Сопругата на Хасан Авдиќ

07.08.2019 11:45
Сопругата на Хасан Авдиќ

(Баба ми никогаш не ставаше парфем. Велеше дека парфемот е за курви и простачки. Мирисаше на сапун од домашно производство и на црвен кромид. Добра жена мириса на кујна. Така зборуваше баба ми. Добра жена не се влечка низ чаршија. И така зборуваше баба ми. И уште многу, многу добри жени се слеваа од нејзината уста на нашата дрвена маса прекриена со светлопортокалова мушама и со понекое зрно грашок што ќе успееше да побегне.)

*

Хасан одлучи да приредиме вечера за најблиските пријатели по повод објавувањето на мојот расказ. Напишав расказ за портокалите. Напишав расказ за себе. Никогаш не сум пробала нешто да напишам. И тогаш напишав еден расказ. Не ни знаев дури дека тоа може да биде расказ, тоа, толку малечко тоа... Го отчукав на ситникавиот бел компјутер што Хасан го користи во трпезаријата. Тој компјутер има некое посебно име, не знам. Хасан знае. Срце, знаеш дека не сакам кога го отвораш мојот... и го кажува тоа нешто. Мислам дека е тоа англиски. Не знам. Хасан знае.

Рече дека не сака кога го отворам неговиот... ама дека го прочитал мојот краток расказ; рече дека е симпатичен и дека ќе го прати на пријател што уредува некакво книжевно списание, дека тоа би било симпатично и замисли госпоѓа Авдиќ објавила расказ во – и уште сенешто рече и пак нешто дека е симпатично и се смешкаше. Јас не реков ништо. Хасан ретко се смешка.

Тие портокали беа мои и на мајка ми. Сакав да му го кажам тоа. Сакав и да кажам дека сакам да останат мои и на мајка ми. Не реков ништо зашто изгледаше толку среќно.

*

Најблиските пријатели беа убаво облечени и сите беа насмеани. Некои од жените имаа ставено парфем. Дури и некои мажи. (Хасан еднаш ми купи парфем, ама никогаш не го ставив. Не ми се допаѓа мирисот. Всушност, не ми се допаѓа како јас изгледам со тој мирис на себе, по себе... Најблиските пријатели мирисаа така.) Јадеа црн тост премачкан со маслиново масло и лук (една жена рече дека нејзиниот желудник не поднесува лук), јадеа коцкички пилешко со парченца ананас и кари-зачин, јадеа кришки домат и краставица, јадеа тенки крокети со паштета од лосос... Мирисаа на парфеми. Јас мирисав на лук и риба. Поради својот расказ.

Една жена рече дека ѝ е задоволство конечно да ја запознае сопругата на Хасан Авдиќ. Јас реков фала. Имаше широка пунџа и тесен фустан. Имаше парфем. Прокоментира дека масичката во ходникот има една пократка нога. Неколкупати го заниша со својата потпетица. Се смееше и Хасан се смееше ко тоа да му беше смешно. Помислив дека треба да ставам нешто под ногарките на масата за да престане да се клацка.

Додека зборуваше за Хасан, жената со пунџата ќе ја допреше неговата подлактица со своите тенки, аристократски прсти. Тој се смешкаше со парче црн тост во другата рака. Помислив дека деловните луѓе имаат стил, секако повеќе од мене.

Некои од нив ми поставуваа прашања за книжевноста што не ги разбирав. Ми подарија некои книги за кои никогаш немав чуено. Зборуваа на неразбирлив јазик. Хасан ме гледаше преку дневната соба и беше горд и јас тогаш кимав со главата и му се смешкав на соговорникот како да го разбирам. Сакав да биде горд на мене, мојот сопруг.

Пробав да читам еден од романите што ги добив за подарок. Се вика Госпоѓа Даловеј. Го напишала Вирџинија Вулф. Заклучив дека се работи за Англичанка, иако никогаш немав чуено за неа. Според тоа што го пишува на задната корица, претпоставувам дека била некој битен. Прочитав неколку страници додека го чекав чичко Остоја да ми донесе свежа пастрмка. Ништо не разбрав, па пробав пак да читам отпочеток. На крајот ја затворив книгата, а и Остоја веќе ѕвонеше. Не знам зошто луѓето пишуваат такви неразбирливи книги. Се надевам само дека Хасан нема да ме праша за што се работи. Не сакам да мисли дека сум глупава.

*

На компјутерот во кујната отворив интернет и пробав да пронајдам нешто за Вирџинија Вулф, ама Хасан дојде и рече дека не сака кога го отворам неговиот. Ме праша што правев на интернет, а мене ми беше срам да му одговорам. Мислам дека се налути. Не знам што ми требаше да го отворам тој компјутер кога знам дека не го сака тоа. Се надевам дека пастрмката и младиот компир малку ќе го орасположат.

*

Хасан утрината го однесе малиот компјутер во торба на работа. Не разговаравме за тоа. Можеби така е и подобро зашто ќе има помалку причини да се лути. Одлучив да ја сменам постелнината и да ги избришам паркетот и прозорците. Можеби ќе направам и колач со сирење и малини. Како тој што сака.

Прочитав дваесет страници од книгата Госпоѓа Даловеј. Имињата се напишани на англиски, па морам да погаѓам како се читаат. Мислам дека главната хероина се презива Даловај. Се работи за некаква свечена вечера што таа ја подготвува. Морам да признаам дека не гледам во тоа никаков повод за пишување. Подготвување прием за народ. Покрај тоа, речениците се толку заплеткани и прескокнуваат една преку друга, што понекогаш морам неколкупати да прочитам еден пасус. Можеби госпоѓата што ми ја подари книгата и самата пробала да ја чита, па одлучила да се ослободи од неа. Кога јас би напишала книга, таа би била полна со кратки и јасни приказни и би била напишана на едноставен јазик. Сигурно не би пишувала за готвење вечера. Доста ми е што нонстоп готвам, не морам уште и да пишувам за тоа и да давам други луѓе.

Што сум смешна. Ко да ќе напишам некогаш некоја книга.

*

Додека Хасан беше на работа, некој човек ѕвонеше на домашниот телефон и рече дека се вика Владимир Нешто и дека го прочитал мојот расказ и дека би сакал да напишам нешто за некој зборник за кој веројатно ќе пишуваат само жени и дека е тоа афирмација на жените и сенешто. Искрено, не го разбрав баш најдобро. Го запишав телефонот на салфетка и Владимир зашто ми беше срам пак да го прашувам за презимето. Бев толку возбудена, што заборавив да зготвам вечера. Не знам што ме обзеде, па прочитав уште дваесет страници од романот на госпоѓа Вулф.

Хасан си дојде приквечерта. Рече дека тој никогаш не чул за тоа списание (сакав да кажам дека се работи за зборник, ама не сакав да испадне дека се правам паметна). Рече дека е тоа сигурно уште едно феминистичко срање и дека не треба премногу да се надевам зашто тие срања никој не ги чита. Ја стутка салфетката и ја фрли во канта заедно со празната кутија цигари. Додаде уште и дека неговиот пријател секогаш со задоволство ќе ги прегледа моите раскази, ама еден расказ не значи дека си писател зашто тоа просто беше едно симпатично раскавче и ништо повеќе и дека треба да се пазам од тие будали што немаат пари да платат вистински писатели па искористуваат кутри жени. Можеби Хасан беше во право. Избрзав кога се израдував, а притоа воопшто не ни помислив дека постои друга страна на приказната. Хасан сепак познава некои луѓе и има пријатели во книжевното списание и знае какви сѐ уредници и издавачи има.

Да биде работата уште полоша, ме праша што има за вечера, а јас морав да му испржам јајца набрзина. Видов дека не беше баш најсреќен поради тоа, подоцна само рече дека треба да ја поправиме масата во ходникот и потоа отиде на спиење. (Звучи смешно, ама ѝ бев лута на Вирџинија Вулф. Како да е таа крива што, место да готвам вечера, денгубев цело попладне.)

Кога Хасан излезе од дома, ја извадив салфетката од кантата за ѓубре и ја израмнив со дланката. Имаше на себе дамки од малини и смрдеше. Од некоја причина го препишав телефонскиот број во својот црвен адресар. Потоа пак го стуткав марамчето и го фрлив назад во отпадоците. Помислив, којзнае поради што, дека можеби ќе ми затреба тој број. Или можеби и Хасан ќе се предомисли или пријателот од книжевниот весник ќе му каже дека го познава Владимир Нешто и дека чул за тој зборник.

Размислив и за што би пишувала. За баба ми. Би можела роман да напишам за неа.

p.s. Ја прочитав речиси цела Госпоѓа Даловај. Дури сега видов дека на крајот од книгата има поговор од некој професор по книжевност или таков некој. Многу ми е појасно по читањето на неговиот текст. Веројатно и тој самиот сфатил дека со таков роман треба да стои објаснување. Му доаѓа како рецепт покрај нелогичните намирници.

*

Утринава пишував. Скинав неколку големи листови од Хасановиот црн роковник. Ги скинав од средината, за да не забележи дека недостигаат листови.

На почетокот доста размислував за тоа што ќе напишам, ама подоцна ми стана многу полесно. Испишав два големи листа од средина и ги вметнав помеѓу два празни листа. Го оставив својот расказ на масичката во ходникот за Хасан да не го пронајде. Се чувствував доста добро. Одлучив да ја започнам темата за женскиот зборник кога ќе дојде од работа. А можеби пак може да ми помогне кај својот пријател.

p.s. Ја завршив Госпоѓа Даловај.

*

Хасан си дојде рано утрината. Рече дека со Марко толку се задржале во канцеларија, што одлучил да преспие таму, на каучот. Делуваше толку изморено, што не сакав да го спомнувам својот нов расказ, зборникот, или што било друго. Му направив чај, ама рече дека е поарно да си легне. Некако ми беше жал за него. Помислив како тој работи по цели денови, додека јас седам и пискарам раскавчиња како некаква ученичка.

Одлучив да направам пита со сирење со сирењето останато во фрижидерот. Тој сака топла пита и јогурт. Потоа можеби ќе му кажам за расказот, кога ќе си дојде при себе.

*

Го чув како излегува од дома додека се туширав. Го преспа цел ден. Не ја проба питата. Набрзина се замотав во крпата и излегов од бањата, ама не успеав да го стигнам. Стоев така, мокра и смешна, и гледав во влезната врата.

Седнав на малото столче во ходникот. Сабота е, каде би можел да отиде? Ја сетив водата како ми се цеди низ листовите долу на паркетот. Тоа не е добро, паркетот ќе се крене од влажноста. Ја спуштив главата на масичката, веќе не се нишаше. Ја притиснав со дланките, ама и натаму беше стабилна. Погледнав долу, покрај своето мокро стапало, и видов стуткано хартиено пакетче, поставено под пократката ногарка од столчето, да го прекине клацкањето. Мора Хасан да го подметнал тука.

Седнав на паркетот покрај и ја погледнав одблизу таа мала, практична иновација. И тогаш ми стана јасно: тоа беше мојот расказ, превиткан неколкупати, турнат под едната нога на малата маса. Лежеше така, скриен од погледот, од пријателите на Хасан, од Владимир Нешто, од мене. Помислив дека е тоа едно добро место за мојот расказ. Помислив дека ѝ е подобро тука каде што има некаква цел. Помислив и дека масите не треба да се нишаат. Отидов и се преслеков во чист домашен фустан. Сабота е. Сабота е. Можеби има нешто на телевизија.

*

(Баба ми ја криеше својата коса под светлокафени и синкави марами и умееше да ја цитира само баба си. Навечер, пред спиење, можеби и го одврзуваше јазолот. Можеби поминуваше со јаготките на прстите преку својата тајна фризура. Можеби го масираше темето. Можеби. Јас тоа не можам да го знам.

Баба ми беше добра жена.

Мирисаше на кујна. Не се влечкаше по чаршијата.)


Слики: MOUNI FEDDAG

Превод од српски: Ѓоко Здравески

 

ОкоБоли главаВицФото