Југоисточна Европа останува без жители

26.07.2019 00:23
Југоисточна Европа останува без жители

Заради масовното заминување на граѓаните во странство, во земјите од Југоисточна Европа заеднички е стравот дека тие се осудени на биолошко исчезнување. Стандардот и платите во овие земји растат, но многу бавно, а нивните жители ги привлекуваат земји како Германија, Австрија, Италија или Шпанија. Трендот на заминување на работниците и одливот на мозоци предизвикува загриженост кај експертите, политичарите и стопанстениците, од Будимпешта до Атина.

Најмногу заминуваат токму младите, високообразовани луѓе, кои се особено атрактивни за пазарите на работна сила, така што во целиот регион веќе се чувствува недостатокот од работна сила, пишува германската агенција ДПА.

„Ние сме држава која исчезнува“, оцени Романецот Маријан Хангану по повод масовниот одлив на населението од една од најсиромашните земји во ЕУ. „Тоа е последица на тоа што многу мултинационални компании одлучија веќе да не вложуваат во Романија, за тоа што едноставно нема работна сила“, напиша Хангану на сајтот на својата агенција за посредување при вработување.

Слично е и во соседна Бугарија. „Економијата почнува да ги откажува договорите и новите проекти, зашто нема работна сила“, призна на една домашна телевизија министерот за економија Емил Краканов.

На некои места во регионот егзодусот на населението е проследен со очајнички обиди на властите да го убедат народот дека сѐ е нормално. Во хрватското село Русево неодамна беше бојадисана зградата на училиштето кое има четири ученици. Она што не може да се бојадиса е фактот дека во тоа село недалеку од Славонски Број, кое денес има 310 жители, половината куќи зјаат празни, а некои пропаѓаат.

Според проценките на владата во Букурешт, во моментов во странство живеат повеќе од два милиони Романци, главно во Шпанија и Италија. Егзодусот во соседните земји е сличен. Според официјалните податоци нов дом во некоја од земјите од ЕУ нашле повеќе од 700 000 Бугари.

Според една студија на Хрватската централна банка, од Хрватска од 2013 до 2016 година емигрирале 230 000 луѓе. Тоа ѝ одговара годишната стапка на емиграција од два проценти од населението.

Владините податоци покажуваат дека од 2000 година Србија ја напуштиле 654 000 луѓе. Тие ѝ се придружија на бројката од половина милион граѓани кои претходно заминаа од Србија заради војните и разорната политика на Слободан Милошевиќ.

Синдикалните податоци покажуваат дека на Грција, од избивањето на тешката финансиска криза во 2010 година, грбот ѝ го завртеле најмалку 400 000, главно млади луѓе. Новиот конзервативен грчки премиер Киријакос Мицотакис во повеќе наврати рече дека негова цел е да го унапреди животот на сите Грци и на оние кои се отселиле „повторно да им пружи перспектива, за да се вратат“.

Дури и во Унгарија, која досега важеше за една од најразвиените земји во регионот, глобалната криза во 2008 година иницираше бран емиграција кој наеднаш се засили после 2010 година, утврди социологот од Будимпешта, Агнес Харс во својата студија.

Само помеѓу 2010 и 2017 година од Унгарија се отселиле 200 000 луѓе, што е најголема динамика во некоја од младите членки на ЕУ. Во Унгарија од 2010 година премиер е Виктор Орбан, потсетува ДПА.

Една од најтешките последици за демографските движења во Југоисточна Европа е недостатокот од лекари и медицински персонал. Затоа во унгарското гратче Солонку привремено мораше да биде затворена единицата за инфективни болести. Окружната болница во романскиот град Тулчеа, во делтата на Дунав, од неодамна нема анестезиолози - од тројцата кои ги имала, двајца дале отказ, а едниот се разболел.

Многу здравствени работници од југоистокот на Европа кариерата ја продолжуваат во Германија, која вработи и кадри од земјите од регионот кои не се дел од ЕУ. Анкетата во 217 германски болници покажа јасен тренд дека меѓу негувателите кои не се по потекло Германци, предничат оние од БиХ. Според информациите на германската асоцијација на болниците, повеќето странци кои ги вработиле болниците се ангажирале самите, или преку приватни посредници.

На Романката Кристина Миху не ѝ било тешко да донесе одлука за да замине во Германија. Во училиштето во гратчето Дева, во Трансилванија, германскиот го учела како втор странски јазик. Подоцна родителите како студент по медицина во Темишвар ѝ ја финансирале праксата во Италија, Шпанија и германскиот Хајделберг. „Сакав да стекнам меѓународно искуство“, вели Миху (32), специјалистка по интерна медицина во клиниката во Нирнберг, каде живее веќе шест години.

Миху вели дека покрај подобрата заработувачка, еден од мотивите за заминување од Романија ѝ била и сеприсутната корупција, која ѝ пречела, иако порано било уште полошо. Таа вели дека германското здравство, покрај подобро опремените болници, има уште една карактеристика што ѝ се допаѓа, а тоа е што „во Германија значително повеќе се разговара со пациентите“.

Истовремено во Романија, заради проблемите со работната сила, претприемачите се обидуваат да донесат работници дури од Далечниот исток. Оваа година владата одобри контингент од 20 000 работници од земји кои не се членки на ЕУ. Тоа неодамна беше тема и на билатералните разговори со Пакистан. Меѓутоа, Маријан Хангану смета дека тој контингент е само „капка во морето“, зашто на Романија ѝ се потребни најмалку 300 000 работници.

Соработката со печалбарите од Далечниот исток често прекинува зашто многумина од нив не ја поднесуваат романската клима или храната, вели соработничката на Хангану, Андреа Тартачан. „Сега, барем во градежништвото, се обидуваме да ангажираме работници од Таџикистан. Тие се поробустни од Виетнамците, зашто Таџикистанците доаѓаат од степите“, вели Тартачан.

„Гастарбајтери“ вработува и Бугарија, иако не од толку егзотични краишта како Романија. Во црноморските места за капење келнерите и собарките, меѓу другото, се од Украина, Белорусија и Молдавија.

Се чини дека Западот со својата политика го поттикнува иселувањето. Во крајно сиромашното Косово германскиот министер за здравство Јенс Шпан неодамна го посети средното медицинско училиште во кое се образуваат кадри за - Германија. И репрезентативната германска гимназија во Призрен се смета за локомотива за одлив на мозоци. Во секоја генерација до 30 матуранти добиваат понуда да го продолжат образованието во Германија, а од тие матуранти малкумина подоцна се враќаат на Косово.

Од аспект на Институтот за истражување на пазарот на трудот (ИАБ) во Нирнберг, Германија има корист од доселениците од југоисточна Европа. Херберт Брикер од овој институт вели дека без нив во областите како што се градежништвото, медицинската нега или гастрономијата ќе има проблеми, зашто речиси и да нема кандидати Германци за тие работни места.

Брикер тврди дека, според сознанијата на ИАБ, перспективата за добра работа на Запад ја поттикнала желбата за образование во земјите од југоисточна Европа и дека во нив значително пораснал бројот на академски граѓани.

На таквите оценки остро се противи Тадо Јуриќ, политиколог и експерт за демографија на Католичкиот универзитет во Загреб. Тој смета дека Германија своите демографски проблеми не смее да ги решава со имиграцијата од југоистокот на Европа. Оценувајќи дека „не е фер Германија да се спасува себеси на сметка на сите нас“, Јуриќ побара со проблемот на „нефер миграциите“ да се позанимава и ЕУ.

Слики: Vivi Salapasidou

Извор: https://www.autonomija.info

Слични содржини

Европа / Балкан / Став
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Европа / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан

ОкоБоли главаВицФото