Материјализација на делириумот

01.11.2010 10:25
Материјализација на делириумот

Имав мешани чувства кога Викиликс (Wikileaks) своевремено ги објави документите за војната во Авганистан, ама ни по неодамнешното објавување на документите за ирачката војна не се чувствувам поинаку. Што добивме со тоа објавување? Потврдата дека војната во Ирак беше неизмерно и несфатливо злосторство? Не. Она што некој го мислел за војната во Ирак ќе го мисли и понатаму.

Ние, кои ја сметаме серијата воени злосторства и злосторства против човештвото, за таква оцена имавме доволно докази и претходно. Оние кои ја заговараа, ги менуваа своите аргументи како брзо расиплива стока и така ќе прават и понатаму, ќе ја бранат како и досега. Спротивставувањето на војната се потпираше на фактите и легалистичките аргументи и не беше само израз на специфичните политички убедувања и морални вредности. Заговарањето на војната ги суспендираше фактите и го укина повикувањето на реалноста. Глобалната политичко-медиумска машинерија го инсталираше делириумот на творецот на оваа разорна војна како легитимен дискурс. Ако некој се надевал, бидејќи заговарањето војна против Ирак немаше потпора во фактите, дека со објавувањето на фактите ќе го нагризе заговарањето на војната, многу се излажал. Фактите овде не вредат ништо. Заговарањето војна е сосем слободно мислење. Фактите не се нешто што би ги поколебал делириумот, туку се резултат на материјализацијата на делириумот, резултати кои не ги погодуваат делирантите.

Објавувањето на документите за ирачката војна најверојатно нема да има влијание – барем не суштинско влијание – на односот кон војната, ниту ќе придонесат за тоа дека некој од одговорните ќе биде кривично гонет или дури и казнет. Веројатно ненамерно се создава впечатокот дека војната против Ирак е нешто што спаѓа во минатото, додека мртовечниците во Багдад и другите ирачки места деновиве немаат ништо помалку работа од пред една година. Ирачаните кои неодамна се вратија од Сирија, каде што побегнаа од насилството, повторно си ги пакуваат пљачките. Но она што војната им го донесе на Ирачаните отсекогаш било најмалку значајното прашање во врска со таа војна. Најголемата промена веројатно се состои во тоа дека Ирачаните денес можат слободно да ја бираат и да зборуваат за власта. Добија слобода која, според зборовите на бившиот претседател Џорџ Буш помладиот, „е божји дар на човештвото“. Добија власт која е сосем независна од тоа што го збоуваат луѓето за неа. Под тиранијата на Садам луѓето и нивните мисли и зборови имаа поголема цена и поголемо влијание. Мислењето дека со објавувањето на документите дојде мигот за осознавање на вистината за ирачката војна е заведено и заведува.

Во еден аспект овие документи можат да ни помогнат: на свој начин разоткриваат во каков свет живееме. Ни соопштуваат дека не само војната, која беше и која сè уште е во Ирак, е можна, туку и дека големите злосторства се неказнети и дека дури е дозволено и да се бранат. На состојбата на духот, пак, посебно укажуваат одзивите (но и неодзивите) на објавувањето на документите. Еден од најинтересните ги објави Financial Times. Тој коментар е интересен бидејќи нуди (барем според мене) промашена дијагноза за проблемот со кој објавувањето на документите нè соочува (што не е општа карактеристика за овој весник), и бидејќи на неа го врзува конструктивниот предлог на властите како да се постапува во иднина.

Еден од клучните термини во споменатиот коментар е транспарентноста. Транспарентноста, имено, е голем збор во неолибералистичката идеологија и политика. Овде се работи за транспарентноста на војната. Оваа транспарентност е исход на развојот на комуникациските технологии. Викиликс се израз на технолошкиот напредок, на кој сега треба да се смета – па дури и кога станува збор за нашите војни. Поради новите технологии, вели коментаторот, сè потешко е да се заштити населението од соочувањето со последиците на вооружените судири. Ако некогаш и било можно да се прикријат тие грозотии, сега тоа време е зад нас. Се разбира, коментаторот не зборува за тоа дека е сè потешко да се заштити граѓанското општество на државата од забележувањето на военото насилство и ужаси. Неговата грижа е како населението на државите, кои ги водат тие војни некаде таму далеку, да се заштити од ужасите на војната. Го загрижува нашето страдање кое ни е нанесено кога нашиот поглед ќе фати некаква неавторизирана слика на воените ужаси што ги предизвикуваат нашите војни. Проблемот не се толку воените ужаси колку тоа дека е сè потешко да се прикријат.

Значи, на крајот на краиштата, проблемот е во тоа дека е сè потешко да се избегне соочувањето со последиците на нашите дела. Тоа може да доведе до преиспитување на нашиот чин и би можело да ја поколеба нашата поддршка за нашите војни. Сè поголемата „транспарентност на боиштата“ бара јавноста да е уверена во нужноста на она што го гледа дека се случува на боиштата. Мора да биде уверена дека се бориме за вистинското нешто и дека таа борба е неопходна. Проблемот со ирачката војна беше во тоа дека патот кон неа беше неуверлив. Значи, во иднина треба поуспешно и поделотворно да се убеди јавноста дека војната е добра и неопходна.

Скриената претпоставка на ова размислување е тоа дека ние, кои ги водиме војните, сочувствуваме со оние кои се погодени до нашите војни. Дека се израмнуваме со наредбата дека на ближниот нема да му сториме ништо што и самите не би сакале да го доживееме. Оваа претпоставка е застарена. Оние против кои војуваме не се ближните наши. Нивното страдање не смее да нè погоди и сè помалку нè погодува сите нас. Транспарентноста на боиштето, кое претставува секојдневно животно опкружување на луѓето кои не се ближните наши, е добредојдена прилика за нашата брутализација. Оваа брутализација успешно напредува. Воено-политичко-медиумската машинерија ги прави воените ужаси транспарентни на таков начин што нè шокира со раните и болките што ни ги нанесува нам и на нашите, и систематски ја намалува нашата чувствителност за смртта и уништувањето што им ги предизвикуваме на другите. Понатамошниот напредок ќе доведе до тоа меѓу нас да има сè повеќе такви кои оние другите ќе ги убиваат поради забава. Најцврстата подлога за нашите идни војни не е убедувањето на јавноста, туку брутализацијата на истата – сите нас кои сме дел од јавноста. Војните против Ирак и Авганистан се големи чекори во таа насока.

А што им предлага коментаторот на Financial Times на нашите власти? Имплицитно, да се погрижат сличните нешта на Викиликс да не и’ се исмолкнуваат повеќе на нашата надлежност. Ако транспарентноста на водењето војни е неизбежна, таа мора да биде во власт на оние кои ги водат војните, и тие мораат да ја обликуваат истата. Од друга страна, објавувањето на тие документи претставува предупредување дека властите мораат повторно да размислат како ќе ги чуваат своите воени тајни, како ќе го држат во тајност она што е клучно за воспоставување, чување и ширење на власта и она за кое јавноста не треба да се грижи.

Извор: dnevnik.slo

ОкоБоли главаВицФото