„Талир“ – еден од главните проблеми на Мицкоски за новото „СЈО“

23.07.2019 23:15
„Талир“ – еден од главните проблеми на Мицкоски за новото „СЈО“

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во интервју за порталот „Република“ даде изјава што ја сметаме за недоследна:

Проблемот настанува кога Зоран Заев сака на сила да протурка решение кои би било ново СЈО затоа што тоа исто обвинителство би го воделе компромитирани кадри, па дури истите од ова постојното СЈО, со задача да му помогне на Заев да остане на власт, исто како што му помогна да дојде. И што би се случило хипотетички, би се продолжил случајот „Талир“, кој е случај против ВМРО-ДПМНЕ и кој е исклучиво политички конструиран, а позади тоа би се амнестирале вистинските криминали на власта.

[Извор: Република – „Власта сака компромитираното СЈО…“-, датум: 21.07.2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање за новиот предлог-закон за Јавно обвинителство, со кое се решава и судбината на постојното Специјално јавно обвинителство (СЈО), дава изјава дека е против зашто, „хипотетички“, случајот „Талир“ би продолжил, а за него тоа бил политички монтиран случај. Ваквата изјава на Мицкоски е недоследна.

Недоследноста произлегува од фактот што Мицкоски и другите високи фукнционери на опозициската партија, заедно со портпаролите, постојано излегуваат со тврдења дека тие се за искрена и целосна борба против криминалот и корупцијата во земјата, дека Заев не само што потфрлил, туку бил и најголемиот криминалец или шеф на криминалната банда или глава на октоподот, па затоа тие, опозицијата, се залагаат за закон кој што ќе бил по европски стандарди, правни норми и слично.

Но, токму тука лежи недоследноста на изјавата на Мицкоски. Имено, ако е за сериозна борба пртив криминалот и корупцијата, прво, нема да се согласи системските закони да се прават со политички договарања на сметка на правни стандарди, второ, случаите на некое обвиnителство нема да ги оценуваат како политички и местени, исто како и одлуките на судовите да судат по тие обвиненија.

Иако ВМРО-ДПМНЕ сите случаи на СЈО ги оценува како полиички прогон, во фокусот очигледно е дека се наоѓа случајот „Талир“, со кој се опфатени повеќе лица кои сега или порано биле на високи функции во партијата и кои се обвинети за незаконско финансирање, перење пари и слично.

Всушност, случајот „Талир“ е најголем случај од сè што работеше СЈО, ако се исклучи Таргет-Тврдина, во кој се докажува како и по чии налог се вршени прислушкувањата.

„Талир“ и по датуми е реалтивно чист случај. Иако обвинението е покренато во ноември 2018 година, истрагата е обзнанета на 22 мај, значи пред рокот од 30.06.2017 година. Но, бидејќи обвинението е прифатено и тој случај се тера во Основниот суд во Скопје, иако многу бавно и со постојани одложувања, очигледно е дека е многу важен за ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, тоа може да се види и од причините поради кои рочиштата досега се одложуваа, а кои ги документираше еден од медиумите што постојано го следи случајот. Новото рочиште е закажано за септември 2019 година.

Станува збор за повеќе обвинети лица, меѓу кои првообвинет е и бегалецот Никола Груевски. Тие се обвинети за злоупотреба на службена положба и овластувања во најголем дел, а станува збор за незаконско финансирање од најмалку 4,9 милиони евра во период од 2009 до 2015 година, за перење пари, за незаконско вложувања во над 70 недвижнини, и за незаконско финансирање на изградбата на партиското седиште. Случајот е поделен во два обвинителни акти, а се постапува по првиот, со многу одложувања, но и со една пресуда со спогодба за Елизабета Чингароска, која ја призна вината.

Кога беше покренат случајот, но и кога беа поднесени другите обвиненија во дадениот рок, бегалецот Никола Груевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е нападната и дека СЈО била само канцеларија на СДСМ.

По што се разликуваат изјавите на Мицкоски и на другите високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ од оваа на Груевски. По ништо, дури и пред случајот „Рекет“ и пред инволвирањето на Катица Јанева во овој случај.

Оттука, ако навистина се залагаат за правна држава и за борба против криминалот и корупцијата, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема да го врзуваат политички новиот предлог-закон за Јавно обвинителство и нема да го условуваат со имиња или со решенија во кои, „хипотетички“, некој случај нема да продолжи пред судовите.

Затоа, изјавата на Мицкоски за тоа зошто е против предлог-законот што го претстави Владата и Министерството за правда и дека тоа претставува решение што Зоран Заев сака да го протурка ја оценуваме како недоследна. Впрочем, да не се заборави, дека токму и единствено Мицкоски одби да учествува на лидерската средба на која една од трите теми беше новиот предлог-закон за Јавното обвинителство.

ИЗВОРИ:

Република – Власта сака компромитираното СЈО да го замени…– [Проверено на 23.07.2019]
Призма – Осомничените лица за „Талир“
А1Он – За пет месеци девет пати е одложено судењето…
Макфакс – Елизабета Чингароска ја призна вината…
Призма – Груевски: ВМРО-ДПМНЕ е нападната
МЕТА – Мицкоски не гледа потреба да присуствува на лидерската

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер