Моја Европа: Лето и политика

31.07.2019 01:13
Моја Европа: Лето и политика

Сите оглупавевме или навистина сонцето пече толку силно, што веќе не можам да мислам со здрав разум и поради тоа иднината на Европа ја гледам толку црно? Добро познати полски антиевропски активисти седат во Европскиот парламент, половина Полска се смее поради тоа, а останатите се вознемирени. Каде сме 15 години по зачленувањето во ЕУ? Ова прашање си го поставив едно утро додека читав наслови во медиумите седејќи на мојата тераса некаде во јужна Полска. Вистински рингишпил од нарцистички политичари, егоистични и без чувство.

Во Полска, Германија, Австрија, Велика Британија и Америка – до каде што допира погледот. Дали луѓето не забележуваат оти им оди подобро, или мислат дека не добиле парче од колачот, или се само лути што соседот вози подобар автомобил од нивниот? Ова утро решив, за да немам главоболка секоја вечер, цела недела само еднаш дневно да читам медиумски наслови за да проверам дали светот што го познавам, воопшто постои. Од терасата работите секако не изгледаа добро. Тревата е пожолтена, речиси од мај нема заврнато, нема јаболка на дрвото, нема ниту пчели и оси. Па сепак е пријатно мирно, а кафето со убав вкус. Жештините во Берлин се неподносливи. Тешко оди читањето книги, а вестите се заморни. Уште од почетокот на летото, длабоко во мене имам копнеж за досада, за одмор, за неправење ништо, за воздух и слобода.

Истовремено почнав со пријатели, со семејството, соседите и случајните патници во воз да разговарам за политика. Кој друг е овде одговорен, дали сме амбициозни, или кој може да ми каже каде патува Европа? Зошто сето ова веќе не се вклопува заедно? Што искрено зборуваат луѓето? Калкулантските одговори на политичарите ги знаеме напамет. Што мислат полскиот Јан и Марија Милер-Ковалски? Одговорите ги добив неверојатно брзо. Се чини како луѓето жедно да ги чекаа моите прашања. Тие сакаа толку многу да ми зборуваат, што често морав да се користам со трикчиња за да се извлечам.

Патриотски зеленчук

Политиката во Полска е првата тема на разговор на секоја кафе средба, на скара, додека се чека автобусот што доцни, во воз, во продавница, во цвеќарница, на пазарчето во моето мало гратче каде што сакав да купам полски домати. „Националните“ краставици, домати и сливи предизвикаа дискусија која зеде огромни размери на пазарот. За кого е подобро ако јагодите се понудат како „регионален производ“ или како полско овошје? Дали застапниците на био-производи, кои купуваат само локално, се страшни националисти, или оние кои во супермакетите во Холандија или Шпанија купуваат стандардизирани домати се силни Европејци?

Прашањата секако ми се иронични, но очигледно долго ќе се занимаваме со нив. Мојата баба беше олицетворение на еден идеал по кој тежнееме денес. Таа потекнува од еден свет во кој блискоста завршуваше во радиус од 30 километри. Таа јадеше и живееше регионално и по био-правила, без тоа така да го именува ниту да го нагласува. Четириесет години подоцна живеам на повеќе од 600 километри од татковината, пијам био-лимонада од гуаве и пиперка, кое всушност има вкус на течноста од кисели пиперки. Не пишува од каде потекнуваат состојките, туку само дека пијалокот е произведен во Хамбург. Зафркната секојдневна дилема за која не бев свесна додека купував и ја гасев жедта.

Подготвена за патување

Радо патувам со воз. Кон средината на јуни седев на станица во Штетин со еден постар господин и неговата ќерка. Девојчето во рани дваесетти, симпатично и убаво облечено, изгледаше малку под стрес. Имав впечаток дека посакува возот што поскоро да стаса и татко ѝ да замине. Не дека е безобразна. Таа силно го прегрна татко ѝ и му се заблагодари, но на ликот ѝ се виде дека ѝ олесна кога стаса возот. Таткото пак изгледаше како изгубен во просторот. Како да слетал директно од 1980-те години, со стари панталони и обична пластична кеса во раката. Изгледаше како земјоделец од моето детство. Мислам дека ѝ помагал на ќерката во преселбата, веројатно ѝ кречел во новиот стан.

Двајцата очигледно им припаѓаат не само на различни генерации, туку и на сосема други светови. Убедена сум дека тој со сигурност на избори гласа за полската владејачка партија „Право и правда", значи десноконзервативен, така гледано класичен полски стереотип: постар, маж, подджувач на ПиС. На мое изненадување или како што сакала судбината, тој во возот седна спроти мене. Во скутот имав книга за педофилски скандал во полската католичка црква. Прочитав малку, длабоко воздивнав и гледав низ прозорот за да се опуштам. Книгата го заинтересира и почна муабет со мене и уште две постари дами кои седеа до нас. Никој нема разбирање за црквата, дамите се прогласија за католици, но немаат намера да ја прифатат реториката на полските бискупи кои за секој скандал велат дека е изолиран случај.

Огнен говор за Европа во полскиот регионален воз

Господинот со кеса во раката молчеше. Дамите излегоа од возот, јас читав. По речиси еден час тој одненадеж ме праша од каде потекнувам. Му реков дека сум од јужна Полска, но речиси дваесет години живеам во Берлин. Прашање на кое никогаш не можам лесно да одговорам. Тој потоа се отвори. Ги пофали новите патишта во Полска и беше изненаден колку се големи субвенциите за земјоделците: „За првпат некој нам ни помага!“. Се радуваше дека неговата ќерка учи странски јазици, дека ни доаѓаат германски туристи и конечно се гледаме како соседи, а не како непријатели, но жестоко ја прекоруваше владата! Не можев да им верувам на ушите, додека го слушав овој огнено рафален говор за Европа во регионалниот воз од Штетин кон Свинеминде и по малку се срамев што сум имала погрешна проценка. Господинот ми посака убав викенд и со згужваното кесе се симна на малата станица на којашто нема куќи во близина.

На враќање од Штетин до мене во возот седеа млади момчиња од кои едното носеше маичка со полскиот орел на која пишуваше „Смрт за непријателите на татковината". Пиеја пиво и одеа во Берлин на работа. До нив седеа полски медицински сестри кои си зборуваа за тоа дека наместо внуците, тие мора да се грижат за старите луѓе во домови во Германија. Немаше разговор меѓу нас, едноставно тоа не се случи. Два часа во вагонот од втора класа во возот покажуваат дека животот некогаш изгледа многу покомплексен и вреди повеќе од многу аналитички книги.

Урсула Птак е полска публицистка, пишува за историја и за актуелни политички теми. Во 2019 година ја доби германско-полската награда за новинарство „Тадеуш Мазовјецки“.

Слики: Sandra Ford

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото