбеден град, имајќи предвид дека најголем број инциденти се случиле во општините Гази Баба, Центар и Чаир.

За превенирање и санционирање на делата од омраза, Хелсиншкиот комитет ги даде следните препораки:

Да се земе предвид искуството на државите членки на ЕУ во проширувањето во рамките на нивното кривично законодавство на опсегот/обемот на казнивите кривични дела од омраза и вклучувањето на другите мотиви на пристрасност позади овие дела;

Да се осигура брза, ажурна и ефективна истрага и гонење на делата од омраза гарантирајќи дека пристрасните мотиви се земени предвид и во текот на кривичната постапка;

Да се преземат соодветни мерки за да се потпомогне пријавувањето на делата од омраза од страна на жртвите, вклучувајќи мерки да се изгради доверба во полицијата и во другите институции;

Да се соберат и објават сеопфатни и компарабилни податоци за делата од омраза, колку што е можно повеќе, вклучувајќи го бројот на такви инциденти пријавени од јавноста и евидентирани од страна на органите за спроведување на законот, бројот на осуди, пристрасните мотиви позади тие кривични дела и казните изречени на сторителите;

Да се осигура дека жртвите на делата од омраза се поддржани и заштитени;
Да се унапреди обуката на релевантните практичари кои доаѓаат во контакт со жртвите на дела од омраза, притоа овозможувајќи им ефикасно да им помагаат на овие жртви;

Да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото, и преку рефлектирање на едукацијата за човекови права, наставните планови по историја и релевантните обуки, преземање чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната разновидност и инклузија, особено на децата и младите луѓе.