Со Велика Британија владее самодоволна елита - затоа е во криза

25.07.2019 11:04
Со Велика Британија владее самодоволна елита - затоа е во криза

Пред неколку недели Борис Џонсон одржа говор пред Кралското друштво за хортикултура во местото Визли во Сари, а потоа продолжи во богатото село Оксшот да купи малку кобасици со естрагон и анис и да испие кафе во кафулето „Munch and Wiggles“. Во серијата интервјуа кои ги даде во текот на денот, одбиваше да ја коментира фотографијата на која позира со својата партнерка Кери Симондс. Но повеќе пати повтори дека нема сомнение за тоа дека до крајот на октомври, Велика Британија ќе излезе од Европската унија „како знае и умее“.

Истиот ден, Фондацијата Сатон и Комисијата за општествена мобилност објавија извештај за истражувањето на елитизмот во Британија кој „покажува слика на држава со чии структури на моќ доминира мал сегмент од популацијата, со многу ниска мобилност на општественото скалило и без знаци дека ситуацијата ќе се поправи“. Оние што посетувале приватни училишта се само 7 отсто од населението на земјата но 39 отсто од елитата; дипломците од Оксфорд и Кембриџ се помалку од 1 отсто од популацијата, но за нив се резервирани 24 отсто од елитните позиции во државата. Судиите во високите судови, помошници на министри, секретари со трајни мандати и дипломатите спаѓаат во редот професии кои се најмалку репрезентативни во државата во целина. Зад нив не заостануваат ниту претставниците на медиумите, особено колумнистите.

Постои јасна и непобитна врска помеѓу длабоко всадената и скаменета класна стратификација на британското општество и жалосниот хаос во кој денес се наоѓаме. Генетското вирче од кое се пополнуваат редовите на елитната политика е устоено. Оние што ги пишуваат законите ја контролираат работата на државните органи кои ги спроведуваат, ги толкуваат во судниците или ги коментираат во весниците – му припаѓаат на толку мал општествен слој што сите нив би можеле да ги сметаме за една иста личност. Иако немаат мнозинство, нивната критична маса е таква што можат да го дефинираат тонот, да ја обликуваат културата и да ги поставуваат параметрите на она што се смета за институционално прифатливо.

Таквата ситуација е секогаш апсурдна и нездрава, а во последно време станува и неодржлива. Премиерот кој пред неколку години нè турна во хаосот на брегзит, одел во исто училиште и посетувал исти клубови на истиот универзитет како новиот премиер. Никој не помислува дека тоа е непријатна коинциденција. Зашто така функционира Британија, или може да се каже – не функционира.

„Моделот на водство во нашата земја се распаѓа“, пишуваше „Економист“, минатиот декември, списание кое никој не може да го обвини за симпатии кон марксистите. „Со Британија управува елита опседната со самата себе, група која припаѓањето кон својот сопствен ексклузивен клуб го цени повеќе од компетентноста, а самоувереноста повеќе од стручноста“. Зачудувачкиот неуспех на интеграцијата во оваа земја нема никаква врска со муслиманите или расата, проблемот е во тоа што луѓето кои ја водат државата и го коментираат тоа што се случува во неа имаат крајно недоволно искуство на животот со кој живее мнозинството на нивните сонародници. Изгледа дека последиците на преголема оддалеченост се катастрофални.

За да ги предупредам очекуваните критики, нагласувам дека не можеме да ги обвинуваме луѓето затоа шо се родени во богати семејства или заради школите во кои учеле. Исто така и малиот број на оние припадници на работничката класа кои некако успеваат да се дограбат до Оксфорд и Кембриџ заслужуваат восхит. Проблемот не е во поединците, туку во системот кој ги наградува привилегиите и ги привилегира богатите, овозможувајќи им повеќе можности, богатство и моќ на оние кои не го стекнале самите, додека на останатите им го ускратува пристапот.

Класната привилегија не е ништо ново. Сите тројца британски премиери во периодот од 1955 до 1964 година се школувале на Итон и во Оксфорд. Но од тоа време се промениле неколку работи кои ја прават проблематична натамошната доминација на овој тенок општествен слој. Пред сè, нивото на доходовната нееднаквост драстично пораснал. Според податоците на експертското тело „Equality Trust“, од 1938 до 1979 година, дел од доходот кој припаѓа на врвот на доходовното скалило, паднал за 40 отсто, додека делот кој припаѓа на најниските позиции малку пораснал. По 1979 година тој тренд почнал да се менува и денес практично е стопиран. Реалните плати уште не се вратени на нивото од пред кризата.

Олигархиските тенденции во економијата се зацврстуваат и се засилуваат и преку политиката и пошироката култура. Луѓето на кои им припаѓа сè добија и право да управуваат со сите работи. Водечкиот кандидат на ториевците, Борис Џонсон не е само производ туку и голем застапник на тој систем. Кога бара големи даночни олеснувања за богатите, гледаме дека станува збор за кандидат кој веќе има многу и сака уште повеќе. Кога нагаѓа дека минималната надница изнесува „веројатно околу 10 фунти“, а всушност е 8,21 фунти, гледаме дека станува збор за кандидат кој не знае речиси ништо за луѓето што немаат многу и не е подготвен да учи. (Замислете што би ја снашло Дијана Абот да направеше слична грешка).

Второ, очајничките обиди да се сочува монополот предизвикуваат сè поекстремни последици. Се наоѓаме во период на долготрајна криза и длабока поделеност, а креаторите на таквата состојба се припадници на финансиската елита чиешто непромислено однесување првично беше толерирано, а потоа простено, отпишано и заборавено благодарение на политичките елити. Малку е веројатно дека истата таа елита може да произведе креативни и радикални решенија какви што денес ни се потребни.

Брегзит е само највоочливата манифестација на кризата со која се соочуваме. Трката на ториевците за водечката позиција покажува колку сме неподготвени да е носиме со нив. Станува збор за партија која на последните шест избори го освоила мнозинството само еднаш, а сега се подготвува да го избере третиот лидер во рок од само три години. Водечкиот кандидат е непоправлив манипулатор, лажливец, женскарош и опртунист, кој најмалку им се допаѓа на оние кои најдобро го познаваат. Противкандидатот е безнадежен. Прашање е колку долго и двајцата можат да издржат на премиерската позиција.

За тоа време, медиумските елити, кои главно припаѓаат на истата класа како и нивните финсиски и политички партнери, се опседнати од кризата на водството и наводно „неупотребливата„ Лабуристичка партија, која четири години има свој лидер и на последните избори го зголеми бројот на освоените гласови и места. Практично секој поважен политички настан, од брегзит до последните два изборни циклуси, припадниците на медиумската елита погрешно го протолкуваа.

Овде проблемот не е во Џереми Корбин или партиските интереси, иако и тоа би можело да биде добро прашање, туку во перспективата или пропорционалноста. Една од причините зошто британската политика денес е толку тешко да се разбере е тоа што мнозинството на оние кои се надлежни да ја критикуваат и толкуваат се толку длбоко заплеткани со предметот на својата критика што веќе не можат јасно да гледаат. А тоа нè доведува до завршниот заклучок. По Втората светска војна, Британија успееала да се убеди себеси дека е мериократско општество. Денешната ситуација покажува дека тоа била лага и илузија. Ако мислите дека Борис Џонсон е најдобар кандидат за задачата што е пред нас, тогаш не знаете ништо за задачата што нè чека. Или не знаете ништо за Борис Џонсон.

Како што забележува Џејм Вуд во „London Review of Books“, на Итон ги учеле како „без напор и супериорно“ да му се наметнат на остатокот од светот. Но тие луѓе денес одат од грешка во грешка. А дури и кога прават катастрофални грешки, продолжуваат да се качуваат нагоре зашто и понатаму сосема незаслужено им даваме доверба.

Карикатури: Ben Jennings

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото