Зошто не постојат раси?

09.08.2019 00:40
Зошто не постојат раси?

Можеби не сте знаеле, но поделба на луѓето на раси во модерната биологија - не постои. Впрочем, ова прашање е пример како една навидум очигледна теза (која научниците залудно ја докажуваат повеќе од два века) не само што опстојува, упорна, општоприфатена и вкоренета, туку може да има грозни и сурови последици - да потткнува војни, социјални и економски поделби, погроми и чудовишни масовни кланици - а притоа воопшто да не е точна.

Можно е оваа теза не само да ве изненадува, туку и благо да ве нервира, па веќе сте ѝ ја припишале на „политичката коректност“ на современите истражувачи, но тоа навистина не е нешто што е политичко, туку генетско. Иронија е тоа што расната поделба која „со крв“ инспирирала многу идеологии е демантирана токму „со крвта“ и наследниот материјал. Имено, човечките гени одбиваат да покажат некаква расна различност (која сосема јасно се гледа кај другите животни).

Инаку, денес е општоприфатено гледиштето дека расата, пред сѐ, е социјален конструкт. Според дефиницијата од „Енциклопедијата на расата, етницитетот и општествата“ на Ричард Шефер, расата претставува група човечки битија со слични физички и социјални карактеристики кои општеството генерално ги смета за различни од другите групи.

Ова станува појасно ако се погледне денешен Бразил каде изедначената заемна мешавина на луѓето по потекло од Африка, Европа и Америка, „креирала“ сосема нови групи. Од друга страна, позната е приказната за историската (вештачка) поделба на жителите на Конго во областа на Големите езера на припадници на расата Хуту и Тутси. Поделбата ја вовеле колонијалните управители, Белгијци, а таа не само што станала социјална реалност, туку за време на конфликтот во Руанда беше причина за еден од најмонструозните геноциди во човечката историја.

Идејата и последната потрага по биолошка основа на расите почнала кон крајот на 17 век, со делата на францускиот лекар Франсоа Берние. Бидејќи во тоа време Европа се запознава со остатокот од планетата, се појавува сѐ поголем интерес во науката за жителите на новите светови и прашањето на расата. Еден од највлијателните биолози на сите времиња, Карл Лине кој е основоположник на таксономијата и го категоризирал сиот жив свет, во 1735 година ќе ги подели луѓето на четири раси според „континентален“ клуч - Europaeus, Asiaticus, Americanus и Afer, така што на секоја ѝ е доделен и темперамент (каде Европејците се активни и љубопитни, а Африканците мрзеливи и безгрижни).

Иако се чини очигледно дека таксономски секако може да се раздвои автохтоното население во Скандинавија од она во централна Африка, понатамошната потрага ќе покаже дека сите луѓе не само што се дел од ист вид туку и ист подвид Хомо Сапиенс Сапиенс.

Во меѓувреме, антрополошките истражувања од крајот на 19 и почетокот на 20 век (кои подразбирале дека расните разлики се присутни во гените иако тоа не било можно да се провери) довеле до несогледливи ужаси. Меѓу другото, во нацистичка Германија послужиле за усвојување на таканаречените Нирнбершки расни закони, прогони и истребување на Евреите, Словените, Ромите и другите „пониски раси“.

Меѓутоа, се покажало дека разликите меѓу разни групи луѓе воопшто не се темелат на генетиката. Без разлика колку обиди имало за да се пронајдат пред (но и после) дешифрирањето на човечкиот ген, сега е несомнено дека гените кои ја одредуваат расата едноставно - ги нема. На ова уште 1972 година јасно укажа Ричард Левонтин, револуционерниот американски биолог, математичар и еволуционист, кој утврдил дека дури 90 проценти од генетичката варијабилност се наоѓа во рамки на една „раса“.

Како е можно тоа? Можеби, додека сте во Белград и околината, себеси се гледате како поинаков од, на пример, „црнците“ во Африка, но ако во иста просторија се најдете со две личности А и Б со црна кожа (кои не се во сродство), физичките разлики помеѓу вас и црнецот А во однос на разликите помеѓу вас и црнецот Б нема да бидат поголеми отколку помеѓу црнецот А и Б меѓусебно. Затоа, ако дозволат околностите, црнецот А би можел вас и црнецот Б да ве прогласи за членови на иста, на пример, Б-овска раса, подеднакво кредибилно како што вие би ги нарекле нив двајцата црна раса.

Впрочем, се покажува дека токму на таква можност се засновани бројни современи „истражувања“ за семејното потекло и разни комерцијални проекти од тој тип, каде врз основа на ДНК ви утврдуваат во кој процентуален однос сте Србин, Хрват, Хуту или Јапонец. Тоа прашање е потполно арбитрарно зашто зависи само од тоа како однапред ја дефинирате групата - на ист начин би можела да се најде и врска помеѓу вашата ДНК со групите кои се правени по друг клуч и потоа биле наречени месечари, хобити, виленици и друго.

Варијабилноста помеѓу единките кај човечкиот вид, сета таа разновидност во бојата на тенот, висината, силата и конституцијата, е толкава што е невозможно навистина да се одреди заедничката генетска основа за која било група која би ја нарекле некаква човечка раса. Затоа човекот е вистински празник на еволуцијата - седум милијарди луѓе денес сочинуваат една цела вселена со биолошка разновидност. И нема основа таа да се дели.

Слики: Laura Berger

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото