Сега е тоа сосема извесно: сенката на Хољин не е празно место

01.08.2019 13:20
Сега е тоа сосема извесно: сенката на Хољин не е празно место

 

Му се дала на началникот. Обично легнување.
Не смеела да дозволи зачнување.
Абортусот пропаднал. Иглата никако да погоди.
Таа предложила: „Да се задави кога ќе се роди.“

***

Работел како механичар на голема дигалка.
Паднат, сега лежи мртов крај една мешалка.
Комисијата заклучила ‒ причина е временска неприлика.
Жената задоволна: погребот ќе го плати неговата фабрика.

***

Во пивницата задимено. Петров крај шанкот е потпрен.
Платата спискана. Пијанката завршена. А тој фатил корен.
Дома не брза. Претчувствува расправа, нималку лесна.
Мрзливо денот се губи во црнотијата небесна.

***

Лето низ отвореното окно.
На масата шише вино.
На улицата детска врева,
И женски глас што се поткрева.
Во раката имам стуткан коверт.
Сеќавање на март.
Тогаш жената ме напушти.
„Не те сакам веќе“, просто ми соопшти.
Сега пишува: „Наскоро ќе се вратам.“
Нерешителен сум, се клатам.
Тоа ѝ преминува во навика ‒
Таа е шизика.

***

Дека е стока таа му предочи
А тој како ѕвер наеднаш
За таа реч ѝ ги изби обете очи.
Му прости, не не веднаш.

***

„Ги сакам нивните тела“, рече тој створ.
Меѓу нив за жени се водеше разговор.

***

Хољин им завидува
На сите заинтересирани:
На оние
Што се налеваат
На оние
Што зеваат
На оние мостови што градат
На оние
Ум што не можат да им дадат
На оние што смеата ја слават
На оние што се превртуваат преку глава.

***

Осеќате ли
Дека Хољин
Потсмрдува троа
На што
Ѓавол би го знаел тоа
Многумина
Од реата
Затнуваат носови
Зошто го трпите
Смрдежот
А што да правиме
Во оган
Со гнилежот.

***

Хољин скршил нога
Слава му на бога
Не сум му брат
Господ да даде
Да скрши врат
Господ да даде
Кичма да скрши
И на оној
И на овој свет
И да го најдете
Со неговото дете...
Господ да даде
Жив да го оплаче
Господ да даде
Да заринка во калта
Во клозет да падне
Гомна да се наголта.

***

Негде се изгубил
Хољин
Хољин бил болен
По спирала
животот му излегол
А вие
Да
Ние живееме
Под прав агол.

***

Сега е тоа
Сосема извесно
Сенката на Хољин
Не е празно место.

 

Избор и превод: П. В.
Гифови: Igor Bastidas

Игор Хољин (Холин, Игорь Сергеевич, 1920‒1999), истакнат руски поет, роден во семејство на царски офицер. Тешкото детство го завршил по детски домови, селејќи се од едно место во друго. Во триесеттите години живеел и како малолетен бездомник. Во Втората светска војна, како војник на Црвената армија, учествувал од почетокот до крајот. Два пати бил ранет. Добил неколку медали за храброст.

Како поет Хољин спаѓа меѓу авангардистите. Поезијата делумно му се потпира на „обериутите“ ‒ Хармс, Веденски и Олејников. Пишувал во слободен стих, со јазик богат со хумор, каламбури, игри со зборови, поп-арт колажи и концептуализам... Познат е по внесувањето на секојдневниот „обичен“ говор во поезијата, говорот од пазарите, улиците, кафеаните, настојувајќи со поезијата да ги открива лицата и наличјата на стварноста...

Бил член на поетската група „Конкрет“ чии членови биле Генрих Сапгир, Едуард Лимонов и Вагрич Бахченин. Сапгир бил најблискиот пријател на Хољин; нивното пријателство траело над 40 години. Хољин пишувал и одлична поезија за деца, поттикнат од Сапгир.

Како и многу други руски писатели, и Хољин дел од животот поминал во затвор. Бил уапсен 1949 година. Истата година почнал и да пишува, користејќи ја затворската библиотека. Во средината на педесеттите работел и како келнер во хотелот „Метропол“, каде ја запознал својата прва сопруга, Марија Константиновна, која исто така работела како келнерка.
Од 1972 до 1974 Хољин бил во врска со Ирина Островска, легендарната жена на Едуард Лимонов, на која ѝ е посветен романот „Тоа сум јас, Едичка“.

Првата книга му излегла дури 1989 година, во Париз. Нешто подоцна книгата излегла и во Москва.

Хољин починал од рак на црниот дроб. Закопан е на Химкинските гробишта во Москва.

Хољин на Окно

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото