Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за смена на Рускоска е барање за застарување на предмети од СЈО

02.08.2019 00:18
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за смена на Рускоска е барање за застарување на предмети од СЈО

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, по последните разговори со претставниците на власта за решенијата во новиот предлог-закон за Јавно обвинителство (01.08.2019), ја даде следната изјава, чии делови ги цениме како недоследни:

Власта не е подготвена во системското решение за Законот да прифати концепт во кој обвинителството ќе има поголема одговорност, но и поголема доверба од јавноста дека вистински се бори со организираниот криминал и корупција… Последниот случај „Рекет“ покажува дека обвинителката (Вилма) Рускоска, кога станува збор за неподобни политички личности, се однесува како обвинител, а кога станува збор за Катица Јанева или за некои си Кики или Фрики се однесува како адвокат….И сметаме дека тоа во моментов се појавува како пречка во продуктивноста на разговорите што ги водиме за законот за обвинителство (потцртаното наше з.а.)

[Извор: Пресинг ТВ – Изјава на Милошоски, датум: 01.08.2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и други високи функционери на таа партија во изминатите денови и месеци повеќепати тврдеа оти се залагаат за современо европско решение за новиот закон за јавно обвинителство. Тврдеа дека власта бега од такво нешто и дека, всушност, сака да го остави Обинителството под своја контрола, а дека со нивниот предлог на закон, кој сè уште не се појавил во јавноста, оваа партија е таа која предлагала решенија со кои обвинителството ќе имало услови за вистинска борба против органзираниот криминал и корупција.

Јавноста досега имаше можност да го види предлогот на владејачката гарнитура. Тој е јавно објавен уште пред неколку дена и е доставен до Собранието.

Предлогот-законот, што го најавува ВМРО-ДПМНЕ, сè уште го нема. Но, решенијата што ги бараат и на кои инсистираат се јавно објавени и од Мицкоски, а делумно денеска (1.08)и од Милошоски.

И повторно се чини дека суштината на проблемот е во начинот на кој Специјалното јавно обинителство ќе се интегрира во ЈО за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) и во предеметите од СЈО.

Имено, на последната средба одржана денеска помеѓу двете групи, ВМРО-ДПМНЕ инсистираше на нов избор на прв човек на ЈОГОКК, наместо актуелната обвинителка Рускоска, а Милошоски го додаде и следното:

Тоа (смената на Рускоска – з.а.) во моментов се појавува како пречка во продуктивноста на разговорите што ги водиме за законот за обвинителство.

Со напад врз личност, со прејудицирање на крајот на истрагата за „Рекет“ и со обвинување дека Рускоска е обвинителка за која постојат политички неподобни лица кон кои се однесувала поинаку (веројатно се мисли на сите дејства и обвиненија за настаните од 27 април, т.е. упадот во Собранието во 2017 година), потоа со инсистирањето да не се преземаат обвинителите што работеа во СЈО во новото обвинителство и со посебни условувања за предметите што ги работело или ги работи СЈО и до и по 30.06.2017, сосема е можно дека во позадина на барањата на ВМРО-ДПМНЕ за одредени решенија во законот, всушност е одложување, уништување или застарување на предмети од СЈО. Било да се оние за кои веќе се водат судски постапки, било за оние што се во фаза на истраги.

Впрочем, таквиот впечаток го дели и актуелната министерка за правда, Рената Дескоска, по денешната средба:

Според барањето на ВМРО-ДПМНЕ треба да дојде до целосно демонтирање на структурата на СЈО, но и за жал на Обвинителството за организиран криминал. Барањето беше дека треба неизвесна да биде судбината на сите лица кои се вработени во СЈО и во Обвинителството за организиран криминал, и со нивното спојување да не се знае тие лица каде ќе одат. Понатаму, тие да се распределуваат, што ќе се одрази негативно врз континуитетот на процесите, бидејќи процесот на екипирање оди бавно и тоа ќе доведе и до застареност на одредени случаи, рече Дескоска.

Таа уште додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ досега не барало смена на првиот човек на ЈОГОКК, а сега откако го прифатиле нивниот предлог СЈО да се интегрира во ЈОГОКК, тие наметнуваат нов услов – смена на Рускоска и посложен систем за избор на нов обвинител:

…Тие сега се противат на сопствениот предлог и не го прифаќаат ова решение додека не се смени Рускоска. Имам чувство дека кога ние ќе се обидеме да се доближиме до нивните ставови, тие се повлекуваат, рече министерката Дескоска.

Кога ќе се земат предвид сите изјави и предложени решенија, како и последиците од таквите решенија, станува јасно дека оправдувањето од типот „Вилма Рускоска е проблем за натамошни преговори за законот“ (парафразирано – н.з.), цениме дека изјавата на Милошоски е недоследна.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер