Алис Ги Блаше: Заборавената пионерка на филмската уметност

09.08.2019 23:30
Алис Ги Блаше: Заборавената пионерка на филмската уметност

Кога размислувате за великаните на класичниот филм, кој ви паѓа на памет? Речиси е сигурно дека меѓу нив не е француската режисерка Алис Ги Блаше (Alice Guy-Blaché), една од првите и највлијателни пионерки на кинематографијата.

Алис Ги Блаше до неодамна била сместувана во фуснотите: уважена како прва жена режисер, но целосно запоставена во контекст на влијанието. Од 1896 година, таа снимила околу илјада филмови, преминувајќи ги визуелните и тематските граници. Ги истражувала класните прашања, но и темите на родот и расата, а ги инспирирала идните великани на кинематографијата како Сергеј Езенштајн, Алфред Хичкок и Ањес Варда.

Нејзиното наследство сега добива нова димензија. Благодарение на документарниот филм на Памела Грин „ Be Natural: The Untold Story of Alice Guy-Blaché”, Алис Ги Блаше би можела конечно да добие признание какво што заслужила, речиси сто години откако го снимила својот последен филм.

Памела Грин раскажа дека се вчудоневидела кога во 2000 година првпат слушнала за Алис во телевизискиот документарец на Сузан и Кристофер Коха „Reel Models” за авангардните пионерки на филмот. „Многу се изненадив. Зошто не била попозната?“, вели Грин.

Алис Ги Блаше е родена 1873 година, како Алис Ги. Нејзината мајка била Французинка школувана во манастир и на која ѝ договориле брак со постар француско – чилеански интелектуалец. Нејзиниот татко имал книжарници во Валпари и Сантијаго, а мајката инсистирала да отпатува со брод од Чиле за Франција, само за да нејзината ќерка се роди во Париз.

Во 1894 година, Алис се пријавила да работи како секретарка кај Леон Гомон, француски иноватор кој експериментирал со зачетоците на кинематографијата. Луѓето како Гомон и браќата Лимиер, кои ги патентирале првите филмски камери и проекторот – кинематограф, како што го нарекле, биле сосредоточени на механиката на подвижните слики како начин да се забележи вистинскиот живот: работниците што ја напуштаат фабриката, луѓе собрани на парада, возови кои брзо се движат по шините.
Меѓутоа, таа имала поинаква визија. „Мислев дека само еден би бил доволен да ги надмине овие пробни филмови“, напишала во својата автобиографија „Мемоарите на Алис Ги Блаше“.

„Плашливо му предложив на Гомон да напишам една или две сцени и да ги снимам со неколку пријатели“.

Гомон се согласил, но само ако тоа, како што напишала „нема да ја попречува во извршувањето на секретарската работа“. Но набрзо сепак таа работа ја заменила со друга: пронаоѓање на соодветни локации за снимање, била и костимограф, директор на кастинг, сценаристка и продуцентка.

Нејзиниот прв филм, кратка приказна насловена „Самовила од зелка“, бил еден од првите снимени играни филмови во историјата, а нудел шармантна интерпретација на старото прашање „од каде доаѓаат бебињата“. (Одговорот бил, иако во 1896 година, дека тие се раѓаат во главица зелка).

Следните 23 години, Алис Ги Блаше снимала комедии, авантури и романтични филмови. Снимала и трилери, мелодрами и вестерни. А правела дури и документарни филмови.

Откако претходно го водела студиото на Гомон во Париз, во Њу Џерси го покренала, како што ќе се покаже подоцна, успешниот „Солакс“, една од првите продуцентски куќи во Америка. Незините филмови биле дистрибуирани ширум светот, а освен тоа што ги забавувале гледачите, послужиле и како основа за начинот на кој публиката и режисерите го разбираат филмот и кинематографијата.

Неретко била туркана во сенка, дури и од сопругот Ербер Блаше. Иако таа го иницирала „Солакс“, нејзините овластувања биле многу ограничени. „Би ги посрамотил мажите кои сакаат да пушат цигари и да плукаат без стеснување додека расправаат за бизнисот, ми рече Ербер“, напишала во своите мемоари.

Потоа Ербер одлучил да основа свое студио кое го насловил со сопственото име и во кое ги пренасочил заедничките пари, па „Солакс“ сосема пропаднал. По неколку години ја напуштил Алис за да биде со актерката што играла во еден од неговите филмови. Скршена, Алис со децата се вратила во Франција, каде повторно се обидела да ја почне со филмската работа, но овојпат без успех. Никогаш повеќе не успеала да сними филм.

Доживеала 94 години, што значи дека имала многу време да види како историчарите ги игнорираат нејзините достигнувања (Починала во 1968 година).

Меѓутоа, се покажало дека Холивуд ниту децении подоцна не умеел да ѝ го даде заслуженото признание. Кога Памела Грин се обидела да ја сподели приказната за Алис Ги Блаше, пред да настане движењето „Time’s Up“, индустријата и понатаму била незаинтересирана.

„Се чувствував како да ја ограбиле. Морав да направам нешто во врска со тоа“, објасни Грин.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото