Сестринство и единство: Американската женска фудбалска револуција (2)

24.07.2019 00:00
Сестринство и единство: Американската женска фудбалска револуција (2)

Триесет и четиригодишната девојка од Калифорнија, Меган Рапино, најдобриот играч на Светското фудбалско првенство за жени, создаваше и пишуваше историја и тоа не само спортска, туку политичка, општествена и културна. Блесна во оваа 2019 година така што со право би можела да конкурира за личност на годината на списанието „Тајм“. Освен претходно освоеното злато за САД на светските првенства, со петте голови кои ги постигна во Франција и бројните асистенции за соиграчите, Рапино иницираше тужба преку Федералниот суд заради дискриминацијата на членките на американската фудбалска репрезентација против фудбалската федерација на САД. И време беше на таков начин да се фрли ракавицата на организацијата која се осуди да запише 400 милиони долари во фондот за награди и премии за машката американска репрезентација на Светското првенство иако во кариерата освоиле само една бронза на Светскиот куп, а само 30 милиони за женската репрезентација која доминира во светскиот женски фудбал веќе триесет години со осум освоени златни медали на светските фудбалски првенства и олимпијадите. Покрај тоа, Рапино, како долгогодишна активистка за правата на ЛГБТ популацијата настапуваше во таа улога со неверојатна харизма, самоуверено и речиси триумфално за што пионерките во оваа борба за слобода како Били Џин Кинг и Мартина Навратилова можат само да сонуваат. За нејзиниот подем е заслужна и нејзината партнерка Су Бирд, една од најдобрите кошаркарки во светот, врвен плејмејкер која ја организира играта на своите екипи уште од доминацијата на Универзитетот Конектикат па до професионалната кариера во ВНБА.

Кога американскиот десничарски претседател-силеџија Доналд Трамп почна јавно да ја навредува Рапино по нејзината изјава дека во случај на освојување на златниот медал не би отишла во Белата куќа на повик на непособниот политичар чија идеологија и однесување ги осудува и му дозволила да профитира од туѓиот труд и способност, Су Бирд во списанието „The Players Tribune“ објави сјаен есеј со наслов „И, значи така, претседателот ебено ја мрази мојата драга“. Во текстот Трамп го нарече пубертетлија и ја осуди неговата политика со која ги раздвојува луѓето и ги навредува сите кои не се сложуваат со него и кои не го идолизираат, додуша призна дека многу негови постапки предизвикуваат страв, но изрази надеж дека добрите, храбри и способни луѓе кои ги претставува Меган Рапино и другите прогресивни политички активисти ќе го поразат ова моментално зло. Покажувајќи ја дарбата за креативно пишување каква ретко може да се најде кај професионалните атлети но и кај 90 проценти од американската Републиканска партија, Су Бирд потоа ги опиша исклучителните човечки и спортски квалитети на Меган Рапино изјавувајќи ѝ љубов и поддршка во сите аспекти на нејзиниот активизам.

Иако Меган и Су како и целата американска сега веќе култна фудбалска репрезентација се славни и познати кои ги поддржуваат стотици милиони обожаватели во САД и ширум светот, не им беше лесно со Трамп и неговата војска. Особено брутално и со бројни монтажи и пропагандни трикови ги напаѓаше злогласниот десничарски телевизиски канал Фокс Њуз. Подалеку можеби отиде милитантниот десничар и теоретичар на заговори Себастијан Горка, поранешен советник на Трамп во Белата куќа, кога урлаше пред репортерите: „Меган Рапино, жената која провоцира со бојадисување на косата во розева боја, се замислува дека е голем воин, таа и женскиот фудбалски тим, сакаат да уништат сѐ што е здраво и добро во нашата земја и нашата Јудео-христијанска цивилизација“.

И покрај ваквите обиди, ова своевидно општествено движење знаеше како да го искористи триумфалниот историски момент и да создаде синтеза од спектакуларната прослава како парада на национално единство, веселба и шанса за општествениот активизам па дури и маркетиншки профитабилна модна ревија. Настапувајќи под слоганот „Една нација - еден тим“, американската женска фудбалска репрезентација, наспроти нарцисоидниот трампизам, не се славеше себеси туку и својата земја и нејзиното единство во различноста. Меган Рапино, која уште претходно му порача на Трамп да престане да исклучува и да почне да ги обединува луѓето, на њујоршката парада одржа краток но прекрасен, речиси епски говор кој веќе влегува во историјата и училишните учебници како „Победничкиот говор на Меган Рапино во 2019 година“. Рапино во овие настапи изгледаше како личност над доменот на спортот, како некој што е свесен за пошироката општествена и историска мисија, дури и културна и општествена револуција која ја воведува, кога рече: „Ние сме спортистки, ние сме фудбалска екипа, но овој тим на своите плеќи носи посебна одговорност, ние ја разбираме и нашата улога во општеството и светот, да, ние сме жени во врвен спорт, играме фудбал, но сега сме многу повеќе од таа игра, ние сме толку многу повеќе од тоа...“

Во својот епски победнички говор, Меган Рапино го кажа и ова: „Ова е мојата порака за сите и за секого. Мора да бидеме подобри. Мора да покажеме повеќе љубов, мора да мразиме помалку, мора повеќе да се слушаме едни со други, а да зборуваме помалку. Меган Рапино ви вели: наша одговорност е да го направиме светот подобро место за живот...“ Продолжувајќи со дискурсот на единството, ко-капитенката Алекс Морган добивајќи ја наградата за најдобра женска спортистка во Америка на телевизиското доделување на наградата ESPY извикна: „Ве молам, девојки! Сега имам дваесет и две сестри!“

Тешко е да се процени колку потресот од оваа американска но и глобална фудбалска револуција се почувствува на Балканот и колку на овие простори воопшто се сфаќало што се случува и какви се пошироките општествени реперкусии од тие настани. За разлика од машкото светско првенство во Русија 2018 година, кога се пренесуваа сите натпревари, регионалните телевизии пренесоа само неколку финални мечови а медиумски одеци и коментари имаше малку, ако воопшто е споредливо со следењето на настаните во машкиот фудбал. Традиционалните институции не трпат предизвици и алтернативи. Машкиот фудбал и машко-клерикалната религија на овие простори во последните триесет години е спротивна на сѐ што е прогресивно и здраворазумско па тешко би поминала толку драстична промена како што е интересот за женскиот фудбал. Ни регионалните левици не знаат многу за американскиот женски фудбал во неговиот спортски и општествен контекст, а и оние левичари кои и натаму лојално го следат машкиот фудбал во неважните лиги на балканските државички, тешко дека нашле време и мотивација да го гледаат Светското првенство за жени. Меѓутоа, вибрациите можеа да се почувствуваат во светот за време на светското првенство во татковината на Француската револуција.

На интернет покрај прекрасните моменти од фудбалските арени достапни се и епизодите како скандирањето против Трамп на улиците на Париз или она громогласното „Еднакви плати!“, на финалниот натпревар. Припадниците на генерацијата која ја проследи траумата од распадот на СФРЈ, ако го следеа овој спектакл, можеа да повлечат некои паралели помеѓу оваа сегашност кога американската прогресивна женска фудбалска револуција се случува во САД на Трамп и во светот кој покрај растечките еколошки проблеми го контаминираат сѐ побројните авторитарни машки популисти и оние од доцните осумдесетти и раните деведесетти.

Репрезентациите на СФРЈ во кошарка, ватерполо, тенис и другите трофејни спортови, црпејќи ја хемијата од братството и единството слична на онаа која ги инспирираше американските фудбалерки во нивното „сестринство и единство“, потврдија дека општеството со различности е она кое дава сила и предност ако се знае да се чува и култивира. Ако кон крајот на осумдесеттите во Југославија не се појавеа слични патолошки ликови популисти и националисти како претходниците на Трамп и Путин, какви што беа Милошевиќ во Белград, или Туѓман во Загреб како комбинација на Орбан или Болсонаро, и Алија како некаков прото-Ердоган и Бин Салман во Сараево, СФРЈ денес ќе освојуваше уште злато и сребро на светските првенства, Олимпијадите или Вимблдоните отколку она златно доба од шеесеттите и осумдесеттите.

Но, САД никогаш не биле толку кревки и ранливи како СФРЈ, ни во најдобрите денови, а во кризите особено, со уверување дека американската демократија како многупати претходно ќе ги апсорбира општествените тензии. Освен тоа, најтешкиот проблем на Америка денес е еден нарцисоиден и инфантилен, а неспособен државник, како што американскиот филозоф Ноам Чомски неодамна го опиша Трамп. Против Трамп не се само повеќето гласачи на изборите кои во 2016 година на неговата противкандидатка ѝ дадоа три милиони гласови повеќе од него, туку и целиот народ како афроамериканскиот и латиноамериканскиот и пред сѐ американските прогресивни жени. Го бојкотираат и странските државници и угледните Американци.

Деновиве, светските шампионки, членките на женскиот фудбалски национален тим ќе гостуваат во највисоките институции на американската демократија. Во претставничкиот дом ќе ги дочека челничката на Демократската партија, Ненси Пелоси и иконата на светскиот демократски социјализам, симпатичната конгресменка Александрија Оказио Кортес, а потоа ќе ги поздрават и стотиците пратеници и пратенички. Во Сенатот ќе ги поздрават сите сенаторки што ги повикаа, сите демократски сенатори, а ќе се провлечат и републиканските зашто луѓето не треба да се исклучуваат, како што тие го прават тоа. Меѓутоа, нема да одат во Белата куќа кај Доналд Трамп и неговата Словенка, Меланија.

Можеби деновиве се наѕира и крајот на Трамп и трампизмот. Најавен е на историската локација на Француската револуција во Париз, а потоа на улиците на Њујорк и триумфалната парада на американските фудбалерки и нивните јавни настапи. А кога ќе падне Трамп, добрите вибрации ќе се прошират низ светот. Веројатно кај своите народи и кај Русите, Турците, Бразилците, Унгарците и Италијанците кои имаат популистички влади, ќе најдат подобри луѓе и подобри лидери од овие ликови кои денес им се на грбот и чии грди лица деноноќно нѐ плашат. Дваесет и првиот век почна грозно со терор и војна, а и сега со него доминираат грдите лица на популистичките водачи со авторитарни амбиции.

Сепак, на парадата во Њујорк можевме да видиме поубави лица. Веселите девојки во летни фустани најавија еден поубав 21 век. Разиграни на платформата на парадниот градски автобус, со високиот, тромав но добродушен градоначалник Де Блазио со американското знаме во рака, покажаа и што е гордост со покритие, што е резултат на напорна работа, љубов и слога меѓу луѓето па дури и како изгледа тој фамозен демократски социјализам кој левицата го нарекува алтернатива на дискредитираниот неолиберален капитализам. Во склоп на маркетиншките обврски кон капиталистичкото потрошувачко општество кое никој не сака да го промени туку само да исправи некои екстреми, американските славни девојки за летната сезона 2019 ги претставија скапите модни крпчиња и дизајнерски очила за сонце од бутиците на Петтата авенија, а притоа заедно со илјадници фанови скандираа: „Еднакви плати, еднакви плати!!!“

Крај.

Кон првиот дел.

Извор: https://www.xxzmagazin.com