Да, видео игрите можат да помогнат во борбата со депресијата

30.07.2019 00:46
Да, видео игрите можат да помогнат во борбата со депресијата

Во една понова видео игра насловена „Sea of Solitude” (Море на осаменост), младата жена Кеј се движи низ поплавениот град и се среќава со црвенооки чудовишта.

Како што напредува играта, Кеј сфаќа дека суштествата што ги среќава се всушност луѓе што се претвориле во монструми кога станале премногу осамени. За да се спаси, таа почнува борба против сопствената осаменост.

Кеј е создадена според ликот на креативната директорка на видео играта, Корнелија Џеперт од „Jo-Mei Games“, независно гејминг студио, која преживеала тежок емотивен период по раскинувањето на врската во 2013 година. „Се чувствував како да сум заробена во кафез“, раскажува за своето искуство 37 – годишната Корнелија.

Играта „Sea of Solitude” што компанијата „Electronic Arts” треба да ја објави оваа година е само една од сè побројните видео игри кои го третираат прашањето на менталното здравје.

Минатата година, играта „Celeste” се занимаваше со депресијата и анксиозноста низ ликот на главниот јунак кој мора да пронајде начин да ги заобиколи физичките и емоционалните препреки. Во играта „Hellblade: Senua’s Sacrifice” од 2017 година, младиот воин се бори со психозата.

Во последните години се создадени уште многу други слични видео игри меѓу кои е и „Night in the Woods and Pry“ што се занимаваат со прашањата за идентитетот, неконтролираниот бес и пострауматското стресно пореметување. Сите овие следеа по интерактивната игра од 2013 година насловена „Depression Quest” во која играчот управува со лик што живее со депресијата.

Според податоците на Националниот институт за здравје, секој петти Американец живее со некоја ментална болест.

„Менталното здравје полека станува централен наратив во нашата култура и сè повеќе се работи на нормализирање на предизвиците во областа на менталното здравје“, вели Ив Кревошеј, извршна директорка на непрофитната организација „Take This”, која програмерите на видео игри ги едуцира за тоа како во игрите да го прикажат менталното здравје.

Повеќето од овие игри ги произведуваат независните студија кои преферираат да се занимаваат со малку понеобични теми. „Море на осаменост“ укажува на една важна промена: „Electronic Arts”, еден од најголемите издавачи во оваа индустрија влегува во ризик со вложувањето во видео игра со ваква тема.

Во оваа индустрија има приврзаници на тезата дека отелотворувањето на ликови од видео игрите кои страдаат од депресија би можело да остави подлабок впечаток за предизвиците што ги носи оваа болест.

Видео игрите би можеле да претставуваат „поефикасен начин да се носиме со негативното расположение, отколку што тоа го прават пасивните облици на медиуми како телевизијата или филмовите“, вели Рафаел Бокамацо, терапевт од Сиетл, кој соработува со организацијата „Take This”.

Тоа на своја кожа го почувствувала Сем Родригез, 26 – годишна писателка од Атланта на која минатата година ѝ било дијагностицирано биполарно пореметување заради кое, како што кажува, се чувствувала отуѓено и изгубено.

Таа истакнува дека почувствувала силна поврзаност со главната хероина на играта „Night in the Woods”, Меј, која го напушта факултетот и се враќа во својот роден град за да повторно се зближи со семејството и пријателите. Кога првпат ја видела играта, за Сем тоа било многу емотивно искуство.

„Успеав да го искусам светот низ очите на некој што е како мене, некој што се чувствува беспомошно и не може да ја види целта во својот живот“, вели таа и додава дека особено ја привлекол сарказмот на Меј со кој се штитела од проблемите.

Таа раскажува дека играта ја мотивира да биде поискрена со својот терапевт. Станала амбасадор на една од програмите на организацијата „Take This” во која се занимава со прашањата на менталното здравје на социјалните мрежи и со стриминг платформата Твич.

Некои производители сега развиваат игри кои на поексплицитен начин ќе го промовираат менталното здравје. „Orpheus Self Care Entertainment”, стартап компанија објавува игра на виртуелна реалност во која играчите вежбаат медитација низ активности како што е танцот.

„Thrive Games Foundation” е непрофитна организација која работи на видео игричка за мобилен телефон наменета за тинејџери кои се борат со анксиозноста.

Кели Данлеп, директорка за истражување на менталното здравје во „iThrive”, вели: „Кога ќе поканите некого да игра со вас, испраќате многу поинаква вибрација, отколку да прашате дали може да поразговарате со него за своите проблеми.“

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото