Како да зборуваме за климатските промени

06.08.2019 01:15
Како да зборуваме за климатските промени

Во триесеттите години на минатиот век, теоретичарот на книжевност Кенет Берк имаше свој предлог кој го нарече „комична рамка“, станува збор за сфаќањето „на човековите лудории како комедија која секогаш е на работ на најкатастрофалната трагедија“, пишуваше тој. Трагедијата неумоливо маршира кон крајот, но кај комедијата можеме само да го погодуваме епилогот. Кристина Фауст, професорка по комуникации на Универзитетот во Денвер, истакнува дека климатологијата, како и климатските вести, често е претставена како трагична апокалипса и запечатена судбина. (На почетокот на оваа недела, глациологот Ерик Ригнот им рече на новинарите дека еден дел од западниот антарктички покривач од мраз се истенчил преку „точката од која нема враќање“). Иако без спмнение многу климатски катастрофи се сосема блиску, Фауст вели дека за медиумското известување за нив би била корисна „комичната рамка“ на Берк.

Климатолозите се релативно неискусни во сферата на трагичната апокалипса. Науката главно говори со пасивен и неемотивен јазик, честопати одразувајќи ја несигурноста која е составен дел на научниот процес. Таквиот пристап не може лесно да ѝ се претстави на пошироката публика – колебањето и одолговлекувањето веднаш ќе бидат злоупотребени. Но како што податоците за климатските промени стануваат сè побројни, а предвидувањата временски и просторно стануваат сè поблиски, по многу години на јавна сцена, климатолозите стануваат сè подобри во предочувањето на застрашувачката сериозност на своите наоди. Пишувајќи за климатските промени, во последните десет години забележав дека сè поголем број на научници ги отфрлаат претераните резерви и во говорот преминуваат на активни глаголи. Ги слушав дури и како зборуваат за своите чувства.

Пред неколку години, психолозите од Центарот за истражување на еколошки одлуки од Универзитетот Колумбија, на студентите им покажаа една од двете компјутерски презентации за топењето на глечерите. Во првата презентација биле користени статистички податоци и графикони кои ја објаснувале врската помеѓу промените и топењето на мразот. Втората презентација ги изнела истите податоци со помош на слики и животни приказни: сведочење на еден земјоделец од Танзанија за ефектите на климатските проемни и сателитски снимки на повлекувањето ан глечерот на планината Килиминџаро. Студентите кои ја гледале втората презентација не само што запаметиле повеќе информации, туку покажале и поголема загриженост и подготвеност нешто да преземат. Климатолозите можеби повеќе ги сакаат графиконите и статистиката, но се навикнуваат да ги вклучуваат и емоционалните апели кога информациите им ги претставуваат на граѓаните.

Недвосмисленоста и непосредноста се добредојдени, но можеби не се доволни. За половина век на психолошки истражувања на „застрашувачките пораки“ – пораки кои се обидуваат да ги преплашат слушателите, откриено е дека предизвикувањето страв е многу ефикасно за привлекувањето на вниманието, но не функционира добро кога треба да го задржи вниманието. Секој од нас го има она што Елке Вебер, директорка на Центарот за истражување на еколошките одлуки, го опишува како „ограничен базен на грижи“, кој најчесто го полниме со неодложни лични проблеми. Застрашувачките пораки се како капки во базенот. „Толку долго сме преживувале фокусирајќи се на непосредните проблеми“, вели Вебер. „Климатските промени претставуваат предизвик без преседан, когнитивно и емоционално. Мораме некако да пронајдеме начин и да го прошириме и инстуционализираме вниманието врз нив“.

Еден од начините како да се одржува вниманието е застрашувачките вести да се проследат со редица остварливи акции, тврдат психолозите. „Ако побарате од мене да го променам Конгресот, тоа е премногу тешко“, вели Џенет Свим, псиголог од Универзитетот Пен Стејт, која ги проучува комуникациите за климатските промени. „Ако барате да сменам сијалица, тоа е премалку. Мора да дадете решение кое е и изводливо и уверливо.“ Реформи на принцип на постепеност, кампањи за енергетски ефикасни градови, намалување на емисијата на штетни гасови на државно ниво – тоа се целите кои учесниците ќе ги одржува да бидат активни“, објаснува Свим.

Научниците не се занимаваат со креирање политики. Ниту пак новинарите. Но и едните и другите прават многу повеќе од елегантно артикулирање на претстојната катастрофа. Можеме да се фокусираме на соодветните средства за можни решенија и прилагодувања – и со малку среќа може да пронајдеме уверливи начини и патишта за бегство од работ на трагичната провалија.

Слики: Nate Kitch

Извор: The New Yorker

 

ОкоБоли главаВицФото