„Феминистичке свеске“ (1994-1999): помеѓу женското искуство и феминистичкото знаење (1)

05.08.2019 13:01
„Феминистичке свеске“ (1994-1999): помеѓу женското искуство и феминистичкото знаење (1)

 Во овој текст Станислава Бараќ го претставува дејствувањето на списанието Феминистичке свеске 1994-1999 во контект на севкупната феминистичка контрајавност која се развила и обновила во 1990-тите во државите наследници на социјалистичка Југославија. Во текстот се дефинираат специфичностите на ова списание и активизмот од кој произлегло. Во таа смисла, посебно внимание е посветено на проблемите на насилство над жените односно начините на кои уредничките и соработничките на списанието придонеле за теориско освестување, политичко дејствување и книжевна репрезентација на тоа поле.


Позицијата на списанието во феминистичката контрајавност во ‘90-тите на 20-от век

  Најнепосредното активистичко делување кое со време довело до основање на списанието Феминистичке свеске било покренувањето на волонтерската служба SOS-телефон за жени и деца жртви на насилство. SOS-телефонот бил основан во Белград во 1990 година во сѐ уште мирни услови. Всушност, тоа бил далекосежен резултат на долготрајното југословенско феминистичко делување од крајот на ‘70-тите и во текот на ‘80-тите години. Концентрацијата на феминистичките акции на крајот од таа етапа се огледала како во четирите големи феминистички собири (Љубљана 1987, Загреб 1988, Белград 1990, Љубљана 1991), така и во покренувањето на волонтерските служби: првиот SOS-телефон за жени и деца жртви на насилство е основан во Загреб во 1988, а вториот во Љубљана во 1989. Иако Југославија, чија дезинтеграција тогаш само што отпочнувала, низ децениите систематски отворала и развивала центри за социјална работа, институционалната поддршка не била доволна за навистина да им помогне на жрвите на домашно насилство, повеќето жени и девојчиња. Една од причините за тоа претставувал фактот што самото насилство не било адекватно дефинирано. Активистките, главно феминистки, кои ја покренале вонинституционалната поддршка за жртвите на насилство, во тој момент не можеле да претпостават дека наскоро ќе се соочат со нови жртви, односно со насилство над жените во војната. Уште повеќе, таа коинциденција – почетокот со работа на SOS-телефонот и почетокот на југословенските војни – овозможила да се воочат крајно очигледни сличности помеѓу семејното и военото насилство. Во научна смисла, еден несреќен след на околности допринел знаењето кое постепено се произведувало низ прилозите во Феминистичке свеске да биде втемелено на најширок можен истражувачки примерок, и со самото тоа, поцелосно и полегитимно. Такво во однос на раните истражувања и увиди го правело пред сѐ фактот што било засновано на феминистички пристап, односно што ја уважувало перспективата на жртвата.

Од почетокот на војната/војните SOS-телефонот и прифатните центри им помагале на жените-бегалки од кои многумина биле непосредни жртви на (сексуално) насилство во војната. Дејноста на активистките неминовно се ширела, па така неформалната иницијатива SOS-телефон на 10 декември 1993 е проширена во организацијата Автономен женски центар за жени и деца жртви на насилство. Покрај тоа, билтенот кој активистките дотогаш го објавувале за да ги бележат своите активности нужно прераснал во порепрезентативна медиска форма – списание. Треба да се нагласи дека SOS-билтенот веќе бил публикација од поголем обем, со јасно воспоставени рубрики, кои во потполност се пресликуваат во списанието , со тоа што им се додаваат и некои нови. Некои од прилозите во билтенот подоцна се преобјавени во списанието. Земајќи го предвид овој континуитет, може да се каже дека практично паралелно со Центарот, во 1994 година е основано и неговото гласило Феминистичке свеске (во понатамошниот текст ФС). Бидејќи списанието е сеопфатна форма, со сопствени жанровски барања, покрај вообичаените извештаи, документарни и теориски текстови (кои излегувале и во билтенот), во ФС се објавувала и книжевност, во превод и домашна.

Феминистичке свеске благодарение на тоа добиваат класичен облик на списание па можат да се набљудуваат паралелно со други две феминистички списанија покренати во исто време: ПроФемина (1994/5) и Женске студије (1995) / Генеро (2002). Иако другите две списанија не потекнуваат од истиот вид активизам, слободно може да се каже дека овие три гласила создаваат своевидна целина, односно репрезентативно дискурзивно јадро на феминистичката контрајавност во ‘90-тите години од 20-от век. Феминистичката контрајавност, која во српскохрватското говорно подрачје како препознатлив алтернативен дискурзивен простор за прв пат се формирала во Кралството СХС/Југославија, на извесен начин е обновена во ‘90-тите години, кога се создале услови погодни за алтернативно женско здружување. Поточно, условите се „погодни“ но суштински различни: во периодот по Првата светска војна, пред сѐ во европските држави но и во КСХС, раните еманципаторски барања на жените добиле широка институционална поддршка (навистина, поради национално-патриотсите заслуги на жените а не поради иманентни феминистички причини). Додека со декомпозицијата на социјалистичките општества веќе остварените еманципациски текови почнале да се оспоруваат.

„Првата“ и „втората“ југословенска феминистичка контрајавност се препознаваат по основната заедничка карактеристика: покренувањето нови женски и феминистички списанија. Периодиката била и останала – наспроти изумите на новите медиуми и битно поинаквите околности – главен инструмент на контрајавноста. Притоа, и во првиот и во вториот случај, списанијата им претходеле на активистичките иницијативи, (не)формалните женски и феминистички здружувања, алтернативните образовни програми, а ги следел голем број други феминистички публикации (билтени, годишници, зборници, „помошни публикации“, плакати, летоци, монографии). Сите овие активности, институции и изданија, поточно расправите кои преку нив се воделе, ја сочинувале феминистичката контрајавност на ‘90-тите години од 20-от век. Поради прегледност и систематичност, може да се говори за три главни полиња внатре во неа: примарно активистичко (чиј репрезент се ФС), примарно книжевно (олицетворено во списанието ПроФемина) и примарно теориско или академско (кое е претставено со списанието Женске студије, подоцна преименувано во Генеро).

Зборот примарно овде би требало да го нагласи фактот дека, покрај јасните специфичности на секое од списанијата/јавните полиња, постоело активистичко-идеолошко поле на преклопување или обединување – покрај феминизмот, кој се подразбира, тоа се пацифизмот и антинационализмот. Тие преклопувања се огледаат во фактот што одредени соработнички и уредници на овие списанија се појавуваат во две, или во сите три списанија, во различна улога и во различна мера. Потоа, многу од нив биле активистки или членки на одредени групи и организации како Центарот за женски студии, Жена во црно, Автономен женски центар, Белградско женско лоби, ИНДОК, АЖИН, ЛАБРИС, Феминистичка издавачка куќа
‘94 и тн.

Овој труд се фокусира на два специфични придонеси на ФС кои се огледаат во детабуизацијата на 1)насилството врз жените, особено силување и инцест и 2)хомосексуалноста/лезбејството. Треба да се надласи дека пацифизмот и антивоениот активизам се исто така конститутивни за поетиката на ФС: во еден дел, тие се интегрирани во првиот проблем; од друга страна, оваа тема – во контекст на периодиката – заслужува посебна студија, која заедно со ФС фокусирано би го следела делувањето на Жена во црно и нивните годишни публикации Жене за мир (која во вид на зборник речиси редовно излегува од 1993 година).

Првото уредништво, или, како што тоа самите уредници го именувале, редакција на списанието ФС го сочинувале: Надежда Четковиќ, Зорица Мршевиќ, Славица Стојановиќ и Љиљана Вулетиќ. Подоцна им се приклучиле Лепа Младенивиќ и Јасмина Тешановиќ. Уредниците имале и улоги на соработнички, и тоа двојни: била авторки на оригинални прилози и преведувачки на странски текстови. Замислено било списанието да излегува шест пати годишно, но вкупните околности тој ритам го свеле на еден број, односно двоброј годишно.

Дел од основачките на „Феминистичке свеске“: Зорица Мршевиќ, Љиљана Вулетиќ и Славица Стојановиќ

Јавноста помеѓу искуството и знаењето

Како инструмент на јавноста, списанијата претставувале дискурзивен простор кој ги спојува хаотичноста на секојдневните збиднувања и систематичноста на знаењето. Списанијата бележат актуелни случувања (биле тоа и текстуални случувања), но, за разлика од дневниот печат, нудат и сеопфатно толкување на тие случувања. Списанијата се во истражувачка смисла повластени извори, бидејќи на проучувачот од областа на хуманистичите и општествени науки им овозможуваат на едно место да го набљудуваат она што е доготраен и „расплинет“ процес: трансформацијата на поединечните искуства во заедничко знаење. Во конкретниот случај, ФС истовремено ги бележеле и ги објаснувале женските искуства. Ги бележеле (не)посредните сведочења на жените за претрпеното насилство и истовремено донесувале воопштувања за тој проблем; укажувале на веќе постоечки сознанија како што се преводи на сведочења или теориски воопштувања од други геокултурни и историски контексти. ФС, значи, подобро од кој било друг медиум, текст или документационен центар, а на најмал простор, покажува процес кој од лично искуство води кон поопшто знаење.

Знаењето за (сексуалното) насилство врз жените, меѓутоа, во дадениот миг било општествено табуизирана тема. Затоа во ‘90-тите години од 20-от век тоа можело да се произведе само внатре во границите на една контрајавност. До денес тоа не е станато дел од легитимното и несомнено општо академско знаење. Покрај маргинализирањето и непризнавањето на проблемот на семејното насилство во патријархалното општество, активистките во Србија и другите држави-наследници на Југославија се соочиле со ситуација во која, поради апсолутната доминација на националистичко-патријархалниот модел во медиумите, но и во науката, силувањето на жените во војната исто така останува тазбуизирано злосторство. Во таа смисла, ФС остануваат, до денес, практично премолчени иако се првокласен историски извор за југословенските војни.

Прилозите во ФС, поради позицијата на списанието помеѓу искуството и знаењето, истовремено се и градиво и литература за оние кои денес го истражуваат ова списание. Индикативно е што дадените прилози имале иста улога и за авторките кои го создавале, како и за нивните први читателки: тие учеле за нештата за кои прв пат пишувале. Во таа смисла важно е уште еднаш да се нагласи витализмот на класичните медиски форми на списанието (без оглед на тоа дали е во печатен или електронски облик). Фактот што трите наведени списанија денес се основни извори/архиви за проучување на феминистичката контрајавност во ‘90-тите, говори колкава е важноста и делотворноста на периодичниот печат во време на помоќни медиски форми и формати. Притоа, феминистичката контрајавност во Србија во ‘90-тите, како и онаа пораната, ја карактеризира пред сѐ изразена самосвест и, логично, метакритички и автокритички дискурс. Ја одликува, повторно како и првата, дијахрониска самосвест, поради која претставничките на „женската сцена“, како што ја нарекуваат сопствената јавност, актуелното женско движење и процесот во кој учествуваат го гледаат како обнова на пораното женско движење. Во потфатот кој претставува израз токму на таква самосвест, зборникот Кон видливата женска историја: женските движења во Белград во ’90-тите (1998), Марина Благојевиќ актуелното делување на активистките го опишува како „повторно излегување на површина на женските движења во Србија“. На помалку експлицитен начин, а во истиот воведен текст, Благојевиќ ја искажала и Хабермасовата идеја за самопросветлувањето на публиката како еден од клучните процеси во настанување на (одредена) јавност. Таа, имено, пишува дека дадениот зборник е наменет „пред сѐ, за самите активистки, но и за оние кои сакаат да се вклучат во женското движење, и за оние кои се само симпатизер(к)и“ . Потоа таа наведува други потенцијални групи т.е. публики, а дури на самиот крај – „пошироката јавност“. Ова свесно стеснување и издвојување на јавноста за која книгата е наменета не претставува потреба за самоисклучување или израз на неверување во можноста за пошироко дејство, туку пред сѐ е израз на (само)разбирање на мигот во процесот (настанувањето односно обновувањето) на феминистичката контрајавност: таа сѐ уште ги гради своите институции, таа сѐ уште делува во полуофицијални рамки, таа сѐ уште има потреба да се самопросветлува.

Хабермасовата оптимистична проекција според која подредената јавност (како женската или пролетерската) можат да се вклучат во „општата“ граѓанска јавност (бидејќи, според Хабермас, таа има моќ за инклузивна трансформација), меѓутоа, не се остварила во целост во Србија во времето од 2000 до денес. Ваквото поврзување со Хабермасовиот концепт исто така е мотивирано од метакритичките согледби на феминистичката контрајавност, која себе се гледа како движење кое учествува во развојот на цивилното општество во Србија. Феминистичката контрајавност и е и не е дел од граѓанската јавност, ако функцијата на јавноста ја дефинираме хабермасовски, како критички инструмент кој стои помеѓу државата и општеството, работејќи во корист на општеството. Токму ФС најдобро ја отсликува таа позиција: нивните соработнички иницираат подесување барања кон општината и владата по прашањето на женските права, главно заштита од насилство во семејството, и за тоа известуваат во ФС. Многу од тие предлози подоцна се усвоени како законска регулатива, бидејќи настанале во процеси кои резултирале во меѓународно обврзувачки правни акти. Во доминантните медиуми, пак, општото премолчување на овој женски активизам произведува лажна слика во која обврзувачките законски акти доаѓаат во Србија исклучиво како надворешни и странски налози, а не како резултати на повеќедецениската работа на домашните феминистки, кои се вклучени во меѓународните програми и организации.

Значењето, важноста и улогата на ФС во српското општество се согледува кога списанието се набљудува во изворен медиски контекст, кој денес го претставува официјалната интернет страница на Автономниот женски центар. На неа се наоѓаат дигитализирани броеви на списанието ФС (вистина, ненаметливо поставени), кои читани паралелно со останатите содржини на страницата (описот на работата на Центарот, последните вести врзани за насиство над жените и негово сузбивање, практични упатства за жртвите на насилство и волонтерките, теориски и други феминистички публикации на Центарот, годишни извештаи за неговата работа, дигитализирани и архивирани публикации/прилози од други издавачи итн.) го откриваат своето место во општествените процеси кои во Србија можат да се следат од почетокот на ‘90-тите години на 20-от век.

Програмата на списанието

Да се одбере медиумот списание секогаш значи да се одберат и одредени жанровски конвенции, па така и ФС нужно исполнуваат некои традиционално зададени рамки: најблиску до формата се таканаречените „дебели“ списанија, со цврста структура и стабилни рубрики, и тоа оние кои во поднасловот се определуваат за „култура и општествени прашања“. Поради воената ситуација и темата со која се бават, уредниците често ја изневеруваат оваа шема, која е нужна за минимално стабилна структура да ги поврзува броевите на списанието. За разлика од други списанија, овде рубриките се формираат според потребите на активизмот и резултатите од работата на SOS-телефонот и Автономниот женски центар, односно според потребите на самите жени, било како жртви на насилство било како публика. Рубриките затоа не носат неутрални називи (како Преглед, Погледи, Интервју) туку содржински и вредносно прецизни и определени: Силувањето е злосторство, Да се сака друга, Искуства од SOS-от, Од историјата на женските движења, Инцест, Former Sisters Unite и тн.

Одредени прилози и рубрики, кои во ФС се потполно нестабилни, јасно сведочат за хетерогеноста на феминистичката контрајавност во ‘90-тите. Така, поединечни програмски моменти, кои се клучни за едно списание, се јавуваат во рудиментарен, неразвиен и непрограмски облик во друго. На пример, пренесувањето извадоци од дневникот на Катарина Богдановиќ, интелектуалка и феминистка најактивна помеѓу двете светски војни , првата главна уредница на списанието Женски покрет (1920-1938), е израз на начелното определување на целокупната феминистичка контрајавност кон истражувањето на женското минато и воспоставување врски со првата феминистичка контрајавност, односно воспоставувањето женска интелектуална традиција. Но, додека тоа начело прерааснало во системски остваруван програмски гинокритички постулат на ПроФемина, во ФС, иако вклопен во рубриката Женска историја, фрагментарно е реализиран.

Воведниот програмски текст на ФС исто така е нековенционален, што повторно е резултат на радикалната ситуација во која се наоѓаат соработничките и публиката. Феминистичке свеске всушност имаат два програмски текста. Првиот програмски текст е ненасловен, позициониран практично во просторот импресум, на ненумерирано страници и типографски „запуштен“. Во него со постапката in medias res, прескокнувајќи го одговарачкиот општ идеолошки наратив, публиката пред сѐ известува за активистичко-издавачкото делување на волонтерките односно уредниците: „Волонтерките на SOS-телефонот за жени и деца жртви на насилство за четири години работа издале седум броеви од билтеност на SOS-от. Билтенот на SOS-от, пред сѐ интерно, подоцна во публикација од типот на списание, ги објавувал искуствата од SOS-от.“ Meѓутоа, веднаш потоа следи објаснувањето на волонтерската работа што открива меѓуусловеност на феминистичата теорија и пракса, односно фактот дека во феминистичкиот активизам имплицитно е содржана феминистичката теорија: „Тежнеевме насилството врз жените, на кое преку SOS-от се спротиставувавме, да го направиме општествено видливо, да ги обелодениме женските стратегии на преживување, како и да дадеме анализа на социјалните и класните суштини на машкото насилство врз жените.“ Остатокот од уводникот, пак, ја опишува предисторијата на ФС и проекција на нивната мисија.

Вториот уводник не е текст кој го пишувале уредниците но е поставен на позиција на програмски текст, како прв прилог на нумерираните страници на списанието. Песната Преминувајќи ја линијата од Билјана Кашиќ, со афилијација со Женско лоби, Загреб, со своите примарни антивоени ангажмани идеално го надополнува примарниот феминистички ангажман на првиот уводник. За песната исклучително важни се нејзините паратекстуални делови, афилијацијата на авторката и фуснотата која ги известува читателките дека песната е „пишувана за време на дежурството во Антивоената кампања во Загреб. Песната ја презеле миротворките и миротвроците од светот како мото за одбележување на 8 март 1994 година. Билјана мислела на нас додека ја пишувала. Ние мислиме на Билјана и на нашите другарки од Загреб објавувајќи ја.“ Тие два текста, кога ќе се прочитаат во континуитет, го искажуваат севкупната програма на списанието, баш како што лирското ние во песната ја воспоставува изгубената целина имагинациски преминувајќи ја „бесмислената војна“ наметната со граничната линија. Кон овие текстови како трет дел од уводната целина може да се припишат визуелниот текст на насловната страна: таа не содржи таканаречена легенда, текстуален коментар на сликата, туку само фотографија на постара жена од муслиманска вероисповед која – како што контекстот на читателите сугерирал а понатамошните текстови на списанието потврдувале – е една од бегалките, жител на некој од бегалските приватни центри, жртва на војната.

 

Станислава Бараќ (1977) работи во Институтот за книжевност и уметност на проект специјализиран за проучување на (книжевна) периодика. Докторирала на Филолошкиот факултет во Белград со тезата Жанрот на женскиот портрет во српската периодика во ’20-тите и ’30-тите години на 20-от век.

Потесни истражувачки теми ѝ се женската книжевност и активизам, посебно во периодот помеѓу двете светски војни, историја на југословеската периодика, авангардна книжевност, како и различните аспекти на прозата на Иво Андриќ.

Бараќ ќе биде учесник на книжевниот фестивал Друга приказна кој ќе се одржи 05-08 септември во МКЦ во Скопје.


 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото