1005 hPa
67 %
12 °C
Скопје - Чет, 25.04.2024 01:59
Жулиен Дувие (Julien Douvier) е француски уметник базиран во Париз. Дувие создава подвижни фотографии (некаде и под името кинемаграфи /cinemagraph/), кои претставуваат микс на фотографија и видео. Во нив, изолирани делови од приказот се задржани во повторливо движење, додека остатокот е замрзнат во фотографираниот миг.
Дувие лови едноставни, попатни сцени од природата и урбаните простори и ги претвора во медитативни џебови, каде атмосферата на приказот е во преден план.
Елементите кои избира да ги остави во движење најчесто се детали и заднински елементи, тие ја пренесуваат атмосферата на фотографијата и ја концентрираат енергијата. Она, пак, што во обичната фотографија би било централен, носечки објект, останува скаменето и некомуникативно. Таквиот парадоксален ефект предизвикан од контрастот меѓу неподвижноста и движењето, артифициелноста, е важен аспект од магнетичностa на неговите слики.
Приказите на Дувие се меланхолични и носталгични, личат на продолжени блесоци спомени, извлечени за повнимателна анализа. Фрагментарната ритмичност во структурата и внимателниот фокус ги прави синестетски преводливи.
Повеќе за Жулиен Дувие : https://juliendouvier.com/Animated-Photography-Mixed-theme