Дедото и разбојниците

07.08.2019 23:56
Дедото и разбојниците

Дедото на Тамара стрелаше во министер и доби седум години затвор.

Претпоставувам дека старецот и денес е со вербата дека неговиот револвер, кога го вперил во големата и значајна општествена ѕверка, место со убојни куршуми, бил наполнет со непрегорната тага и љубов кон малата мртва внука.

Некако, само ми се наметнува прашањето - зошто е оној опозициски лидер и универзитетски професор Мицкоски на слобода?!

Зошто тој и неговите распашани друмски разбојници, не се зад решетки, а без престан, и ноќе и дење, стрелаат во мојот и во нашиот колективен мир?!

Го маглат и загадуваат мојот и нашиот животен простор со барутните отрови од оружјето на подлоста, лагата, саботажите, диверзиите. А според многу знаци, одработуваат во интерес на нашето општо зло и туѓински каузи.

Почнувам да верувам, а дај Боже да сум само јас во заблуда, а вие да мислите поинаку, дека таа, до ступидни размери разуздана и разулавена клапа, која се намерачила на главата на Зоран Заев, подготвена е, без ронка сентименталност и одговорност, да ни ја убие дури и државата. И тоа, на прагот од влезната врата што води кон домот на европското семејство. Во куќата во која владеат законите за лична и колективна безбедност, за неселективна правда, демократија и социјален спокој.

Дури и да е во прашање само мојот душевен и граѓански мир, само спокојот во мојот личен и семеен животен простор, на моите деца и внуци, во името на Уставот и човечкото достоинство, сакам и барам да бидам заштитен.

Во крајна линија, зошто имаме власт? Зошто плаќам Влада. Па таа не е мрестилиште за сомови и мрени. Зошто издвојувам од мојата пензионерска цркавица за сто и дваесетте липицанери од собраниската ергела. Зошто се крстам во моќта на Армијата и Полицијата. А дебело не чинат и оние судиски и обвинителки сатрапи.

Или чекаме, таа нафатирана мангупаана, да биде седната на судската клупа на законската одговорност, доколку ја фатиме додека на тротоарите продава китки магдонос и марули.

Ако е така, ќе пресвиснеме сите од предолго чекање!

И државата заедно со нас!

Извор: Фејсбук профилот на авторот