Џејмс Карен – Гифови

25.07.2019 14:26
Џејмс Карен – Гифови

 Гифовите на лондонскиот уметник и дизајнер Џејмс Карен (JAMES CURRAN) се експлозивно енергични. Создаваат ефект на незапирлива брзина и преплавувачко движење и преполни се со откачени урбани ликови, дел од кои ќе ви биде забавно да ги барате во својата околина.


Неговите гифови се совршено флуидни и предизвикуваат комфорно, скокотливо задоволство кај гледачот. Илузијата на совршен контиунитет често ја постигнува со едноставни средства, на пример со повеќекратна промена на боите при повторливото движење што создава хипнотички ефект, или со создавање комплицирани шеми кои на прв поглед изгледаат хаотично. Но таквиот хаос не е збунувачки, туку го привлекува гледачот како загатка во која се обидува да го открие засебното функционирање на секој дел во преплавувачката целина. Гифовите го доминираат вниманието со своите брзи, понекогаш секавични движења, го заробуваат погледот и го влечат со себе во својата уникатна матрица.

Дизајнот е интегрален дел и почетна точка на нарацијата во неговите кратки дела. Идејата, хуморот, суптилните коментари се идеално врзани со веселиот, впечатлив колорит и инвентивната анимација. Со секое повторување гледачот инстинктивно очекува да искрсне нешто ново.


Во својата работа комуникацијата со гледачот Карен ја пренесува и во поинаква област. Тој гиф-форматот го нуди како медиум за маркетинг и рекламирање, со многу суптилно пласирање на комуницираниот бренд, а истовремено задржувајќи ја атрактивноста на делото надвор од комерцијалниот контекст во кој е создадено. На пример, во линија гифови за светска телекомуникациска компанија создава игриви дела во кои интензивно ја користи заштитната боја на брендот а во серија гифови за бренд на пијалак наоѓа креативни начини за употреба на производот.

Еден од начините на кои овој уметник ја одржува својата креативност е со правењето Гифатлони – за секој ден од престојот во некое ново место тој создава по еден гиф инспириран од настан или глетка. Досега има направено гифатлони за престоите во Њујорк, Лос Анџелес и Токио. Подолу можете да ги видите неговите 30 гифови за Њујорк, споени во единствено видео.

NYC Gifathon from James Curran on Vimeo.

 


Повеќе за Џејмс Карен и неговата работа на неговата веб страна.
https://www.slimjimstudios.com/

Слични содржини

Графички Дизајн / Култура / Уметност
Активизам / Графички Дизајн / Уметност / Настан
Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Графички Дизајн / Уметност

ОкоБоли главаВицФото