Политичарите како иницијатори на омразата на социјалните мрежи

12.08.2019 00:55
Политичарите како иницијатори на омразата на социјалните мрежи

Ако можат политичарите, зошто не и јас? Вака веројатно размислуваат многу корисници на модерните форми на комуникација кои шират омраза. Повод за размислување на оваа тема секако е раширената појава на закани и навреди упатени кон носители на јавни функции. Истовремено имаме активно учество на самите носители на јавни функции кои ја користат оваа форма на општење со своите политички конкуренти.

Така, знаеме за примерот со ексцесот со експремиерот Груевски кој од Будимпешта ја испрати по Интернет следната порака до актуелниот премиер, Зоран Заев и до градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов:

Нашиот денешен Петре заедно со неговиот шеф Зоки не дај боже да им паднат на луѓето во раце во некоја темна уличка…

Ова секако некој може да го сфати како повик за пресметка со посочените функционери во некаква „погодна прилика“, па може и да биде прифатен од поединци или од група поддржувачи на бегалецот во Будимпешта.

Впрочем, токму деновиве премиерот Заев веќе поднесе пријава за едно лице кое му се заканило по Фејсбук.

Само куршум за тебе копиле, кој со мерак ќе ти го свирнам без око да ми трепне

Вака гласи пораката која Заев ја прочита од својот мобилен телефон пред пратениците во Собранието, појаснувајќи оти коментарот во порака му го испратила неговата ќерка. Истрагата го пронајде лицето кое ја испратило пораката.

Втор пример на злоупотреба на интернетските комуникации е оној со пратеникот Антонијо Милошески, кој на социјалните мрежи објави документ кој не смее ниту да види бела светлина, а камо ли да биде предмет на политички „профити“. Се работи за снимка од документ со кој на шефицата (во оставка) на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, ѝ се дава право на отсуство од работа врз основа на боледување, каде јасно е наведена дијагнозата на спомената личност. Недозволивоста на постапката секако е позната за оној кој го шири во етерот сознанието од што е болна пациентката, кој е лекарот кој го дава документот, времето на кое се издава боледувањето и слично.

Претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова јасно укажа дека она што го прави пратеникот е недозволено.

Има Закон за заштита на правата на пациентите и Закон за заштита на личните податоци. Тоа не смее така да се објави. Никој не смее да мавта јавно со дијагноза туку така, вели Гривчева-Старделова.

Таа додава дека една дијагноза не значи дека тоа е слика за целосната здравствена состојба на пациентот.

Општество кое долго е поделено на најмалку две големи групи ги губи мерилата на рационално однесување, самата поларизација прави простор да се губат аргументите. И така предност добива емоционалното однесување кое не е промислено. Така доаѓаме до идејата дека некој треба да се дискредитира до крај па и да се уништи – вели во една утринска дебата на белградската телевизија Н1 психологот проф.д-р Невена Чаловскa Херцог, инаку дел од екипата на Европскиот институт за психотерапија.

Некои теоретичари велат дека она што го поставуваат политичарите, да речеме на Твитер, не е само нивна желба, туку се работи за ПР стратегија која има своја добро проценета цел и веќе се знаат следните чекори ако има негативни реакции на објавената содржина.

Она што ќе се појави на Твитер во голема мерка не е генерирано од мобилнио телефон на некој политичар, туку главно се работи за ПР тим кој сувопарно пренесува информација и и става свој графика – вели Тарик Капетановиќ ПР стратег и блогер во текстот „Најопасните болести на општествените мрежи“

Психологот Невена Чаловска -Херцог смета дека зад разните групи кои се јавуваат во кампањи за нешто, или против нешто и користат говор на омраза, стојат политичари. Тие знаат дека таквите групи не ги обработуваат своите емоции, затоа и не помислуваат да искажуваат кон оние кои ги напаѓаат некаква емпатија или сочувство.

Погледнете на што личи нашето собрание – укажува во споменатата утринска емисија на Н1 социологот Исидора Јариќ.

Тие навреди што летаат на сите страни од лица кои треба да бидат пример на парламентарност, на дебата со високо ценење на противничките аргументи, а која практично знае да се симнува на најниско, пазарџиско ниво, тогаш говорот на омраза на обичните „политички навивачи“ кои ова го доживуваат дека добиваат дозвола за секаков јазик, особено што знаат да создадат некаква идентитетска брана, па сметаат на секаква неказнивост.

Нашето секојдневие се прелева и на општествените мрежи. Ние и онака голем дел од денот го минуваме на општествените мрежи каде една реалност влегува во друга и обратно. Во новата реалност немаме правила на игра и ни треба конструирање на нов општествен договор што е дозволено а што не. Ние не сме го регулирале новиот начин на општење, нели, кое е природно за сите луѓе. Но се уште функционираат во реалноста поделбите на класи, на посебни групи ама новите технологии отвораат тој простор и се вметнуваат меѓу вкоренетите простори на емотивни галаксии – вели Јариќ.

Невена Чаловска Херцог смета дека директната врска меѓу политичарите или дел од нив и јазикот на омраза, е во фактот дека преку социјалните мрежи може да се постигне токму заради фактот дека тука може да се постигне ефектот на „првата проекција“, со оглед дека демантот, негацијата никогаш го нема тој ефект!

А, од каде сега јазикот на омразата добива предност во таквите политички комуникации и калкулации? Па од тоа што, вели Чаловска Херцог, „во човечката природа е – тоа го покажале и неуропсихолошки студии – луѓето да се здружуваат ако се против нешто отколку ако се за нешто. Тоа е во човечката природа“.

И двете соговорнички инаку се согласуваат со тоа дека казнувањето на говорот на омраза на социјалните мрежи мора да постои и наведоа пример од Хрватска каде една опозициска политичарка добивала закани по живот од корисник на социјалните мрежи. На забелешка на политичарката дека ќе го тужи тој се подсмевал, велејќи дека се јавува од Германија и дека не му можат ништо. Но, кога му било објаснето дека таму говорот на омраза се казнува доста остро, заканувачот јавно се извинил!

Од ова секако може да се извлече јасна поука дека не може да постои само инсистирање на свеста на корисниците на социјалните мрежи кога се работи за говорот на омраза. А тоа посебно треба да важи за случаите кога иницијативите за такви однесувања доаѓаат од лицата кои треба да имаат повисока свест за начинот на кој се користат социјалните мрежи – политичарите.

Илустрации: Pawel Kuczynski

Извор: http://crithink.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото