Црвената Роза – живот за револуцијата во стрип

03.08.2019 01:43
Црвената Роза – живот за револуцијата во стрип

 

 Афирмацијата на стрипот како легитимен и важен медиум за проблематизација на историските или поединечните актуелни феномени, минала долготраен развоен пат карактеризиран со бројни оспорувања но и оригинални уметнички придонеси. На многумина денес им е познато дека во ваков формат може да се исчитаат фасцинантни приказни врзани за, на пример, стравотиите на Холокаустот, растењето во Иран доцните 1970-ти, руската вселенска програма во студената војна, развојот на аналитичката философија и слично. Биографиите на револуционерните фигури се исклучително ретки, но не и непостоечки наслови, пред сѐ благодарение на неколкумина автори како што се, легендарниот Хектор Герман Остерхелд или многу продуктивниот Рајнхард Клајст. И покрај тоа, хероите во стриповите и понатаму се претежно мажи при што личностите како Роза Луксембург главно се интересни само за грст уметници и уште помал број големи издавачки куќи.

На таа трага, делата на британката Кејт Еванс, авторката на стрипот Црвена Роза (Red Rosa), на читателите на овие простори им претстои да ја откријат. Еванс, која првите илустрации почнала да ги изработува уште во средината на 1990-тите за потребите на активистичките кампањи во кои тогаш соделувала, на сопствената интернет страница едноставно се опишува како карикатуристка, уметница, активистка, авторка и мајка. Меѓу останатите наслови кои ги потпишала, вреди да се издвои и Threads (2017), стрип посветен на мигрантската криза. Поточно, во прашање е дело настанато како резултат на авторкиниот престој во бегалски камп во близина на францускиот град Кале. Притоа, насоченоста кон користењето на стрипот како алатка за бескомпромисно проговорување за горливите проблеми, во едно интервју го нагласила со твдењето дека кога-тогаш би сакала да направи и дело за Доналд Трамп.

Со оглед на сосем солидниот публицитет и позитивната критика, нејзиниот досега веројатно најпознат стрип е биографското дело Црвена Роза. Истиот наслов во 2017 година е објавен и на српски јазик, во превод на Слободанка Глишиќ. Со оглед на низата текстови посветени на оваа социјалистка објавени по повод стотата годишнина од нејзината смрт, вреди барем кратко да се осврнеме на наведеното дело на Кејт Еванс.

Интересно е да се спомене дека Еванс при едно претставување во 2015 признала дека пред изработката на стрипот не знаела ништо за Роза Луксембург, оттаму работата на овој проект за неа претставуал своевиден истражувачки проект. Ако го земеме предвид самиот концепт и содржината на стрипот, лесно е да се заклучи дека Еванс во еден дел пред нас ставила почетнички прирачник со клучни идеи врзани со делото на Роза Луксембург. Тоа го потврдува и, за стрип атипичниот, додаток од 34 страници посветени на бројни извори и литература, појаснувања, целосни цитати и тн. Како што вели и самата авторка, на изработката на стрипот во еден дел ја поттикнала желбата за неусилена едукација на широкиот круг читатели, сумирајќи сложени теориски параграфи во големина на впечатлив и лесно запамтлив твит.

Сепак, овој наративно исклучително линеарен стрип на некои места е поприлично оптеретен со текст со оглед на намерата на авторката да пренесе што поцелосни податоци било од економските и политички студии на Роза Луксембург, или од нејзината приватно сочувана кореспонденција. Исто така, иако стрипот се одликува со карикатурален стил, Еванс при визуелизацијата на одредени прикази користела голем број достапни фотографии, настојувајќи што поверно да го долови духот на времето.

Минувајќи низ текстот во кој академскиот дикурс е испреплетен со хумор, читателот треба да има на ум дека параграфите во курзив се изрично преземени од делата на протагонистката, додека некои записи, како парафразата на еден Орвелов цитат, сепак немаат никаква врска со конкретниот контекст туку на авторката (со полно право) ѝ се виделе соодветни за одредени илустрации. Накратко, сите искористени материјали се ставени во функција на конструкцијата на наративите за жените во доцниот 19-ти и раниот 20-ти век позиционирани на неколку фронтови, од борбата против антисемитизмот и патријархалниот шовинизам до соочување со вртлогот на капиталистичката експлоатација и растечкиот европски империјализам.

Без оглед на тоа, Еванс настојува да го избегне клишеизирањето, речиси црно-белите хагиографски прикази на револуционерните маченици. Од оваа причина посветува внимание и на турбулентните романтични односи низ кои минувала Луксембург, а се осврнува дури и на нејзината љубов кон мачките и презирот кон мачењето на животните, реконструирајќи на тој начин уверлив повеќедимензионален лик од крв и месо. Еванс во предвид го зема и општествениот третман на семејното насилство, па наведува: „Роза е сосем незаштитена. Ниту една жена од нејзината генерација не може да се обрати на полицијата за помош поради злоставување во семејството. Сигурно не жена надвор од брак чиј незаконит поранешен љубовник има шест различни имиња“.

Понатаму, интересен е моментот во кој авторката ги испрашува тогашните методи за контрацепција: „Ширината на Розиното знаење е запрепастувачка. Како научила да ја контролира сопствената плодност? Како е оваа тајна женска мудрост пренесена од проститутките до студетките? Тоа никогаш нема да го знаеме. Но таа знаела што, кога или како да стори за да избегне бременост, користејќи го ова знаење за приватно задоволство“.

Еванс напоменува дека ѝ била желба да прикаже што повеќе слоеви од евидентно комплексната личност чие делување, условено од континуирано и системско теориско промислување на тогашните политички и економски односи, на крајот било насочено кон радикално менување на општеството внатре во конкретните историски рамки. При тоа, Еванс на духовит и суптилен начин забележува дека одредени контрадикторности кај Роза Луксембург се огледале и низ нејзиниот однос кон работничката класа со која, како и други високорангирани членови на СПД речиси и да не одржувала никаков контакт во приватниот живот. Уште повеќе, и самата имала куќна послуга со која, наводно, постапувала исклучително строго. Во таа смисла, историчарот Хари Хармер во книгата Роза Луксембург (2008) тврди: „Можно е нејзиниот единствен вистински контакт со работничката класа да бил остварен со слугите и публиката која ѝ аплаудирала во текот на говорот“. Како и да било, сигурно и самата свесна за овие контрадикторности, Луксембург во 1918 запишала дека со воспоставувањето на социјализмот исчезнува и потребата за „лични слуги“.

Јасно е дека добар дел од овој стрип од речиси 180 страници се однесува на жестоките расправи на Роза Луксембург со современите социјалисти (Котски, Еберт и други), критики на нивниот реформски опортунизам, како и на концизните елаборации на улогата на генералниот штрајк во класната борба или, меѓу останатото, клучните постулати на марксистичката економска теорија. Додека фрустрираните мажи во редовите на германските социјалдемократи неретко прибегнувале кон мизогини испади со цел нејзина дефамација, полемиките на Роза Луксембург со тогашните феминистки не биле толку бурни, но сепак се доволно интересни и релевантни и поради тоа го нашле своето место и во делото на Кејт Еванс. Така во реконструкцијата на дијалогот помеѓу Клара Цеткин и Роза Луксембург, таа во опуштениот разговор со чај на својата пријателка ѝ порачува: „Жал ми е, Клара. Ти правиш толку многу во борбата за женска еманципација. Јас тоа не би можела. Не можам да се преправам дека жените од капиталистичката класа и јас имаме иста цел. Тие се паразити на паразитите“.

Стрипот е заклучен со настојувањето да се актуелизира важноста на субверзивните идеи на жената чија смрт била, како што пишува Еванс, „само еден меѓу бројните моменти во историјата на работничката класа ширум светот“. После ова следи краткиот поговор на Пол Бјул. Бјул претходно го уредил стрипот Wobblies! (2005) посветен на работниците здружени во синдикатот Industrial Workers of the World. Освен тоа, Бјул уредничко соделувал и во обликувањето на стрип-изданието, т.е. своевидната адаптација на клучните дела на американскиот историчар Хауард Зин, насловен A People’s History of American Empire (2008). Бјул во поговорот, при изнесувањето на бројните интересни опсервации како оние за литерарната специфичност на текстовите на Роза Луксембург или болшевичката критика на нејзините теории, забележува дека главната хероина на овој стрип после Втората светска војна е прифатена како своевиден архетип на револуционерка при што неретко се прибегнувало и кон аисториски изедначувања со анархистката Ема Голдман, иако овие две жени заземале многу различни политички позиции. Можеби во своите текстови не реферирале изрично една на друга (интересно е што двете биле во преписки со Ленин), но познато е дека Роза Луксембург доследно го одбивала анархизмот, реферирајќи понекогаш и на случувањата за кои, од сосем друга перспектива, порано или подоцна пишувала и „Црвената Ема“.

Сѐ на сѐ, сѐ уште соочени со изборот помеѓу социјализмот или варварството, делата на Роза Луксембург, настанати пред стотина и повеќе години, и понатаму го пленат нашето внимание со неверојатна свежина. За жал, бројни нејзини записи се или уништени или сѐ уште необјавени. Во таа смисла, токму стрипот на Кејт Еванс претставува одлична почетна точка за сите оние кои го откриваат интелектуалниот свет на една од најимпресивните личности на револуционерната левица. Ова дело е уште повредно ако го прифатиме како уникатен придонес кон раазбирање на положбата на жените во Европа на преминот од 19 во 20 век.

 

Извор: Voxfeminae

ОкоБоли главаВицФото