Човекот - злобниот син на мајката Земја

31.07.2019 01:31
Човекот - злобниот син на мајката Земја

Какво е човековото место во природата, и каква е неговата одговорност за истата ќе бидат прашањата кои ќе се проблематизираат во текстов. Но пред одговарањето на овие прашања сакам да се запрашам кога ѝ тргна лошо на планетата Земја? Кога човекот стана злобниот син на својата мајка Земја? Во далечното минато односот на човекот и природата, опишуван како бајка, во која човекот го зема основното од Земјата, се карактеризирал со тоа што човекот не го нарушувал долго воспоставениот природен тек на случувањата на Земјата.

Едно е сигурно, природата може без човекот, а човекот не може без природата. Кога се заборави оваа аксиома? Можеме да кажеме дека нештата тргнаа лошо за Земјата, тогаш кога човекот почна да ја злоупотребува моќта на својот разум. Погрешно интерпретираните учења на просветителството и индустриската револуција придонесоа човекот да го изгуби чувството на должност и вина за своите дела спротивни на природата.

Занимавањето со применетата етика и самото промислување на филозофијата, а во проблемите на наведените дисциплини да не го вброиме и проблемот за односот на човекот кон животната средина би било непотполно и неблагодарно кон самите дисциплини. Затоа таквите анализи секако треба да се земат предвид и спрема нив треба да се однесуваме со посебно внимание.

Можеме да кажеме, доколку тоа некако е можно да се замисли, дека човечкиот развој ќе тргнел во сосема друга насока без постоењето на животните. Ваквото устројство на животот во кој се среќаваат разни и чудни облици на живот во животната средина, придонесуваат единствените облици на живот да имаат судбинско значење и влијание на животите на другите видови. Значи, темата на овој текст ќе биде односот на човекот (разумно животно) кон интелектуално поинфериорните видови - животните.

Ако човекот го сфатиме на начин опишан во претходниот опис - разумно животно, ја откриваме самата смисла за преиспитување на односот на човекот кон животните. Значи, разумот е тој кој не само што прави разлика во интелектуалната смисла на човекот и другите животни, туку и оној кој на таквите како нас - разумни - ни го наметнува императивот на постојано преиспитување на нашиот однос кон светот во кој живееме.

Пред да продолжиме понатаму, само би сакал да нагласам дека го дефинирам човекот како разумно животно, не мислам дека животните се лишени од разум и чувства, туку дека станува збор за пониското устројство на нивниот нервен систем. Со тоа не се обидувам да го деградирам битисувањето на животните, како што некои во историјата на човечката мисла ги сведуваат на обичен механизам лишен од чувства и притоа парадирајќи со разумот како карактеристика дадена од Бога, како посебност само за нас, овде и сега, а притоа да не бидеме маѓепсани од моќта на разумот да не ја согледаме несреќата и тежината на задачата (да се биде човек) - задача на поразумните животни, дека како битие обдарено со најсилното оружје - разумот - да се однесуваме човечки кон целокупната животна средина.

Затоа дискусијата за односот на човекот кон животната средина и животните се наметнува од две причини: досегашните дела на авторите од целокупната историја на филозофијата, кои придонесоа за проблематизација на овој проблем, и самата актуелност на темата денес, односно потребата да се укаже на вообразениот однос на човекот кон своето опкружување, а под опкружување треба да мислиме на природата земена во најширокото значење на зборот.

Биоетиката

Биоетиката е етичко учење за односот на човекот кон светот околу него. Научна дисциплина која се занимава со односот на човекот кон животот и природата. Една од примарните цели на биоетиката е да пронајде општествен консензус за прашањата на човековиот однос кон природата, со цел обезбедување морален темел за утврдување на нормативните правила за одговорен пристап до природата и животот (закони, конвеции, етички судови и одлуки).

Концептот на биоетиката покрива големо подрачје, од одговорно користење на биолошките ресурси, постигнување сеопфатна заштита на видовите, одговорен однос кон животните во прехранбената и истражувачката индустрија, и нивните права. Под права на животните се подразбира дека животните заслужуваат одреден пристап кој во себе го вклучува прашањето што е во нивниот најдобар интерес. На тој начин сфатени, правата на животните инсистираат дека животните не се наша сопственост која можеме да ја користиме како што сакаме без никаква одговорност - за исхрана, облека, забава или експериментирање.

Теориите за добробитта на животните прифаќаат дека животните имаат права, но дозволуваат таквите права да им бидат скратени сѐ додека човекот има корист од тоа, за што се смета дека ја оправдува таквата жртва. Правата на животните значат дека животните, како и луѓето, имаат права кои не може да бидат жртвувани или скратени, затоа што тоа е од корист за другите. Животните и треба да имаат право кон нив да се однесуваме со почит, право на телесен интегритет и право на слобода на движењето. Кршењето на овие права не е морално оправдано, без оглед на потенцијалните бенефити кои луѓето сметаат дека ги имаат.

Биоетиката и самата етика на животните како научна дисциплина е многу млада, и нејзините истражувања почнуваат дури во минатиот век, иако на дискусии за разумноста на животните наидуваме уште кај грчките филозофи, на пример Питагора. Уште во стара Грција постоеле различни гледишта во однос на моралниот статус на животните, верување дека луѓето и животните се делат и ги разменуваат душите, дека ниту животните ниту луѓето немаат душа, или дека и луѓето и животните имаат душа, само што душите на животните се на понизок развоен степен. Но, најзастапено верување на старите Грци било тоа дека животните постојат за добробитта на луѓето и дека тие можат да ги искористуваат. Етичките размислувања за односот на човекот кон природата и другите живи битија сепак се плод на помодерните времиња.

Слики: Evan M. Cohen

Извор: https://dunjalucar.wordpress.com/

Слични содржини

Став / Теорија / Историја
Општество / Став / Живот / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја
Наука / Култура / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото