Не постои слободна волја

05.08.2019 01:05
Не постои слободна волја

Го нема повеќе американскиот концепт „слободна волја“, идеја дека на сите ни е подарена моќ (веројатно од Бога) да го избереме својот пат кон успехот или пропаста, сами да преземеме одговорност за сѐ што следува. Токму заради таа причина ги „казнуваме“ сторителите на злосторства. Идејата до таа мера е присутна во јавноста што повеќето луѓе не ни размислуваат за алтернатива.

Невробиологот Роберт Саполски поинаку гледа на нештата. Тој му се противи на самиот концепт на слободна волја. Наместо тоа, со човечкото дејствување управува комплексна и хаотична мешавина од разни фактори, па според него дури е и наивно да се размислува дека може да се издвои единствено автономно „јас“ кое ги држи нештата под контрола. Со оваа тема се занимава во својата нова книга, Behave: The Biology of Humans at Our Best and Worst. Делото ги допира неврологијата, филозофијата, политиката, антропологијата, историјата, генетиката и еволутивната наука. Повремено е напорно заради самиот број фактори кои се анализираат во поглед на човечкото однесување, но тоа ѝ оди во прилог на тезата која ја изнесува Саполски: дека одлуките ги донесуваме условени од „пренаталното опкружување, гените, хормоните, авторитетот или егалитетот на родителите, евентуалните трауми од детството, изборот на храна за појадок...“

Како Дејвид Иглмен во Incognito: The Secret Lives of the Brain ili Malkolm Gladvel u Blink: The Power of Thinking Without Thinking, Саполски во својата книга открива механизми кои стојат во позадина на човечката свест. Зборувавме со невробиологот и приматолог од Стенфорд за темата од новата книга, слободната волја, природата на постоењето и еволуцијата на човечкиот став за палењето на епилептичарите на клада.

Кажете ни нешто за својата нова книга.

Основна тема на книгата е тврдењето дека луѓето се биолошки битија, што не би требало да е премногу револуционерно. Исто така, и нашето однесување е условено од биологијата, што повторно не би требало да биде премногу револуционерно - но на многумина им е непознато.

За да го разбереме своето однесување - најдоброто, најлошото и сѐ она помеѓу - не смееме да се потпираме на само еден одговор, без разлика дали тоа е дел од мозокот, искуството од детството, гените, хормоните или што и да е. Напротив, човечкото однесување е продукт на сѐ и сешто, на пример на нервната активност од пред една секунда, но и на еволутивниот притисок од пред милион години.

Изнесувате некои авангардни идеи за слободната волја и кривично-правната регулатива?

Јас не верувам во слободна волја но исклучително тешко е да се замисли општество во кое повеќето луѓе споделуваат таков став, особено кога е во прашање правосудството. Термините како што се „казна“, „правда“, „слободна волја“, „зло“, „душа“ - сето тоа е ирелевантно и научно заобиколено во поглед на човечкото однесување. На луѓето им е неописливо тешко да прифатат дека сите сме биолошки организми без реално влијание.

Тоа е особено значајно во некои области, зарем не?

Сосема е неважно ако некој ви го пофали изборот на фризурата и вие го доживеете тоа како лично признание наместо да му го припишете на процесот стар милиони години кој ве довел до одлуката така да се шишате. Но, неспоредливо поважно е да се отфрлат апсурдните, застарени идеи за свесното човечко дејствување кога се работи за осуда на одредено однесување: да речеме, кога сме членови на порота, или испитна комисија, или кога се обидуваме да го протолкуваме однесувањето на саканата личност... Во однос на тоа треба да се признае дека, сепак, сѐ зависи од биологијата.

Во воведот признавате дека сте мечтаеле за праведно казнување на Хитлер, иако таа фантазија директно му се спротивставува на вашиот научен став по прашањето на правдата и злото. Звучи како да велите дека би требало да сочувствуваме со сторителите на најлошите злосторства, па дури тоа да биде и против сите наши инстинкти?

Аналогијата која ја користам редовно, зашто многу им е тешко на луѓето да го прифатат тоа на ниво на правосудството, е слична со ситуацијата кога на автомобилот ќе му се расипат запирачките - тогаш треба да се поправат. Ако е невозможно да се поправат, автомобилот се паркира во гаража засекогаш за некој да не се повреди. Но не ни паѓа на ум да го казнуваме автомобилот заради расипаните запирачки. Никој не тврди дека тој автомобил е морално неподобен. Мораме да тежнееме кон таков поглед и кога е во прашање човечката свест.

Повеќето луѓе се противат на таквиот став зашто е туѓ за денешниот начин на размислување.

Во бројни сфери ова на луѓето им звучи незамисливо, но такви промени на парадигмите веќе се случувале. Пред 500 години, дури и паметниот промислен самосвесен либерал верувал дека личноста која поминува низ епилептичен напад ја прогонуваат демони, па затоа би требало да се запали на клада. Пет векови сме развивале алтернативен, механички поглед за епилепсијата, па денес ја посматраме како дефектот на запирачките во автомобилот. Велиме „добро, не е виновна заболената личност, не ѝ е проблематична душата, не општела со Сатаната, само ѝ се случил куршлус на повратната спрега во мозокот“. Бидејќи на западната цивилизација ѝ биле потребни 500 години за да го промени ставот по тоа прашање, којзнае колку време ќе помине пред да ги согледаме и другите абнормални однесувања од биолошка, а не од денешната теолошка перспектива.

Ако не сме одговорни за лошото однесување, тогаш не сме одговорни ни за доброто, нели? Дали тоа значи дека сиот успех во животот е сосема случаен?

Тоа е посебна приказна. Колку и да им е тешко на луѓето да го прифатат механизираниот поглед на лошото однесување, неспоредливо потешко е да го прифатат во однос на доброто однесување. Помалку проблематично е во судски поглед, но, да, ќе биде потребно да се прифатат многу нешта кои биологијата им ги подарила на некои од нас, а на другите им ги скратила.

Укинувањето на слободната волја ја негира аврамската теологија, односот помеѓу Бог и човекот. Можеби го негира и самото постоење на Бог?

Само попатно. Јас како убеден атеист немам против, но ова веќе е напад на нешто друго: на идејата дека сме нешто повеќе од нашиот мозок, дека некаде во нас постои свесно битие кое живее во мозокот, а не дека е негов дел, некое небиолошко „јас“. Тоа е подеднакво основано колку и алхемијата односно астрологијата. Некои луѓе го доведуваат тој концепт во верски рамки, но дури и кога не е поврзано со религијата, просечен човек е убеден дека во него лежи нешто повеќе од обична биохемија.

Значи, вашата теорија не ги негира само верата и душата, туку го напаѓа и фундаменталното поимање на човечкиот идентитет?

Секоја втора година одржувам предавања базирани на овие идеи. Понекогаш доаѓаат 500-600 студенти, што значи статистички е загарантирано дека 5-6 од нив ќе поминат низ криза на верата после курсот, додека 3-4 ќе искусат некаква егзистенцијална криза. Сето тоа навистина вознемирува. Ние ја сакаме својата индивидуалност, ја сакаме мистеријата, есенцијализмот. Нѐ плаши погледот на биолошкиот механизам кој го покренува сето тоа.

Дали на тој начин полесно може да се предвиди нечие однесување?

Науката генерално не е способна со анализа на оштетувањата на префронталниот кортекс да каже „овој ќе биде сериски убиец, а оној немилосрдно ќе подригнува на погреби“. Сепак, кога ќе се земе предвид со каква брзина пристигнуваат новите сознанија за причините за човечките обрасци на однесување, со текот на времето идејата за човечето кое ни седи во мозокот и донесува одлуки, постепено ќе биде потисната.

Освен биологијата, велите дека однесувањето го условува и општеството. Или можеби општеството врши влијание на биологијата на нашиот мозок?

Тоа влијание е немерливо. Ако растете во тврдоглавиот индивидуализам на САД, а не во колективизмот од Источна Азија, ќе имате драстично различни погледи на прашањата за соработка и интеракција со луѓето. Споредете ги оние кои растат во места со над 100 000 жители и оние од руралните средини. Во просек, личностите од урбаните опкружувања имаат зголемена амигдала (мозочни јадра поврзани со стравот и анксиозноста). Во таа смисла, културното опкружување може физички да го измени мозокот.

А оние од руралниот југ?

Позната е студијата каде учесниците мислеле дека се испитуваат математичките способности, но експериментот впрочем се одвивал напред, во ходникот. Учесниците на поминување ќе ги поткачело некое крупно момче, ќе му речеле „внимавај каде одиш, гомнар“ и ќе продолжело понатаму. Кога учесникот ќе влезе за да решава задачи по математика, ќе му го измерат крвниот притисок и нивото на хормоните. Студентите од југот на Америка имале зголемен притисок и поголемо ниво на стрес, што влијае на расудувањето.

Причината, како што се смета, е фактот дека Југот го колонизирале сточари од северот на Англија и Шкотска, каде се ценела културата на честа. Векови подоцна, и натаму се забележуваат белези од тие активности во физиолошките реакции на нивните потомци. Значи, општеството нема неопиплив фактор кој влијае на развојот на мозокот и обрасците на однесување. Тоа влијание почнува да се врши неколку минути по раѓањето на единката.

Дали со поимањето на овие фактори се приближуваме до концептот на слободната волја?

Ако сте пораснале во опкружување во кое се ценат интроспекцијата и критичкиот осврт на сопствените одлуки, каде се доведуваат во прашање и рационалноста и рационализацијата, тогаш вашиот мозочен кортекс е извежбан подобро да проценува што се случува во лимфниот систем (кој влијае на несвесното однесување). Ако од човекот се бара секогаш да ја преиспитува интуитивната реакција пред да ја спроведе на дело, тој можеби понекогаш ќе одлучи дека интуицијата би била деструктивна или бесмислена, па ќе се обиде да ѝ одолее.

Слики: Keshava Shukla

Извор: https://www.vice.com

Слични содржини

Наука / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Наука / Култура / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Свет / Наука / Екологија

ОкоБоли главаВицФото