Асја Методиева: Западен Балкан страда од слаби медиумски системи и недостиг на транспарентност

08.08.2019 00:20
Асја Методиева: Западен Балкан страда од слаби медиумски системи и недостиг на транспарентност

Асја Методиева е докторанд на Централноевропскиот Универзитет (ЦЕУ) во Будимпешта, а ги истражува радикалните движења, со фокус на регрутирањето на странски борци. Нејзиниот труд „Russian Narrative Proxies in the Western Balkans” (Преносителите на рускиот наратив во Западен Балкан), којшто неодамна беше објавен од Германскиот Маршалов фонд на САД, го истражува растежот на антизападните/проруските наративи во Западен Балкан, анализирајќи ја улогата на локалните преносители на наративот – локални државни и недржавни инфо-агенти коишто доброволно ги промовираат интересите на Русија во целиот регион. Таа за „Мета“ говори за главните наоди од истражувањето.

Последното Ваше истражување ја анализира улогата на преносителите на рускиот наратив во Западен Балкан. Како ги дефинирате овие извори на дезинформации?

Го започнав моето истражување токму со ова прашање на ум. Според мене, нашите обиди да ги дефинираме дезинформациите, во последниве години создадоа дефиниција којашто е поприлично нејасна и често пати конфузна. Таа ја симплифицира комплексната интеракција помеѓу спротивставените наративи – доверливи и измамнички извори, како и изложеноста на јавноста на мрежата на „реалности“. Мојата прва задача во ова истражување беше да дадам концептуален одговор на прашањето што всушност стои зад дефиницијата „дезинформации“. Се работи за градењето на наративот, притоа повеќе за врамување на реалноста, а помалку за кажување на вистината. Потпирањето на фактите драматично се намалува, додека наративите произлегуваат од перцепциите и ставовите. Ова е моќна алатка во рацете на домашните и странските чинители. Дезинформацијата не е нужно феномен „Од горе – надолу“. Затоа, ова истражување се фокусира на преносителите на дезинформациите или на локалната димензија на ова прашање.

Кои се најчестите антизападни медиумски манипулации и дезинформации што кружат на Западен Балкан и колку се тие влијателни?

Она што ова истражување го откри е дека генералното разочарување со Западот во целиот регион е клучната варијабла за успешно градење наративи што им служат на руските интереси. Локалните преносители на дезинформации градат наративи експлоатирајќи ја идејата на веќе постоечки идентитетски врски, споделена историја и безусловна руска политичка поддршка низ времето. Овие наративи се филтрираат низ традиционалните и социјалните медиуми, како и преку локалните политички, културни и економски чинители. Четири клучни наративи беа користени во различни варијации во трите земји: НАТО е агресор, ЕУ е институционално и политички слаба, Соединетите Американски Држави сакаат да креираат Голема Албанија и Русија е доверлив партнер. А нивното влијание? Тешко е да се измери. Иако генералниот ефект од преносителите на рускиот наратив низ регионот е дека ЕУ и НАТО перспективите за земјите од Западен Балкан се поткопани, а се промовира имиџот на Русија како политичка, воена и економска алтернатива за Западот; се поттикнуваат тензии помеѓу различните заедници; се зголемуваат довербата и присуството на националистичките/патриотските движења; екосистемот на локалните медиуми е нарушен, а новинарството е рането. Во Северна Македонија, антизападните/про-руските наративни преносители, особено активни во кампањата #Бојкотирам за време на референдумот, се заканија со поткопување на прозападната ориентација на земјата. Во Србија тие имат штетно влијание на процесот на нормализација на односите со Косово. Во Босна и Херцеговина, тие ги поткопуваат изгледите за политичка и институционална соработка помеѓу двата ентитета во земјата.

Во Северна Македонија, руското влијание беше табу тема долго време. Колку се свесни локалните политичари и медуими за оваа тема сега?

Русија нема долга историја на геополитички интерес во Северна Македонија. Ниту пак имала енормна подршка меѓу Македонците. Но, сепак, ова се менува во последните неколку години. Иако Русија се нема официјално спротиставено на приклучувањето на земјата кон ЕУ, отворено се противи на тоа да стане членка на НАТО. Јас верувам дека некои антизападни политички актери имаат корист од руската интервенција, и самите станувајќи локални преносители. Кога станува збор за граѓанскиот сектор и медиумите во Северна Македонија, тие стануваат посвесни за ризиците од кампањите за дезинформирање. Сепак, медиумската неписменост останува сериозно прашање, не само во Северна Македонија, туку и низ целиот регион. За време на кампањата за референдумот имаше изострено чувство на отпор. А улогата на организации како што е „Метаморфозис“ останува важна за кревањето на свеста.

Пред референдумот за менување на името, странските дописници што доаѓаа во Северна Македонија инсистираа да пронајдат очигледен доказ, како што е директен ток на пари кој доаѓа од Кремљ, а, во спротивно, се воздржуваа дури и да споменат руска вмешаност. Ситуацијата во Западен Балкан честопати не е толку едноставна. Дали има некои посуптилни индикатори на малигни странски влијанија?

Руското влијание често пати се канализира преку теми коишто на прв поглед изгледаат целосно локални. Поради тоа, тешко е да се увиди. Информативната војна се смета за соодветна алатка за вмешување и е само дел од поширокиот стратешки арсенал за политичко мешање. Кога прашуваме „Дали е ова повторно масло на Русија?”, исто така треба и да се запрашаме „Кој друг би имал интерес да се спротиставува на Западот во регионот?” Русија поактивно се вмеша во домашната политика на Северна Македонија со ескалацијата на кризата во 2017 година, експлицитно обвинуваќи го Западот за ситуацијата. Во 2017, објавувањето на разузнавачки документи откри како Амбасадата на Русија во Скопје спроведувала субверзивни активности преку директно финансирање на медиуми и основање на над 30 културни организации. Месеци пред референдумот, Руската амбасада исто така беше многу активна во објавување соопштенија. Треба само да ги поврземе точките. Алатките на Русија во Западен Балкан вклучуваат широк спектар на инструменти на „мека моќ“, заедно со политички и економски притисок. Нејзиното економско присуство во регионот расте, особено во енергетскиот сектор. Руски фондации во последниве години ги засилија своите активности низ регионот, обединувајќи професори, новинари и интелектуалци кои споделуват антизападни ставови. Во меѓувреме, Русија негуваше и блиски врски со организациите на ветерани и патриотските движења во регионот. Мојот аргумент е дека Русија се потпира на државни и не-државни чинители во странство за да проектира моќ поддржувајќи анти-западни и про-руски наративи. Дезинформациските активности се „подизведуваат“ низ лабави односи со локалните дезинформациски актери коишто ги поддржуваат нејзините интереси.

Какви типови дезинформации за Северна Македонија доминираа во времето на Вашето истражување?

Кратко време пред референдумот, информативниот пејсаж во земјата беше заситен со извртени и поларизирачки наративи. Кампањата за бојкот, изградена врз антизападна реторика, имаше цел да ги одвлече луѓето од гласањето. Беа создадени стотици ботови и тролови на Фејсбук и Твитер и десетици анонимни новински сајтови, со цел активно да пренесуваат анти-НАТО пораки. Клучен простор за ваквата реторика беше инфраструктурата на онлајн-медиуми наследена од пропагандната машинерија на претходната влада. Иако балканското издание на „Спутник“ не објави голем број написи за Македонија во неделите пред референдумот, идентични антизападни/проруски наративи беа создавани од српски и руски онлајн-извори и пренесувани од македонски онлајн-медиуми. Преносителите ги окупираа првите редови на кампањата #Бојкотирам. Не треба да заборавиме дека таборот што беше за бојкот претставуваше многу хетерогена група луѓе. Не сите што се противеа на референдумот имаа проруски сентименти, но сепак многумина користеа анти-западна реторика. Од друга страна, пак, иако раката на Русија не е видлива во Северна Македонија на прв поглед, напливот на антизападни пораки ја поттикна проруската агенда.

Кои типови дезинформации се најзастапени во известувањето за последната фаза на спорот меѓу Србија и Косово?

Спорот меѓу Србија и Косово честопати станува главната арена за големата геополитичка битка меѓу Русија и Западот. Како што знаеме, Русија е главниот подржувач на Србија, обидувајќи се да ја преземе улогата на медијатор или главен посредник. Бидејќи не се исчезнати лузните од бомбардирањето од НАТО во 1999 година, антизападните ставови се наголемо присутни во српската јавност. Спорот меѓу Косово и Србија е клучот на процесот на помирување во регионот, при што Русија генерално зазема став спротивен на Западот. Преносителите на дезинформации го искористуваат косовското прашање, употребуваjќи еднострана, просрпска реторика. Русија и преносителите на нејзиниот наратив имаат публика не само во Србија, туку и во српските заедници во Црна Гора, Косово и во Босна и Херцеговина. Во поголемиот дел случаи, тие немаат дефинирана цел да го презентираат рускиот став, туку да ги потсилат наративите што постојат на локално ниво. Се користат сензационални наслови и намерно одбрани цитати и коментари за ширење сомнежи и дилеми за улогата на НАТО и ЕУ во регионот, притоа сугерирајќи дека западни играчи работат против политичките интереси на Србија и претставуват закана за регионална стабилност.

Исто така, Вие го истражувавте распространувањето дезинформации за изборите во Босна и Херцеговина. Што треба да земат предвид странските медиуми додека известуваат за оваа земја, за да не станат несвесни соучесници?

Босна и Херцеговина е најверојатно најранливата земја на Балканот и е плодна почва за геополитички битки помеѓу Русија и Западот. Сепак, пораките во однос на Западот се далеку помалку агресивни и во помал обем во споредба со Македонија и Србија. Изборите во 2018 година не донесоа голема политичка промена, освен за Милорад Додик, којшто беше избран за српскиот член во претседателството на земјата. Немаше некој голем политички настан пред гласањето во 2018 година што би ја интензивирал проруската и прозападната дихотомија во Босна и Херцеговина. Од друга страна, проруските наративи се дел од политичката сцена во Република Српска, делумно како резултат на добрите односи меѓу Додик и претседателот Владимир Путин. Преносителите на наративот во Босна и Херцеговина се погласни меѓу етничките Срби во Република Српска отколку во Федерацијата БиХ, бидејќи пораките почесто се насочени кон српските интересни сфери во регионот, со посебен акцент на спорот со Косово. Сепак, улогата на проруските медиумски преносители во Босна и Херцеговина не треба да се преувеличува. Таквите наративи се користеа во повоените години од страна на локалните политичари, новинари и припадници на академската фела.

Вашиот труд покажува дека за да се измами публика во Западен Балкан, во различни контексти биле користени различни методи. Од ботови и автоматизација во Северна Македонија до политички контролирани традиционални медиуми во Србија и Босна и Херцеговина. Дали постои „лек“ против ширењето дезинформации?

Лекот е да се сигнализира дека постои проблем, а не да се нормализира. Да, во Северна Македонија ботови и автоматизирани алатки играа клучна улога во антизападните наративи, додека во Србија и Босна и Хецеговина во тоа повеќе учествуваа политички контролираните традиционални медиуми. Но сите страдат од истата болест, слаби медиумски системи, општа медиумска неписменост, недостиг на транспарентност и недостиг на отпор против дезинформациите на политичко ниво. Треба да инсистираме да се признае од страна на нашите политички елити постоењето информатички закани. Многумина балкански политичари едноставно не ја препознаваат слободата на говор како вредност, и поради тоа не можат да најдат „лек“ кога станува збор за креирање политики. Јас верувам дека ЕУ треба да поттикне политичко признавање на заканата од дезинформациите од страна на владите на Западен Балкан. Иако сите земји во регионот беа цели на проруски дезинформации во последниве години, немаше признание за овој тренд како безбедносно прашање на политичко ниво, главно поради тоа што некои влади и самите се однесуваа како преносители на наративот.

Многу често, дезинформацијата креирана во една земја на Западен Балкан се рециклира преку границите во друга земја, видоизменета и засилена за да послужи на локалните политички цели, а по некое време се враќа во земјата од каде произлегла во многу поштетна форма. Кој би бил најефикасниот начин за справување со токсичниот феномен на распространување дезинформации преку границите?

Дезинформацијата се шири преку границите сѐ додека темите се прекугранични по својата природа. И кога станува збор за балканскиот регион, има многу дезинформации. Јас би рекла, за да им се спротивставиме, треба да видиме повеќе регионална соработка и заеднички стратегиски цели на земјите во регионот. Намерно засилената претходна и новововедена антизападна реторика придонесе за проруската политичка агенда во регионот, особено кон напорите на Кремљ да се спротивстави на понатамошното проширување на НАТО. Преносителите на рускиот наратив генерално си ја подобрија позицијата презентирајќи ја Русија како политичка, економска и воена алтернатива за Западен Балкан. Русија всушност не нуди привлечен политички проект, но тоа сепак го храни намалувањето на ентузијазмот во регионот за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Се чини дека ѝ е лесно на Русија да им ја продава на локалните политички елити идејата за „неприпаѓање на Западот“, и институционално и идентитетски. Истовремено, неспособноста на овие елити да понудат економски перспективи ги тера да ги засилуваат идентитетските врски со Русија, манифестирајќи притоа нетрпение во нивните разговори со Западот.

Што треба владите од земјите на Западен Балкан да направат за да се борат против дезинформациите и колку се активни по ова прашање? Кои чекори тие самите треба да ги превземат за да покажат дека самите не се преносители на дезинформации?

Дали навистина сакаат да покажат такво нешто? Се сомневам во тоа. Јас верувам дека локалните политички елити се сѐ уште под искушение да ги злоупотребуваат и контролираат медиумите. Ако сакаат да покажат политичка волја да се справуваат со темата дезинформации, треба да бидат подготвени да бидат прашувани за слободата на говорот, медискиот плурализам, итн. Како што кажав, сѐ додека нема политичко признание за постоењето на овој проблем, ќе останеме на дефиниции и празни политички фрази. За време на референдумската кампања во Северна Македонија, Зоран Заев рече дека владата добила некои сигнали за вмешување. Сега е време да се оди понатаму од политичките изјави и да се изнесат докази, да се ангажира јавноста и да креираат политики. Инаку, сите паѓаме во стапицата на теориите на заговор и трендовските политички наративи, без да се справиме со проблемот на дезинформациите како такви.

Колку се активни новинарите или медиумските здруженија во борбата против дезинформациите? Дали механизмите за саморегулација применети од новинарската заедница се доволно добри за да се поправи оваа ситуација или пак треба да се воведе нешто друго?

Не смееме да заборавиме дека од едната страна имаме машини, ботови, алгоритами. Новинарите, од друга страна, посебно во ранливите медиумски системи, не можат самите да се борат во оваа битка. Но новинарите имаат многу битна задача да не бидат мрзливи кога станува збор за проверување на фактите. Новинарите од Западен Балкан честопати ја пропуштат шансата да ја подигнат свеста за напорите на руските преносители да протуркаат манипулативни медиумски содржини или да преземат контрола врз различни извори на информации. Поради многу причини, вклучувајќи го стравот на губење на работата. Заради тоа новинарите треба да бидат поддржани од локалните и меѓународните чинители во нивните напори да ги детектираат и отстранат „лажните вести“ и другите типови на лажни информации преку креирање на поттици за промовирање на новинарските стандарди и употребата на факти.

Што треба Европската Унија и НАТО, а посебно, нивните земји-членки од Балканот, да направат за да се поправи оваа ситуација? Дали имало некои добри искуства кои може да се користат како модел за регионот?

Прво и основно, ЕУ треба да биде попроактивна во справувањето со отворените прашања на Западен Балкан, поконкретно во спорот меѓу Србија и Косово. Улогата на Западот во спорот меѓу Северна Македонија и Грција беше позитивен пример за вакви политички напори. ЕУ и САД треба да станат повидливи, преку иницијативи за регионална соработка и политички посети, ако сакаат да го покажат нивниот интерес за Западниот Балкан и да се спротивстават на амбицијата на Русија за проширување на нејзиното присуство таму. НАТО треба да биде поактивен во објаснување на својата улога, ангажирајки се во критички разговори со политичките противници во целиот регион, во обид да се намалат ефектите на анти-НАТО реториката, која се чини дека е сѐ погласна и поуспешна во пренесувањето на политичките пораки. ЕУ треба да го засили политичкото признавање на заканата од дезинформациите од страна на владите во Западен Балкан. Иако сите земји во регионот беа цел на проруски дезинформации во последните години, немаше препознавање на овој тренд како безбедносно прашање на политичко ниво, главно поради тоа што дел од владите и самите делуваа како преносители на наративот.

Вашето истражување ја истакнува потребата за зголемување на инвестирањето во активностите на граѓанското општество и научните истражувања за справувањето со дезинформациите. Во Западен Балкан двата сектора се многу ослабнати од притисокот од нелибералните влади во еден подолг период на заробена држава. Што треба да биде приоритет за меѓународната заедница и донаторите во овој поглед?

Па, ЕУ и сите што сакат да промовираат стандарди треба да се запрашаат што навистина сакаат. Проблемот со дезинформациите е политичко прашање, тоа е прашање на вредностите. Ако дозволиме некои алтернативни пристапи да ги преземат слободните медиуми, универзитетите и отворените политички дискусии, тогаш ќе бидеме во неволја. Вклучувајќи ги и донаторите. Потребно е инвестирање во активностите на граѓанското општество и во академските истражувања за прашањата што се наведени погоре. Секако е предизвик да се идентификуваат дезинформациите во земјите каде што слободата на медиумите е силно ограничена поради заробувањето на државата. Затоа, улогата на невладиниот сектор и академската заедница е од клучно значење за информирање на јавноста за штетата направена од преносителите на дезинформации.

Која би била Вашата препорака за поединечниот „просечен“ граѓанин од Западен Балкан – што е крајната цел на кампањите на преносителите? Како може некој што не е експерт да се заштити од дезинформациите?

Читај. Читај. Читај. Провери ги изворите. Биди критичен кон информацијата што ја читаш или гледаш на телевизија. Јас верувам дека сите сме ранливи и треба да најдеме сопствени начини да се спротиставиме. Никој не може да ни помогне ако се откажеме од мислење на индивидуално ниво. Напротив, има премногу актери кои настојуваат да го постигнат спротивното. Оттаму, ова е одговорност на сите нас.

Извор: Мета 

Слични содржини

Општество / Балкан
Сеад Џигал

ОкоБоли главаВицФото