Наместо спроведување корпоративна пропаганда

02.08.2019 01:33
Наместо спроведување корпоративна пропаганда

Благодарение на континуираните технолошки иновации, традиционалното медиумско поле исто така е во постојана трансформација, а последиците од тие промени сѐ уште ги проучуваме. Наместо вообичаените печатени весници и радио емисиите, социјалните мрежи или страниците како YouTube стануваат средство за информирање и забава, а стриминг сервисите сѐ повеќе ги потиснуваат традиционалните телевизиски куќи. Иако односите на моќ во ова поле сѐ уште се воспоставуваат, познато е, на пример, дека Netflix зафати голем дел од секторот кој рапидно се развива и стана своевидна културна одредница со која се споредуваат сите други платформи. Исто така, и покрај навидум неограничениот избор содржини, станува очигледно дека според добриот, стар капиталистички обичај, сиот тој избор впрочем се сведува на истите воспоставени обрасци кои ги диктираат мегаломанските компании (како веќе споменатиот Netflix) со цел максимизација на профитот. Истата ситуација е видлива и преку забавните и информативните содржини, заради што поимот мејнстрим медиуми во современото општество стана своевидна пцовка. Токму на фрустрацијата на етаблираното медиумско поле израснаа бројни платформи за ширење десничарска пропаганда кои, меѓу другото, ја мобилизираа публиката и со лажно спротивставување на мејнстрим медиумите.

Ник Хејс и Наоми Бартон се американски продуценти кои на сличен начин сакаат да создадат стриминг медиум кој содржините ќе ги обработува од лева, социјалистичка перспектива, а за разлика од комерцијалните медиуми, со него ќе се управува кооперативно. „Means TV е посткапиталистичка стриминг платформа која се темели на претплати и директно ѝ се спротивставува на капиталоистичката индустрија за забава“, велат Хејс и Бартон за Hyperallergic. Хејс и Бартон сакаат да развијат платформа слична на Netflix која ќе продуцира оригинална содржина и ќе ја собира и прикажува продукцијата на другите автори за кои сметаат дека ги споделуваат нивните вредности. „Ќе продуцираме и дистрибуираме содржина со цел пружање кооперативна платформа за социјалистичките писатели, филмаџии и комичари. Откако платформата навистина ќе заживее ќе стане место за серии, документарци, играни филмови, кратки филмови, комедија и анимација“, објаснуваат Хејс и Бартон.

Ник Хејс и Наоми Бартон

Основачите на Means TV се прославија 2018 година со рекламното видео за политичката кампања на Александрија Оказио-Кортез која набрзо потоа беше избрана за членка на американскиот Конгрес, како и уште неколку прогресивни демократи. Видеото кое Оказио-Кортез ја прикажува како политичка аматерка во борбата против кариеристите и политичката машинерија вирално се прошири на интернет и се верува дека многу ѝ помогна на младата жена да победи на внатрепартиските избори на Демократите. Хејс и Бартон велат дека при изборот на проектот важно им е да работат за личности на кои им веруваат и личности со јасна социјалистичка порака. Така и почна нивната соработка - се запознале на состанок на Демократските социјалисти на Америка во Детроит после победата на Трамп на изборите 2016 година. „Кога се запознавме преку ДСА сфативме дека двајцата сме мошне важни спроведувачи на корпоративната пропаганда, а би можеле да се оттргнеме од тоа и да ги користиме вештините кои ги имаме за промоција на социјализмот. Ги имаме сите вештини, а ги користевме за да зборуваме исклучиво на анти-работнички јазик“, вели Хејс. Бартон доаѓа од корпоративниот маркетинг и односите со јавност, а Хејс има искуство со продукција на корпоративни филмови и двајцата работеле за детроитската автомобилска индустрија. Така и дошле до името - Means of Production (средства за производство). „Додека разговаравме, сфативме дека јас правам огласи, Наоми развива социјални медиуми и некоја трета личност развива производ. Ние сме средствата за производство, Идејата остана, а исто така и свеста дека придонесуваме многу повеќе за тие корпорации отколку што тие ни даваат до знаење“, вели Хејс.

Интересно е што ваквиот проект потекнува токму од Детроит, градот кој во последните децении стана своевиден симбол на урбаното и социјално пропаѓање кои ја следат пропаста на капитализмот. Детроит е и симбол на американскиот Среден Запад (Midwest), индустриска област во САД со која некогаш владееја работниците и синдикатите и од која започнуваа сите прогресивни револуции, а сега е упориште на конзервативците. Хејс и Бартон споменуваат дека во последно време многу се зборува за ревитализацијата која ја доживува Детроит во последните години, но голем број луѓе и натаму живеат во сиромаштија и работничката класа впрочем не ја чувствува ревитализацијата.

Хејс и Бартон за започнаа кампањата Bread and Roses во чии рамки создаваат едукативни (bread) и забавни (roses) содржини, а се надеваат дека ќе соберат 500 000 долари со кои би ги покриле трошоците за сите активности кои сакаат да ги вклучат во продукцијата од првата година во платформата која ја градат во моментов. Претпоставуваат дека нема да го достигнат тој износ, но тоа само значи дека ќе продолжат да работат со намален обем, со она што го имаат. Целиот проект сѐ уште е работа во настанување и многу ситуации кои сѐ уште не можат да ги предвидат ќе мора да ги решаваат во чекор. Засега имаат отворено YouTube профил на кој објавуваат содржини со кои сакаат да ја заинтересираат публиката и да претстават со што имаат намера да се занимаваат. Освен самата содржина, ќе биде интересно да се следи развојот на управувачкиот модел на еден ваков медиум, и особено дали тој во постоечките пазарни околности ќе биде одржлив и ќе пружи конкретна алтернатива на сличните, профитни платформи.

Извор: https://www.kulturpunkt.hr/

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото