Како освојувањето на Америка ја донело зимата?

29.07.2019 00:50
Како освојувањето на Америка ја донело зимата?

Леден шеснаесетти век. Европа е окована во зима и страв. Во отсутна борба, Османлиите ја освојуваат тврдината Белград и преминуваат во Европа - предводени од Сулејман Величествениот, Турците ги потиснуваат Угарите од Банат и Славонија, а потоа пристигнуваат до Виена - речиси цел век ќе владејат со југоистокот од континентот. Средниот век е готов, старите царства исчезнале, а низ светот пустошат епидемии, војни и смрт.

Но, континентот се буди во мрак - никнуваат првите никулци под снегот. Ниските приноси предизвикуваат глад, земјата е опустошена, но со тоа е разнишана и старата аристократија - зад дебелите ѕидини се развиваат градови, интересите на моќните занаетски еснафи го надминуваат старото племство, гладните кметови креваат востанија, угнетуваните бараат права, се развива печатот, а идеите на Коперник се шират постапно. Германецот Мартин Лутер кова 95 тези на вратата на црквата Сите светци во Витенберг - почнува реформацијата, а Европа тоне во верски војни кои ќе траат цел век и засекогаш ќе го изменат ликот на Стариот континент.

Во далечните прекуморски земји, шпанските и португалските морепловци ја откриле новата, ветена земја - Америка. Едрениците од топлите мориња носат несфатливи богатства во европските пристаништа - почнува ерата на колонијализмот и подемот на Западот. Еден век подоцна, насоката на патувањето ќе се промени - Европејците сѐ помасовно ќе бегаат од старите неправди, сиромаштијата и религиозните неслободи во Новиот свет кој изгледа опустошено, речиси ненаселен.

Но, таму постоеле развиени цивилизации кои исчезнале на почетокот од 16 век, со доаѓањето на првите европски освојувачи. Околу 60 милиони американски староседелци исчезнале - уништени од епидемии на болести кои ги донеле колонизаторите, војните, грабежите и геноцидот кој стигнал на брегот на Новиот свет во децениите откако во 1492 година Кристофер Колумбо ја открил Америка.

Меѓутоа, нивното исчезнување оставило далекусежен, неочекуван белег - едно ново истражување на тим од Универзитетскиот колеџ во Лондон покажа дека уништувањето на староседелците во Америка довело до пад на глобалната температура и мала ледена доба. Истражувањето Earth system impacts of the European arrival and Great Dying in the Americas after 1492 на кое се потпишува Александар Кох со соработниците привлече исклучително внимание како во светските, така и во домашните медиуми.

Хрониките од 16 век бележат дека температурите во Европа опаднале, дека приносите ослабеле, додека и најголемите речни текови замрзнувале во текот на зимата - светот наликувал на глетка од познатата слика на Бројгел, Ловци во снег, насликана кон средината на овој век.

Имено, исчезнувањето на околу 10 проценти од светската популација, колку што ја населувале Америка, го променило ликот на американскиот континент во следниот век - прекинато е обработувањето на земјата на огромно пространство, вегетацијата се обновила и почнале да растат шуми. Се смета дека шумите се обновиле на простор кој може да се спореди со делот од Европа со кој тогаш владеело Османлиското царство.

Со толку нова вегетација, концентрацијата на јаглерод диоксид значително опаднала во атмосферата - примероците мраз покажуваат дека се намалувала за околу 7 до 10 ппм. Како што количината на јаглерод диоксидот опаѓала (како што драматично ќе се зголеми во индустриската ера), загревањето на атмосферата се намалувало - глобалната температура се намалила доволно и тоа довело до појава на зима во Европа, а со неа и до драматични промени на Стариот континент.

Истражувањето предизвикува возбуденост и затоа што покажува дека климатскиот систем на Земјата е чувствителен - пошумувањето огромен простор очигледно може да го запре и да го заврти глобалното затоплување. За жал, количините јаглерод диоксид кои човекот денес ги емитува во атмосферата со согорувањето на фосилните горива, изгледаат сосема недостижни - извештаите на ИПЦЦ (Меѓувладиниот панел за климатски промени при ОН) велат дека годишно се емитуваат околу 3 ппм. На тој начин за само две години се емитува толку јаглероден диоксид со што сосема се уништува ефектот од ширењето на шумите кое довело до истребување на староседелците во Америка.

Илустрации: Daniel Rehn

Извор: http://naukakrozprice.rs