Петиција за поддршка на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски

23.07.2019 02:04
Петиција за поддршка на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски

Речиси 4000 граѓани ја потпишале онлајн петицијата за поддршка на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, кој јавно кажа дека државни функционери незаконски стекнувале факултетски звања на Државниот универзитет во Тетово, меѓу кои и актуелниот министер за образование Арбер Адеми.

„Кажете еднаш засекогаш НЕ! за криминалот во Македонија“, пишува во отворената петиција.

Дисциплинската комисија при Државниот просветен инспекторат на 19 јули утврди дека има основи дисциплински да се казни инспекторот Илиевски и кратко соопшти дека утврдиле прекршок, но не сакаа да откријат  детали за причините за оваа одлука, додавајќи дека постапувале според Законот за административни службеници.

Инспекторот Илиевски изјави дека очекува директорот да му даде отказ на шест месеци пред пензија, најавувајќи дека целиот случај ќе продолжи да го води низ судска постапка.Тој се сомнева дека целиот процес против него се води поради тоа што зборувал за медиумите, имал средби со амбасадори и се обратил до другите институции да ги истражуваат незаконитостите за кои алармирал.

Илиевски изминатиот период со документи и отворени писма во медиумите, откри дека при инспекциите биле утврдени незаконските унапредувања на јавни функционери во наставно-научни звања на Државниот универзитет во Тетово. Покрај министерот за образование Арбер Адеми, тој ги споменува и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули.

Фотографија: ТВ 24