1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Како што идентитетот и душата на човекот исчезнуваат со бришењето на неговата меморија, така и духот на градот – колку и да се работи за истото место и за истото име – го снемува заедно со изгубените сеќавања за него. Луѓето сосем неоправдано очекуваат дека континуитетот на нивниот град е нешто цврсто и постојано, како од бога дадено, сѐ додека нивниот град се простира на истото парче земја… Но ужасно грешат.
Континуитетот на градот е секогаш метафизички, тој постои само во моралната вертикала што опстојно се негува низ времето, во колективната свест на неговите жители. А, најцврстите нитки од ова кревко стебло се сеќавањата на вредностите што го одржале духот на градот низ времето, сеќавања на луѓето и настаните, на добрите дела, помошта и солидарноста што на градот му биле дадени за да опстане и, се разбира, во самата негова срцевина – чувството на вечна благодарност кон сите што се вградиле во него.
Первертирана каша
За жал, духот на Скопје е денес сосем плитка и первертирана каша составена од самозаборав, кич, небрежност, плиткоумна ароганција и неблагодарност. Од град на солидарноста во чиешто воскресение по катастрофалниот земјотрес 1963 учествуваше безмалку целото планетарно семејство на народите, градот е денес гротескна слика создадена само од една лудачка инспирација, во која се поганат сите вредности што го изградија градот, се пребришува споменот на оние што ни овозможија да постоиме. Од град на солидарноста, станавме град на скудоумноста и неблагодарноста. Но како, по ѓаволите, се случи ова: да не сме родени со грешка, со генетско кусо паметење, или пак сме жртви на бескрајната низа на дисконтинуитети во нашата историја?
Навистина, од првото запишано и документирано Скопје, пред безмалку 2000 години, римското Скупи, малото но огледно уредено римско гратче никнато на ова плодно буниште во времето на Pax Romana, кое било разорено 518 година од катастрофален земјотрес и напуштено засекогаш од своите жители, историјата на градот е како вертикална временска шајка, на која се набодени парагони од различни времиња, култури и народи, неповрзани меѓусебе со сеќавања и вредности, милениумска низа на дисконтинуитети поврзани со меѓусебното незнаење и заборав. За време на средниот век, од шестиот век до 1392 година, кога го заземаат Османлиите, градот се појавува и се губи од историјата, понекогаш и цели два века во темницата на заборавот, за да се појави со нови жители и „газди“, кои, меѓутоа, бргу го напуштаат за да го заборават. Под отоманската империја, Скопје – заедно со царството – го доживува својот прв голем процут и временски континуитет, за до 17. век да стане најголемиот и најуредениот град помеѓу Солун и Виена. И повторно, по неговото темелно опожарување од страна на австрискиот генерал Пиколомини во 1689 година, градот го напуштаат неговите жители и го снемува од историјата. Во почетокот на 18. век Скопје го населувале едвај 2.000 луѓе, за бројот на жители од пред катастрофата – но не и сјајот и урбаната уреденост! – да ја достигне дури во почетокот на 20. век. А, овој век, пак, се покажа поагилен во самозаборавот и насилните бркања на градските елити и менувањата на вредностите и културите, дури и од средниот век: дисконтинуитетите се случуваа во периоди не подолги од дузина, дузина и пол години. Првин во Балканските војни, па во Првата и во Втората светска војна, за на крајот, на овој ден пред 56 години, да го уништи толку катастрофален земјотрес, што – да не се случеше чудо – бездруго ќе беше дефинитивно напуштен и од своите жители и од бога, и ќе исчезнеше од историјата. Но, какво беше тоа чудо?
Зборовите на Тито
Тоа беа зборовите на другарот Тито: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Со помошта на целата заедница, тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“ Тоа чудо беа овие судбински зборови и решителноста на Тито да ја искористи својата политичка волја и моќната меѓународна позиција на Југославија, за да ги претвори во јаве. И така, за обновувањето на Скопје се донесоа нови закони и одлуки и на југословенско и на републичко ниво, а зад меѓународната помош застанаа и Обединетите нации со посебна резолуција. До 1966 година Скопје прими помош од 77 земји во светот, но најголемиот товар на обновувањето на градот го поднесоа народите на Југославија.
Бројките нека зборуваат сами: земјотресот уништи повеќе од 85 проценти од вкупниот градежен фонд и инфраструктура на градот. Вкупната штета беше проценета на 2,4 милијарди тогашни американски долари, но вистинската вредност на обновата до крајот на седумдесетите, меѓутоа, изнесуваше – според стручната литература и реалните трошоци – повеќе од 40 милијарди долари, што е денес околу 120 милијарди евра. Странската помош изнесуваше 130 милиони тогашни долари или околу една милијарда денешни евра, додека останатиот финанскиски трошок – сите сто и кусур милијарди евра – од обновувањето на Скопје го поднесоа народите на Југославија. И?
Како благодарност за можеби највредниот историски пример за искажано јужнословенско братство и планетарна солидарност, ние скопјаните и гордите граѓани на библиската земја, ги пребришавме и ги испоганивме модерните и хуманистичките вредности во чиешто име ја примивме енормно големата помош што нѐ воскресна од мртви. Ги предадовме на заборавот и ги пониживме со простачка ароганција на игноранти-личностите, организациите и државите што ни го подарија животот и просперитетот по земјотресот, префасадирајќи ги во франкенштајн-барок нивните подароци, менувајќи ги имињата на улиците со кои го чувавме споменот на нив, сѐ во слава на фашистички вредности и ликови од вмровскиот паноптикум, заумни идеи за повторното раѓање на македонските ариевци и џепчиски откраднати ликови од далечната историја на балканскиот полуостров.
Има ли подолна морална дегенерација од охолата и простачка неблагодарност за стореното добро? Ќе речете дека има, почитувани читатели, и повторно ќе ми ја вратите гордоста на вистински македонски патриот.
Слики: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат