Заглушувачката бучава на чаршиските скрежови

24.07.2019 17:26
Заглушувачката бучава на чаршиските скрежови

Човек не може да си го дозволи луксузот да ја напушти библиската земја ниту за две недели, зашто ќе му се случи да отпатува од една татковина, а да се врати во друга. Кога ова некни ми се случи и мене, уште на прагот од родната грутка ме дочека таква заглушувачка врева на возбудената чаршија, што помислив дека тоа никако не може да биде мојата сакана дома, апатична и трпелива, што сопственото поробување, ограбување и силување од страна на ВМРО – Фашистичка, не само што го толерираше немо и „достоинствено“ безмалку цела деценија, туку продолжи опстојно да молчи за огромниот системски злостор над македонското општество и култура сѐ до овој миг, среде неподносливиот татнеж на чаршиската јарост!

Што сѐ не ечи и одѕвонува во етерот: неподнослива корупција, пропаст на владата, криминал во СЈО, предвремени избори како единствено решение на оваа катастрофа што светот не ја видел од своето настанување пред 6.438 години, итн. итн. Кога излегував од земјата, чаршијата подмолно ромореше дека оваа влада е иста со претходната, а кога се вратив ме заглуши пискот дека власта била дури 100 пати полоша од онаа на ВМРО-Фашистичка!

Сеќавање од летувањето во Дубровник

Заглушувачкиот вресок на многуте гласови што ме дочека на портите на татковината, на сосем неразбирлив начин ми побуди сеќавање од најраното детство – толку далечно што и овој миг го гледам зад очите во избледени бои, како во старите рачно боени црно-бели фотографии. Сеќавањето е од летување во Дубровник, ќе да беше 58 или 59 година од минатиот век, кога родителите решија да појдеме на излет на Локрум, ненаселено островце што го затвора јужниот поглед кон морето од дубровничката тврдина. Островцето е всушност една поголема карпа, раскршена и фрлена во морето, неверојатно густо пошумена со медитерански дабови и борови, црни јасени и италијански пињоли, што останале од ботаничката бавча, создадена некој век порано за австрискиот надвојвода Максимилијан, кој одбрал токму таму да си направи летна резиденција… дрвја што потем се одметнале од градината за да го „заземат“ целото островце.

Елем, кога кажав „ненаселено островце“, мислев ненаселено од луѓе, зашто Локрум – барем таа година – го населуваа сигурно повеќе од 100 милиони цикади, кај нас познати како скрежови, или како што децата ги викаат „жежи-печи“, што се бездруго најгласните инсекти што ги населуваат жешките медитерански гори. Оваа бројна популација скрежови создаваше вистински ѕид од бучава, во кој се треснавме во моментот кога излеговме од чамецот и зачекоривме по поплочената марина, а потоа по тврдата кафено-црвена земја, на која под боровите не можеше да се вкотви ниту едно влакно трева. Се сеќавам живо и некако телесно – какви што се сите сеќавања на болки – дека бев цел ден збунет и затапен од звуковната агресија што ја произведуваше љубовната песна на скрежовите, и дека крајниот ефект од агресивната бучава беше сосем контроверзен: ми предизвика комплетно исклучување на мозокот, практично престанок на работа на свеста и каква и да е разумна мисла, а оваа празнина ја беше исполнила лесна, воздушеста и како во убав сон мека тапост и кретенски среќно отсуство на умот…

Слично беше и кога се рушеше Бучковски

Втората асоцијација што ми ја побуди медиумската врева на влезот во татковината – или попрво ќе да е вистинско дежаву – е периодот од есента 2005 до следното лето 2006, кога сите, ама буквално сите медиуми и чаршиски мегафони, тркалаа секојдневно корупциски и други афери и аферички, рушејќи ја владата на Бучковски, барајќи предвремени избори и градејќи ги пропилеите низ кои торжествено, како „спасител“, „во името на неолиберализмот, демократијата и владеењето на правото“ го проведоа Груевски, да владее автократски повеќе од деценија, да го престори целото општество во бљутава органска смеса од кич и фашизам, грабеж и кретенизам, што го уништија вкупното државотворно, општествено, културно и душевно наследство што македонската република го градеше шеесет и кусур години. И тогаш, како и деновиве, јароста на „правдољубивата“ чаршија беше во потполна диспропорција со тежината на корупциските афери; и тогаш јавноста се однесуваше како да болува од тотална амнезија која ги избришала сите факти за размерите на катастрофата во која ВМРО-ДПМНЕ ја вовлече земјата 2001 година, како и свеста за ноторната реалност дека на владите на Црвенковски, Костов и Бучковски им требаа 3,5 години по вмровската катастрофа само да ги санираат штетите и да ја доведат библиската земја на позитивна нула…

Да, почитувани читатели, овие чудни асоцијации ми ги разбуди непропорционалната силина и бучавост на јавната реакција на скандал, за кој уште не се знае ништо суштинско и цврсто; скандал што „тежи“ 1,5 милиони евра, кој допрва влегол во нормална правно-судска постапка. Зошто непропорционална? Па, корупцискиот скандал од единаесетгодишното владеење на ВМРО сѐ уште тежи една милијарда евра народни пари само во бетонско-стиропорните фекалии од „Скопје 2014“, пет милијарди бесправно изнесени евра во островските „даночни раеви“, уште најмалку три милијарди евра украдени буџетски пари за потребите на партиско-мафијашката фаланга на ВМРО, криминализација на сите институции на државата – од Парламентот и Владата, до Уставниот, Врховниот и основните судови, а за декапацитирањето на институциите и кретенизација на целото општество и да не зборувам! Ниту едно од овие злосторства – што во споредба со рекетарскиот скандал што ја тресе земјата се точно математички 10.000 пати поголеми – не е разрешено, не се попишани ни штетите, ниту жртвите; никој од стотиците невино осудени не е рехабилитиран, никому не се исплатени штетите што се направени од страна на злоупотребената држава, фашистичките споменици што не обележуваат како малоумна нација уште гордо стрчат…., додека ВМРО-ДПМНЕ столува во украдената бела cassa del fascio и царува како моќна опозиција во Парламентот, а целото општество се однесува како со лоботомија да му е искорната меморијата и како ништо воопшто и да не се случило?! И, едвај дочекавме скандал „со високо позиционирана личност“ за со хистерично алалакање, зурли и тапани, веќе да почнеме да го подготвуваме враќањето на ВМРО на власт?! Бидејќи „биле 100 пати бољи“?!? Кои сме ние тоа кретени? Очигледно дека локрумската популација скрежови била каде-каде помудра од оваа тука, составена од сапиенси, што го населува проколнатово балканско острово на глупоста.


Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото