1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Во овој текст Станислава Бараќ го претставува дејствувањето на списанието Феминистичке свеске 1994-1999 во контект на севкупната феминистичка контрајавност која се развила и обновила во 1990-тите во државите наследници на социјалистичка Југославија. Во текстот се дефинираат специфичностите на ова списание и активизмот од кој произлегло. Во таа смисла, посебно внимание е посветено на проблемите на насилство над жените односно начините на кои уредничките и соработничките на списанието придонеле за теориско освестување, политичко дејствување и книжевна репрезентација на тоа поле.
Силувањето е злосторство
Соработничките на Феминистичке свеске се бавеле со насилство над жените, како и со траумата предизвикана од насилството, и тоа на најмалку два начина: со пренесување на непосредни сведочења и теориски елаборации. Mеѓусебно се поткрепувале два вида текстови, иако потекнувале од различни средини и истражувачки корпуси. Специфичниот допринос на ФС се огледа и во инсистирањето на на правна и законска димензија на борбата против насилството над жените, за што е најзаслужна една од уредниците на списанието – Зорица Мршевиќ. Во времето на покренување на списанието таа ја вообличила книгата Женските права се човекови права (1994), што го дало и името на една од рубриките во првиот број. Предавањето кое го држела авторката на Женски студии, врз основа на кое и настанала оваа книга, како и сите броеви на ФС, кај публиакта развивале основна свест дека насилството не е личен проблем на жената која трпи насилство, туку општествена појава и проблем на целата заедница. ФС вршеле функција на училишен учебник, своевидна читанка во постојано настанување, која ја учи публиката на основните поими и знаења на темата. Едно од тие знаења гласи: силувањето е злосторство. Феминистичката јуриспруденција (за која Зорица Мршевич ќе пишува нешто подоцна, во двобројот 11-12 на Женске студије од 1997), која можеме да ја сфатиме како дериват на феминистичката епистемологија, го оголела фактот дека правните системи и јазикот на правото отсекогаш биле ексклузивен домен на мажите. Дури масовното присуство на жените во тоа поле овозможило видливост, дефинирање и законско санкционирање на насилството кое го трпат жените.
Непризнаеното злосторство на военото силување почнало да се истражува во Европа по новото јакнење на движењето за женските права на почетоко на ’90-тите години. Благодарение на тоа, активистките и соработничките на ФС имале пред себе нови теории за праксата која ја сведочеле. Синтезата на Рут Зајферт во студијата Војна и силување, преземена од свежо објавениот зборник за масовното силување жени , претставува една од таквите теории, а би можеле да се разберат и како претпоставки од кои тргнувале и соработничките на ФС. Во согласност со сопствените волонтерски искуства и туѓи нови сознанија, тие буквално ги усвојуваат или корегираат. Рут Зајферт, имено, изнела низа тези кои ги сумираат сознанијата од дотогашните истражувања на (воените) силувања, кои потоа преку нови документарни, теориски и книжевни текстови биле потврдувани или модифицирани за време на целото излегување на списанието.
Рут Зајферт ги разоткрива востановените а погрешни дефиниции и нуди нови сознанија. Таа укажува дека силувањето не е нагонски/биолошки туку општествен/културен чин. Ова клучно спознание, изразено на многу места („силувањето не е агресивен израз на сексуалноста, туку сексуален израз на агресијата“), требало во потполност да го промени доминантниот општествен став и да им помогне на жртвите на силување. Зајферт во својот текст предупредува на тоа дека недостигале, како и дека сѐ уште недостигаат, форми на дискурс во кои жените можат да говорат за силување а притоа да го сочуваат своето достоинство (поради што често за тоа и не говореле). ФС се обидуваат да ги обезбедат тие дискурзивни услови.
Рут Зајферт внимателно ги анализира и разграничува општата родова условеност на силувањето (како дел од односите на моќ во општеството) и конкретните случаи условени и од додатен контекст (одреден од културата и природата на војната, ако се во прашање силувања во војна). Таа издвојува пет клучни тези: 1. силувањето спаѓа во „правилата на игра на војната“; 2. во воените конфликти злоупотребата на жената е дел од машката комуникација; 3. силувањата резултираат и од императивот на машкоста кој армијата го поставува на војниците, односно од воздигнувањето на машкоста, што е една пропратна појава на војните во западните култури; 4. силувањата во војните се насочени кон разорување на културата на противникот; 5. оргиите на силување имаат како позадина културно вкотвено презирање на жените, кое во екстремни времиња се реализира.
Оваа студија, уште повеќе, ги побива предрасудите дека силувањето е последица на примитивноста и неразвиеноста на општеството уважувајќи ги новите феминистички знаења кои покажуваат дека со силувања „се оптеретени општествата во кои машката моќ станала нестабилна. […] Во општествата оптеретени со силувања, се вбројуваат речиси сите модерни западни општества. Еден адекватен пример е САД со своето силно женско движење и лабилноста на машката моќ“.
ФС овие знаења ги поткрепиле давајќи подоцна привилегирано место на преводите на прозата на Маја Ангелоу и Џенет Винтерсон, и тоа на оние дела на двете американски авторки кои говорат за семејното силување и инцестот. Овие текстови / романи влијаеле, меѓу другото, и на тоа да се воочи празен простор во домашната женска книжевност, која до тој миг не дала ниедно дело на оваа тема. Романот Сирена на Јасмина Тешановиќ, соработничка на списанието, чиј извадок најпрво излегува во ФС („Симс“), настанал од потребата таа празнина да се пополни. Во секој случај, внатре во ФС постои висока интер- и интратекстуална значинска согласност: она што теорискиот текст со еден јазик го говори други текстови од други жанрови го потврдуваат. Таа согласност во вакво списание не е само вообичаен израз на уредничката вештина при составувањето текстови во поединечен број, туку е резултат на фактот што феминистичкиот пристап кон проблемот на силувањето донел усолгласени резултати (без оглед на тоа што текстовите доаѓаат од различни географски, јазични и култури средини).
Повеќето прилози за силувањето во првиот број на ФС говори во прилог на тоа дека жените мораат да создадат сопствен простор и да изградат сопствен јазик за воопшто да проговорат за сѐ што ги засега. Зорица Мршевиќ во текстот „Проблем без име“ го пренесува прочуениот теориски концепт на Бети Фридан за домашното насилство како појава толку непризнаена што немала ни појмовно-теминолошки израз додека жените не пристапиле истражувачки:
Во заштитениот простор на собата за терапија жените, додуша, се осмелувале да говорат за силувањето, инцестот, тепањето, но учените луѓе од медицинската или психијатриската наука не им верувале. На нивните проблеми им давале други имиња, научени од машката литератута во поглавјата за хистерија. Во заштитениот простор на групата за подигнување на свеста, жените говореле за силување и сѐ останато, а другите жени им верувале. […] Иако методот на подигнување на свеста е сличен на психотерапискиот, нејзината цел е повеќе од општествен карактер, значи повеќе насочен кон општествени промени отколку кон лични.
Читателките на ФС овие зборови можеле да ги сфатат како рамка за разбирање на живите сведочења во прилозите кои следеле. Во одредени текстови, значи, се сумираат сите дотогашни истражувања на силувањето (во мноу различни историски контексти и со различни идеолошки предзнаци: Нанкинг 1937/1938, Втората светска војна, Берлин 1945, Виетнам) па кон тоа се приклучуваат актуелни сведоштва, а веќе во следниот текст или број на тоа се надоврзуваат нови теориски расправи. Списанието на тој начин се обликува како истражувачки и научен простор од кој произлегува ново знаење. Феминистичке свеске покажале дека темата насилство и силување треба да се сфати како важна историографска и социолошка тема, тема која припаѓа на главниот тек на историја и знаење, а не на некој маргинален или партикуларно женски домен.
Во таа смисла, текстот кој ја сумира историјата (проучувањето) на траумата во западната култура, „Една заборавена историја“ од Џудит Луис Херман, објавен во претпоследниот број (двоброј) на ФС , може да се чита како своевидна синтеза на пишувањето за силувањето во ФС. И обратно: како вовед во проучувањето на ова списание.
Иако прилогот претставува извадок од авторската монографија од 1992 година, во 1998 гоина тој функционирал и како рекапитулација на знаењето за траумата, постојаната динамика на потиснување и освестување на тоа знаење, за што придонеле и југословенските војни. Историјата на проучување на траумата, како што предочува Луис Херман, истовремено е историја на потиснување на знаењето за најдлабоките причини на (женската) хистерија - машкото насилство над жените и девојчињата. Траумата на мажите предизвикана од искуството на војната (пред сѐ во Првата па Втората а потоа и Виетнамката) откриле симптоматологија идентична на онаа кај хистеријата (во времиња на мир). Проучувањето на воените трауми довела до научни откритија за заедничката основа на хистеријата и поствоените трауми - combat neurosis, но нелагодноста поради тие откритија била проследена со автоцензура и откажување од понатамошно проучување на појавата. Додека Луис Херман заклучила дека „војната на половите постои. Жртвите на силување, злоупотребуваните жени и сексуално злоупотребуваните деца се нејзини жртви. Хистеријата е combat neurosis од војната на половите“, волонтерките и соработничките на ФС сведочеле на траумите на жените кои биле жртви на војната на половите внатре во класичната војна.
Во првиот број, една од главните рубрики, „Искуства од SOS-от“, не донесува сведочење за семејното насилство над жените, туку склоп текстови „Од бегалскиот камп“, т.е. разнородните сведоштва за насилството врз жените во војната. Прилозите сведочат како за непосредното насилство, кое најчесто има форма на сексуално, така и за „посредното“ насилство, кое подразбира губиток на дом, бегалски статус, страдање поради насилна смрт на блиските и други воени трауматски искуства. Текстовите се собрани непретенциозно, но сепак градат целина на повеќе или помалку посредувани женски исповеди, односно своевидни женски портрети сведени на трауматски момент. Најчесто искуствата на жртвите ги запишувале волонтерки, како што сугерираат поднасловите на оваа низа текстови: „Мајка“ (Мерима Ношиќ), „Повеќе торби отколку раце“ (Мерима Ношиќ), „Ведрана“ (Данка Тољ) [прво лице еднина, дневничка одредница над „исповед“] „Сарајка“ (Данка Тољ), „Бегалски приказни“ (ги собрала Индира Кајошевиќ): Јелена, 7 години; Тијана, 5 години; Сања, 21 година; Садета, 28 години; Баба Марија, 83 години.
Поради самата постапка на запишување на туѓиот усен говор, литераризацијата на овие искуства/приказни е речиси неопходна, а степенот на посредување на искуствата често се зголемува, особено како резултат на неизговорливоста или цензурирањето на неговото трауматично јадро. Тоа е, на пример, видливо во записот „Сања, 21 година“:
Во просторијата влезе малда девојка со бледо лице во болничка ноќница. Се обиде да се насмее и безволно ја пружи раката. Седна во аголот. Со вжештени образи. Ништо не говори, не се движи, лицето како кај восочна фигура со убави темни очи. Нејзината приказна ја раскажа жената која седеше до неа, пренападно, театрално, постојано вртејќи ја главата кон неа. „Така беше, Сања, така рече дека беше и беа многу секоја вечер, така рече.“ Сања немо набљудува, не одговара, само со раката цврсто ги држи краевите на ноќницата.
Токму масовните злосторства над жените во југословенските војни, пред сѐ во БиХ, доведоа до свеста за природата на овие злосторства како воени, па така Меѓународниот суд за воени злосторства извршени на подрачјето на поранешна Југославија (основан 1993) бил прв кој, на планот на меѓународните права, силувањето на жените го квалификувал како воено злосторство. Историјата на Хашкиот трибунал, како што колоквијално се нарекува судот, донекаде се поклопува со историјата на ФС, така што соработничките на списанието истовремено ги документирале искуствата на жртвите и ги следеле правно дефинираните злосторства. Заедно со истражувањата и знаењата од другите средини кои ги преведувале и објавувале, соработничките на ФС стекнувале, во научна смисла, привилегиран увид во овој проблем, па вредноста на нивните заклучоци и знаења е првокласна.
За разлика од записите кои потекнувале од волонтерки емотивно зближени со жртвите, како оној за Сања, извештаите кои доаѓале од Меѓународните организации а кои ФС исто така ги објавуале, бруталноста на злосторствата ја изнесувале подиректно и подетално. Во една низа описи на Amnesty International, во рубриката „Силувањето е злосторство“, насловен „Силувања“ додека во поднасловот е името на местото каде се одиграло злосторството („Клуч“) стои:
Две жени изјавиле дека се силувани на почетокот на септември. Една од нив, жена во дваесеттите, ја силувале во нејзината куќа тројца пијани, униформирани мажи кои ги познавала. Друга жена, во средни шеесетти години, била во група од осум жени кои ги силувале пред куќата во кој се скривале; ги силувало друштво кое го опишала како, на неа познати, припадници на српските нерегуларни формации. Ги силувале тројца, едниот прво ѝ го ставил ножот во вагината а потоа ја натерал да ја лиже сопствената крв. По силувањето две од жените се заклани.
Впечатлива е разликата помеѓу двата наведени извадоци/описи. Таа разлика има важни импликации по (феминистичкото) знаење за злосторствата на силување. Првиот извадок, чија „хероина“ Сања, само индиректно го наведува злосторството, ги премолчува деталите, но за возврат ја прикажува самата траума. Ја прикажува токму преку неизговорливоста на настанот, но и низ она искажаното: описот на симптомите (однесувањето и изгледот на „хероината“ како слика на нејзината состојба). Притоа, извадокот го објавува името на жената. Вториот извадок, пак, без задршка ја опишува претрпената тортура, но не ги опишува субјективните состојби на жените, ниту ѝ го бележи името.
Јасмина Тешановиќ во двобројот 9-10 на ФС, во прилогот „Силувана повторно невидлива“ (по кој е именувана и рубриката во рамките на кои е сместен), ја објаснила противречноста која ја илустрираат наведените извадоци, а кои останале неразрешени во меѓународното право. Тешановиќ заклучува дека самиот факт што се суди злосторството воено силување е „голема победа на современиот феминизам и последица на голема борба на западното феминистичко движење“. Голем успех е правното дефинирање на злосторството воено силување и тоа што тоа се толкува како и други воени злочини: значи, и како злосторство против човештвото и како геноцид (кога се врши масовно со цел промена на етничките структури на населението) и како тортура. Меѓутоа, клучниот проблем е што нигде во правните документи не се споменуваат жртвите на силување, односно не се споменува самиот збор жена, од каде Јасмина Тешановиќ изведува правни и феминистички импликации: „И тогаш кога се силувани, се суди по мерите на силувачот: дали дали го правеле тоа масовно или поединечно, а не од стварноста и доживувањето на жената која е силувана. Теориски изгледа дека силувањето било можно да помине и без жената, дека тоа е нешто што мажите сами си го прават едни на други, една игра на војна и чест.“
Во дефиницијата на военото злосторство силување како геноцид повторно имплицитно е содржана вообичаената мизогина претпоставка која ја негира женската субјективност: „Ако силуваш жена од туѓа вера, таа раѓа дете од нацијата на силувачот, нејзината припадност не се смета или се брише.“ Ставот кој Јасмина Тешановиќ оттаму го изведува се однесува на согледбата која работата на SOS-телефонот и Автономниот женски центар ја овозможил, а тоа е заедничка културна основа на военото и семејно злосторство силување, односно проблематичноста на самата институција на бракот и семејството: „Така е и во мир, и во најсреќниот, најслободниот граѓански брак и тоа во најбогатите средини во западната цивилизација.“
На овој прилог смисловно се надоврзува еден преведен текст – „Женските човекови права во војната и воените конфликти“ од Шарлота Банч . Прилогот нуди феминистичка перспектива во поглед на освестување на злосторствата на жените во војната, нивната подоцнежна заштита, признавањето на правата на воена отштета, и, воопшто, широката способност за разбирање на силувањето на жените во војната во контекст на општите човекови права. Се предвидува дека таа ќе остане непризнаена, недоволно правно и практично спроведена, а често и премолчена и невидлива. Понатамошниот развој на настани тоа, за жал, го потврдило.
Да се сака друга
Покрај темата на сексуално насилство, и во нејзини рамки – инцестот, списанието ФС се издвојува од останатите по специјалниот третман на уште една табу-тема: темата на хомосексуалноста, поточно лезбејската хомосексуалност. Прилози за оваа тема можат да се најдат на различни места во списанието, а посебно им е посветена рубриката „Да се сака друга“, која со поетскиот наслов суптилно ја ѝ двојната маргинализација на лезбејките. Таа постои во списанието од самиот почеток и е една од неговите најстабилни рубрики. Во неа се објавувани изворни домашни, и, нешто повеќе, преведени текстови. Земајќи сѐ заедно, овие текстови сведочат за комплексноста на таканаречените (анти)модернизациски процеси: од една страна, постои богата историја на движењето за правата на хомосексуалците како и доволно богата историја на книжевни текстови на тема хомосексуални односи; од друга страна, факт е дека хомосексуалноста и понатаму е општествено табуизирана, а личните права и слободи на тоа поле – неостварени.
Токму прилогот во таа рубрика во првиот и вториот број на ФС ја илустрира дадената ситуација. Таа можеби најдобро е сумирана во сликата на Мартина Навратилова која во 1993 говорела на „Маршот на лезбејките и хомосексуалците на Вашингтон“. Имено, во прилогот „Жените кои ни даваат сила да станеме и останеме видливи“ Бранка Веселиновиќ пренесува делови од интервјуто кое познатата тенисерка по повод Маршот го дава за списанието The Advocate. Наспроти фактот дека со години била прва тенисерка во светот играјќи за САД, на Навратилова поради отвореното лезбејско декларирање за малку ѝ е одбиено барањето за државјанство, а притоа трпела бројни медиумски етикетирања. Навратилова затоа се одлучила на уште подиректен ангажман и „се придружила на наголемо пораснатата армија на познати и непознати личности кои се борат за достоинство и право на избор, кои се борат за планетата на која живееме да биде наша планета“. Тргнувајќи од ситуацијата на привилегираните (за какви може да сметаат сите граѓани на САД во однос на граѓаните во другите заедници, и за каква може да се смета позицијата на светската првенка во кој било спорт) и заклучувајќи ја приказната со глобалната слика, текстот, кој неизбежно се обраќа на домашната читателска публика, имплицитно ја прикажува безнадежната ситуација на лезбејките во Србија, кои за маршеви во јавни простори во дадениот момент можат само да фантазираат.
Рубриката „Да се сака друга“ била своевиден преглед на можностите, правата и слободите за кои може само да се сонува, но и простор во кој навистина се сонува, односно се испишува посакуваната политика на идентитетот. Подеднакво во таа смисла е илустративен и текстот на Пат Паркер „Политика на срцето – лезбејско родителство или чувај се, Анита“, во кој низ конкретно поединечно искуство се доаѓа до поинакво, ново знаење. Текстот претставува исповед на лезбејка чија обесправеност е додатно засилена со расниот („ја сум црнка, Марта е белка“) и класниот момент (двете партнерки не припаѓаат на високата класа, а една од нив е од сиромашен општествен слој). Лезбејскиот пар можноста за добивање дете ја гледа пред сѐ во вештачкото оплодување со помош на банки за сперма, но на крајот се одличува за посвојување на дете, и тоа од шеснаесетгодишна црнка која, сѐ уште бремена, однапред сака да најде посвојувачи. Исповедта опишува една сосем невозможна ситуација во Србија, како во ’90-тите така и денес, во која лезбејски пар добива право на посвојување уште неродено дете, склопува пријателство со малолетна трудница и се грижи за неа до пораѓањето. Бидејќи се родило женско дете, авторката го опишува процесот на одгледување на девојчето во неконвенционално опкружување. Крајот на прилогот праќа порака за промената која доаѓа „однатре“: „Луѓе, бидете подготвени! Ако сте расист, сексист, класист или хомофоб, моето дете ќе мисли дека сте необични.“
Во моментот кога овој текст е објавен, ситуацијата во Србија била таква што класниот расцеп помеѓу граѓаните сѐ уште не постоел во таа мера (позитивните текови на социјализмот само што почнале да се поништуваат), улогата на расизмот во домашниот контекст ја играл национализмот, хомосексуалноста била толкаво табу што и хомофобијата била помалку воочлива (дури во 2000-тите ќе дојде до полн израз), па веројатно само сексизмот и мизогинијата биле споредливи со американскиот контекст. Бидејќи сите прилози од оваа конкретна рубрика биле за ситуацијата во САД, може да се каже дека тие на читателките им нуделе и одговори за потенцијалната идеална либерално-демократска иднина во која класната, расната и родовата дискриминација се надминати. Меѓутоа, прилогот на Марта Шели „Добро е да се биде хомосексуален“ укажува на лицемерното лице на слободното општество:
Либерализмот не е доволно добар за нас. И ние токму тоа почнуваме да го откриваме. Вашата пријателска насмевка на прифаќање – од сигурна хетеросексуална дистанца - не е доволна. Сѐ додека го негувате тоа тајно уверување дека сте малку подобри затоа што спиете со спротивниот пол, вие сте сѐ уште успиени во својата колевка и ние ќе бидеме кошмарот што ќе ве разбуди.
Актуелност
Неочекуваната локалноисториска околност која отворила можност за изградба на инклузивна јавност се случила во Србија во зимата 1996 година. Тоа бил почеток на масовниот граѓански и студентски протест против режимот на Слободан Милошевиќ, кој ќе трае четири месеци. Граѓанските протести во 1996/1997 на соработничките на ФС им се чинеле како можност за внатре во веќе изразениот граѓански отпор да се искаже и феминистички активизам на општествено делотворен начин. Поради тоа и двобројот 7-8 на ФС (1997) бил посветен на оваа тема. Низ протест постапно се обликувало едно потенцијално граѓанско општество во Србија. Тоа се чинело толерантно и демократско, и будело надеж во поглед на општото подобрување на положбата на жените. Меѓутоа, истовремено постоеле и знаци кои сугерирале дека новото јадро задржало барем трошка од старата мизогинија. Чисто активистичките прилози на списанието, секако, ги пренесувале оптимистичките пораки, но прилозите базирани на истражувања говореле за посложена слика на реалноста и, иако оптимистично интонирани, укажувале на долготрајност на длабоките еманципаторски процеси.
На првите страници во двобројот 7-8 сите женски здруженија блиски до списанието се обратиле на јавноста, а биле по(т)пишани како автономни женски групи, кои инаку од почетокот на излегувањето на ФС постојано се умножувале: Автономниот женски центар против сексуалното насилство, Советувалиштето за жени жртви на насилтво, SOS-телефонот и центарот за девојки, Центарот за млади, Инцест траума центарот, Жаба – женски автономен битпазар, Жени во црно против војната, Центар за женски студии и комуникација, Белградски женски лоби, Женски парламент, Женска правна група, Женска издавачка куќа ’94, Група за поддршка за инвалидни жени, Ластовица – безбедна куќа за жени од Краина, Лабрис – група за лезбејски човекови права. Нивните објави биле, всушност, летоци од протестот (графички верно) пренесени во списание односно, претставувале повик на отпор, повик на радикална промена во моментот кога се чинело дека е можна. Оттаму и тие текстови неизбежно биле интонирани во духот на револуционерниот дискурс, и во таа смисла – оптимистични.
Едно од главните оружја на граѓанската непослушност и отпор, свирчето, соработничките на ФС го прекодирале во оружје за борба против насилството врз жените. Белградското женско лоби се обратило кон женската публика на петтата (ненумерирана) страница од летокот, со следните зборови:
дали знаевте: дека свирчето е традиционално средство за женска самоодбрана од оние кои нѐ вознемируваат, напаѓаат и силуваат? Дека еднаш во предградието на Лима, во Перу, жените се спротивставиле на насилството на мажите со свирчиња. Секоја свирела која тој ќе ја удрел или нападнел. За една недела насилството над жените драстично се намалило!
Летокот понатаму ги повикува жените да свират доколку бидат нападнати „на улица, во ходник, во тролејбус, во лифт, во сопствениот кревет“. По тоа може да се заклучи дека авторката на летокот е книжевницата Јасмина Тешановиќ која истите мотиви и синтагми ќе ги вклопи во романот кој го пишува, а кој во овој број е присутен низ посебна приказна (извадокот е изменет во крајната, романескна верзија). Имено, во расказот „Симс“ читателките најпрво се среќаваат со хероината која се наоѓа на симсот од покривот на својата зграда, со намера да се убие, бидејќи е жртва на повеќегодишен инцест. Дејството на приказната е сместено на Новогодишната ноќ (овој број на ФС излегол очигледно на почетокот на 1997), во што се огледува таканареченото паметење на жанрот: бидејќи модерните списанија произлегле од календарот или алманахот, кои секогаш излегувале на почетокот на годината или околу големите празници, секогаш објавувале пригодни раскази по повод дадениот празник. Јасмина Тешановиќ зборува за инцестот, за насилството над девојчињата и жените, ги поврзува со актуелната Нова година која граѓаните на Белград ја дочекале на улиците, практично не прекинувајќи ја протестната прошетка. Хероината од кровот ги гледа побунетите граѓани кои и тогаш свират, а низ нејзината свест минуваат паролите: „Жени, свирете кога ќе ве нападнат, и во родените кревети!“ Тешановиќ паралалено со агитаторскиот дискурс во оваа приказна внела и мета-слој, преиспитувајќи го жанрот на агитацијата: „Стоп за насилството, пишувало на еден леток кој летал од соседниот кров. Како насилството да е автомобил а престанокот црвено светло на семафорот.“ Таквата позиција на здраворазумска скепса, односно препорачана трпеливост во поглед на искоренување на родово заснованото насилство, всушност е еден од карактеристичните ставови во активизмот на соработничките на ФС и нивното пишување. Притоа, скепсата не е демотивирачка или инхибирачка за делувањето; таа е своевидна епистемолошка претпоставка.
Истражувачката позиција го поткрепува таквиот став. Индикативна во таа смисла е социолошката студија за тековниот протест „Јајца и свирчиња“ од Марина Благојевиќ. Авторката ги истражила родовите аспекти на протестот и во целина позитивно го оценила нивното значење за јакнење на женското движење во Србија, особено „во некоја следна фаза на развојот на цивилното општество“. Меѓутоа, таа воочила и „сексизам во протестите“. За тоа речито говорат некои од примерите: Мира Марковиќ, сопругата на Слободан Милошевиќ и претседателка на политичката партија ЈУЛ, се исмева, на пример, за разлика од самиот водач, врз основа на нејзините родови, женски особини. Покрај тоа, симптоматично е и како во рамките на Студентскиот протест организиран е „Избор за мис на Студентскиот протест“. Изборот го организирал весникот Демократија, чија уредничка концепција не зазира од објавување слики на разголени жени, па фотографиите на студентките се неизбежно ставени во тој контекст. „Жените така, иако рамноправни учеснички на политичкиот протест со јасно барање за одбрана на граѓанските изборни права, пред сѐ се третираат како ‘кукли’ кои го ‘разубавуваат’ машкиот хепенинг“. Марина Благојевиќ од сето тоа не изведува песимистички заклучоци. Напротив, таа воочува постапна пацификација и демаскулинизација во текот на траењето на протестот.
Од денешна перспектива, со дополнителен ум, би можело да се заклучи дека детектираниот сексизам, иако дел од карневалската природа на протестот, бил и јасен негативен показател на еманципаторскиот потенцијал: родово базираното насилство, како што ФС востановиле низ текстовите на Рут Зајферт и други авторки, е културно базирано. Тоа се репродуцира и со помош на вакви, навидум безопасни, општествени пракси и медиумски пораки.
Заклучок
Кога Феминистичке свеске ќе се согледаат во контекст на феминистичката контрајавност, а посебно во контекст на вкупната јавност на деведесеттите години на 20-от век, се покажува дека нивната специфична мисија била во детабуизирање на општеството. Основните теми на Феминистичке свеске во главнотековниот печат биле невидливите, т.е. ги претставувале главните табу-теми: воено насилство врз жените, семејно насилство, насилство над жените воопшто, силување и инцест како најдрастични облици на ова насилство, хомосексуалност. Табу-тема за најголемиот дел од печатот претставувало и самото постоење односно делување на женските групи и организации, бидејќи и кратко известување за нивната работа би ги обелоденило наведените табуизирани теми. По истиот механизам делувало и табуто за фактите на военото насилство, односно цензура на извештаите за военото сексуално насилство врз жените: извештаите јавно ги изнесувале воените злосторства на „нашата“ страна, а државните медиуми апсолутно ги негирале. На Феминистичке свеске вратата кон широката јавност не можела да им биде отворена ниту со тоа што еднакво пишувале и за насилството на припадниците на „туѓите“ (пара)војски над Србинките. ФС извештаите и приказните ги објавувале најчесто збирно, онака како што биле собирани, така што во тие низи текстови секогаш биле присутни жртви од сите националности, односно злосторници од сите завојувани страни. Истиот принцип го наоѓаме во прилозите во зборниците Жене за мир, споменатата публикација на Жена во црно.
Табуизираните теми и феминстичките списанија можеле како тема да се појават само во опозициониот печат, но и таму само во назнаки, што исто така не помогнало насилството над жените да се направи видливо. Сите промени, како и сите законски одредби врзани за женските права и насилството, кои не биле донесени, како и случајот на масовно признавање на женското право на глас по Првата светска војна, се директна последица на делувањето на женските групи кои први ги пропагирале. Токму затоа треба одново да се потсетува дека тие промени и закони првенствено се заслуга на долгогодишното делување на женските групи и феминистички публикации.
Државните институции во Србија недозволливо бавно и посредувано ги усвојуваат знаењата и методите кои потполно бесплатно и на дланка им ги пружаат иницијативите како Автономен женски центар и Феминистичке свеске. Последица на таа инертност е несмалената стапка на семејсно насилство над жените, правната и правосудната потценетост на силувањето како злосторство, недоволната заштита на жртвите од странска полиција и засилената бруталност на фемицидот во последните неколку години која кулминирала во случаите на убиства на жени пред самите центри за социјална работа.
Илустрации: Yung Cheng Lin
Станислава Бараќ (1977) работи во Институтот за книжевност и уметност на проект специјализиран за проучување на (книжевна) периодика. Докторирала на Филолошкиот факултет во Белград со тезата Жанрот на женскиот портрет во српската периодика во ’20-тите и ’30-тите години на 20-от век.
Потесни истражувачки теми ѝ се женската книжевност и активизам, посебно во периодот помеѓу двете светски војни, историја на југословеската периодика, авангардна книжевност, како и различните аспекти на прозата на Иво Андриќ.
Бараќ ќе биде учесник на книжевниот фестивал Друга приказна кој ќе се одржи 05-08 септември во МКЦ во Скопје.