Отворен конкурсот за финансирање проекти за „Нов културен бран“

02.08.2019 00:29
Отворен конкурсот за финансирање проекти за „Нов културен бран“

Министерството за култура го распиша Конкурсот за учество во финансирање проекти за манифестацијата „Нов културен бран“ во 2019 година.

Манифестацијата, што Министерството за култура ќе ја реализира преку Буџетот на Република Северна Македонија, има цел да ја поттикне, активира независната културна сцена и да создаде еднакви можности за сите.

Право на учество на Конкурсот, кој ќе трае до 30 август 2019 година, имаат здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата.

Предлог-проектите може да бидат од некоја од областите на уметничкото творештво, како: самостојни и групни изложби; солистички, камерни, симфониски и фолклорни концерти, рок- и џез-концерти; театарски претстави и филмски проекции или, пак, содржините да имаат мултимедијален и интердисциплинарен карактер (акции, ликовни интервенции во урбан простор, хепенинзи, перформанси и сл.). Локациите за нивно одржување може да бидат во јавни и во алтернативни простори, како и во нефункционални, руинирани објекти или простори кои може да се „оживеат“ и да се „рестартираат“ како уметничка сцена.

Од Министерството посочуваат дека предност ќе имаат мали мобилни проекти, кои како активност се планирани за неколку регионални локални средини и чија реализација е со соработка меѓу здруженија и поединци од невладиниот сектор, а во кои се вклучени уметници од домашната сцена. Предност, исто така, ќе имаат носители на проекти кои не биле финансирани во рамките на Годишната програма од национален интерес од областа на културата за 2019 година или, пак, ги завршиле проектите со сите фази.

Пријавувањето за Конкурсот се врши со доставување пополнета пријава. Манифестацијата „Нов културен бран“ ќе се одржи од 20 септември до 15 ноември.

Текстот на Конкурсот и пријавата може да ги најдете на линковите во продолжение:

КОНКУРС за учество во финансирање проекти за манифестацијата „Нов културен бран“.

Пријава за манифестацијата „Нов културен бран” во 2019 година.