Латинка Перовиќ: „Србија ја продолжува политиката на Слободан Милошевиќ“ (1)

12.08.2019 02:00
Латинка Перовиќ: „Србија ја продолжува политиката на Слободан Милошевиќ“ (1)

Латинка Перовиќ

Во октомври 1972 година, во Србија беше направена голема политичка чистка: беа сменети повеќе од 6 000 политичари, стопанственици и медиумски работници кои ѝ припаѓаа на либералната политичка опција. Се залагаа за стопански и економски реформи, модернизација и европеизација на Србија и некогашна СФРЈ, и воспоставување нови односи меѓу републиките.

Покрај Марко Никезиќ, главното лице на либерална Србија беше историчарката Латинка Перовиќ, која ја извршуваше функцијата секретар на Сојузот на комунистите на Србија од 1968 година па сѐ до смената. После заминувањето од политиката, Латинка ѝ се посвети на науката и никогаш повеќе не се занимаваше активно со политички работи. Сепак, секогаш е општествено активна, и е една од најдоследните критичарки и аналитичарки на српскиот национализам и страшните последици кои тој ги создаде.

Како сега, од оваа позиција, гледате на периодот на смената на либералните кадри во српската политика 1972 година и на случувањата кои го следеа овој процес? Дали уште тогаш можеше да се насети она што ќе ѝ се случи на Југославија безмалку 20 години подоцна?

Мислам дека последната етапа од владеењето на Тито, од почетокот на седумдесеттите па до неговата смрт, јасно го најавуваше она што ќе се случува подоцна. Како и другите гарнитури во републиките од СФРЈ, ние дојдовме на власт на републичките конгреси кои му претходеа на сојузниот. Секаде на чело на партијата дојдоа млади луѓе кои растеле, се формирале и школувале во периодот после Втората светска војна. Се веруваше дека е извршена мирна смена на генерациите, која инаку е многу болна за секоја револуција. Треба да се има предвид дека на политичките смени им претходеа студентските немири и двојната улога на Тито. Од една страна, тој ги поддржуваше студентите. Иако студентските протести беа дел од студентските немири во цела Европа, кај нас тие мошне се разликуваа според целите: во Белград тежиштето беше на критиката на социјалните разлики, приватизацијата, почетоците на пазарите. Важна улога во тоа имаше Праксис. Филозофот Михајло Марковиќ, учесник и стратег на студентските демонстрации, во своите мемоари „Јуриш на небото“ напиша: Успеавме да ја срушиме реформата! Значи, тој беше свесен за улогата што ја имаа протестите. Луѓето забораваат дека општеството беше конзервативно, резервирано кон промени и турбуленции. А тогаш дојде и интервенцијата на Варшавскиот пакт во Прага. Тоа беше важна гранична црта која покажа дека нема социјализам со државна сопстеност, партиски монопол и човечко лице. Тоа беше брутално скршено. Треба да се има предвид дека тогаш сѐ уште немаше ни збор за распад на Советскиот сојуз и дека студената војна траеше. Сето тоа им претходеше на овие настани, односно крајот на можеби последниот обид за воспоставување реформски, либерален и европски курс во југословенската комунистичка партија. Останатото се последици.

Латинка Перовиќ и Марко Никезиќ

Конфликтот на полицијата со студентите кај подвозникот му претходеше на вашето доаѓање и доаѓањето на Марко Никезиќ на чело на Сојузот на комунистите на Србија?

Тој конфликт прерасна во една легенда, мит, и се поврзуваше со Петар Стамболиќ. Иако во тој момент беше само една година на чело на партијата, одлучи да се повлече, а негова беше идејата за местото претседател да се кандидира Марко Никезиќ. Никезиќ беше предвоен илегалец, за време на војната беше во Србија, после војната кратко се задржа во Белград, за потоа да биде во дипломатската служба: беше амбасадор во Египет, Чехословачка и САД, а потоа и заменик на државниот секретар за надворешни работи Коча Поповиќ. По повлекувањето на Поповиќ стана и секретар. Белградската партиска организација и либералниот свет во Србија ја поздравија неговата кандидатура. Ние на конгресот бевме избрани од листата со повеќе кандидати, и тоа не со некакво апсолутно мнозинство, како што беше случај на комунистичките конгреси. За тоа време и во тие услови, тоа беше демократски метод. Никезиќ долго беше одвоен од Србија и постапуваше мошне паметно и внимателно. Беше нов човек за Србија, а новинарите тоа веднаш го почувствуваа - рекоа дека тој користи еден поинаков, нов јазик во политиката. Тој јазик ја поместуваше Србија кон себеси, кон модернизација на стопанството, кон отвореност спрема новите генерации, нови знаења, определба за демократизација, секако не во смисла на повеќепартиски систем, зашто тоа беше прерано и нереално. Никезиќ зворуваше дека би било самоубиствено во тоа време да се заговара повеќепартиски систем, но се работеше за јакнење и автономност на реалните институции, како што се синдикатите и младинските организации, владите, собранијата, без директивна улога на партијата. Дојде и до кадровски промени во локалните организации. После заминувањето на Ранковиќ, во Србија се чувствуваше некаков полет, некаков подем. Од друга страна, иако мотивите за заминувањето на Ранковиќ не беа јасни, јасно беше дека во Србија се создаде коалиција со разни елементи, од ИБ-овци, преку четници, до припадници на службите за безбедност.

Каков беше односот на либералите кон Југославија, односно федерацијата?

Ја одбивме политиката на идентификување на Србија со Југославија. Се залагавме за сложена Југославија, како што се залагавме за сложена Србија. Сметавме дека е невозможно да се управува ефикасно од еден центар. Се залагавме и за автономија на Војводина, а се покажа дека периодот кога Војводина имаше автономија, после Уставот од 1974 година, беше период на нејзиниот најбрз развој. Дури тогаш почна да го достигнува нивото кое го имаше пред Првата светска војна. Вмрежувањето и зголемувањето на бројот центри за одлучување го гледавме како зголемување на енергијата на општеството, како демократизација. Имавме и нов јазик со Албанците, а и таму пристигнуваше нова, помлада генерација политичари. 1971 и 1972 беа клучни години за амандманите и донесувањето на Уставот од 1974 година. Српското и југословенското партиско раководство не функционираа на иста линија. Ние бевме за договор помеѓу републиките, сметавме дека Југославија е она што ќе се договорат републиките. Баравме да престане поистоветувањето на Србија и Југославија. Никезиќ тогаш рече: Србија нека се насочи кон себеси. Сметавме дека републиките се национални држави, не етнички, и дека функциите на федерацијата треба да се сведат на минимум, и тоа ефикасен минимум: на надворешната политика, монетарната политика и безбедноста. Отпорот кон тие процеси беше голем.

Савка Дапчевиќ Кучар, 1971 година, Белград

Од каде доаѓаше отпорот?

По заминувањето на Ранковиќ, после Чехословачка и студентските немири, во земјата се чувствуваше трендот на демократизацијата. На тоа реагираше старата гарда, која беше повлечена. Тито ја реактивираше. Во меѓувреме се случи и хрватската пролет, хрватското национално движење кое впрочем се залагаше отворено да се дискутира за отворените прашања, пред сѐ во економијата, надворешната трговија, девизниот режим и туризмот. Тие прашања не доаѓаа на дневен ред во југословенските институции. Тито често комуницираше со републичките раководства, а во тие интерни разговори го поддржуваше секој посебно. Сите излегуваа во јавност со поддршка од Тито, а како краен резултат на тоа ќе избиеше некој конфликт, објективен конфликт. Често нѐ прашуваше што им замеруваме на Хрватите. Ние одговаравме: видете, ги одржуваме врските со нив, се состануваме, постои комуникација, тоа што им замеруваме ќе им го кажеме. Значи, ја одбивавме неговата арбитрарна улога, истовремено почитувајќи го неговиот легитимитет. Никезиќ секогаш мислеше - ние со него заедно треба да преминеме кон нова фаза во развојот, а не против него.

Зборувате за вашата книга „Затворањето на кругот“?

Да. Никезиќ знаеше дека забележувам сѐ, но никогаш не бараше да го прочита тоа, ниту му нудев. Имаше 12 големи томови. Кога се разболе тешко , секој ден одев кај него. Универзитетската библиотека беше близу неговиот стан. Еднаш ме праша што сум направила со „оној ракопис“. Мислев дека заборавил на тоа. Искрено, мислев да се ослободам од тој ракопис, зашто душкаа во нашите станови кога одевме на одмор. Зошто да се оптоварувам со тоа, едноставно не сакав тоа да дојде во нивните раце! Му велам на Никезиќ: право да ти кажам, мислам да се ослободам од тоа. Ми вели: немој, донеси да го прегледам. Ќе му однесев, тој ќе прочиташе мошне внимателно и ми даваше некои сугестии кои ги наведов во предговорот на книгата. Тоа беше 1990-та година, кога тој почина. Вели: слушај, суво е и прецизно, нема емоции, тоа е една сметка на нашата политика, објави го тоа заради мене. Бев во добри односи со луѓето од издаваштвото во Сараево и тие дознаа дека пишувам. Ми велеа: дајте ни го тоа нам. И така направив. Воопшто не го читав повторно. Видете, Латинка, ние ќе го објавиме. Го објавија, но изби војната и Светлост изгоре. Книгата никогаш не дојде во Белград, но дојде до истражувачите. Цитирана е и од наши и од странски историчари, сега кога луѓето се вратија на тие теми. Неодамна сараевскиот University Press го објави второто издание. Интересно е што тука во Белград никој не го интересира.

Поедноставно кажано, конфликтот за кој зборуваме беше конфликт помеѓу силите кои се залагаа за модернизација и демократизација на општеството, и оној догматскиот дел од Сојузот на комунистите? Ја споменавте Хрватската пролет. Какви се сличностите помеѓу Хрватската пролет и српските лиебрали?

Треба да се каже дека ни Мика Трипало ни Савка Дапчевиќ не беа усташи, како што ги претставуваат некои денес. Трипало на 16 годишна возраст учествуваше во Народноослободителната војна, му припаѓаше на едно од најбогатите хрватски семејства. Работев со него во Младинското движење, имаше вистинска харизма. Беше демократски ориентиран, еден вид наш социјалдемократ, но истовремено беше Хрват. Савка беше образована жена и исто така потекнуваше од угледно семејство. Докторираше, имаше важна улога на универзитетот. Ја помина степенестата хиерархија во комунистичката партија. Двајцата беа луѓе ориентирани кон промени. Беа двигатели на темата за економските односи во федерацијата, зборуваа за потребата од реформирање на федерацијата... Не можам да кажам дека нивниот активизам не покрена разни тенденции во Хрватска, а ние отворено дискутиравме за тоа со нив. Со Савка бев мошне блиска. Кога доаѓаше во Белград, престојуваше кај мене. Ѝ реков дека постои опасност да се најдат на опашката на национализмот, екстремен, проусташки. Беа свесни за тоа и сметаа дека е мошне важно српските средини да се уверат дека нема да се повтори 1941 година и геноцидот. Во еден период Тито беше нивен сојузник, но тогаш заклучи дека заради себе треба поинаку да се одреди. Идејата за единството беше толку железна и догматска. Таа не е неоснована, но знаете - ако силно затегнете нешто, еден ден ќе пукне. И веќе почна да води разговори со нив. И Бакариќ се колебаше, зашто и тој беше за таканареченото федерирање на федерацијата, но согледа дека во Хрватска народот е таков што треба да се биде попостапен, повнимателен. Дојде 21-та седница, а српскиот партиски врв имаше поинакви позиции од останатите. Ние рековме - нашата главна грижа е што ќе биде сега во Србија. Не можеме да го смениме хрватското раководство во Караѓорѓева. Нашите две раководства беа на иста линија без видливи манифестации на тоа единство. Во секој случај, тоа не беше антијугословенска политика. Напротив, таа не ја доведуваше во прашање Југославија, туку го поставуваше прашањето каква треба да биде за да се одржи, односно за да има смисла. Зошто би бранеле некоја држава во која оние народи кои ја конституираат не наоѓаат решение за сопственото прашање и, најпосле, прашањето за слободата? Кога југословенската делегација, после Караѓорѓева и смената на хрватското раководство беше во Советскиот сојуз, Брежњев го фалеше Тито за она што го направил. Тито одговори: но мене ме чека најтешкото, ме чека Србија.

Коча Поповиќ

Се чини дека Тито беше главниот столб на отпорот кон промените за кои зборувате?

Со Кардељ се видовме кога работеше на уставните амандмани. Бевме во неговата куќа прв и последен пат. Беше мошне лут и рече дека од војната до денес Србите пружале отпор за секоја промена. Јас прашав: само Србите? Тој одговори. Не, и Тито. Во една прилика ни рече дека мораме да го разбереме односот на силите. Барав да ни го објасни тоа. Рече: или ќе стегнеме или ќе нѐ збришат. Јас реков: значи, да бидеме сталинисти за да не дојдат други сталинисти. Тој вели: добро си ме разбрала. Реков дека не сакам да учествувам во таков избор. Значи ние отворено разговаравме за тоа. Секој од нас имаше семејство, не знаевме на што сѐ се подготвени, но не можевме да прифатиме да бидеме извршители на тој пресврт.

Покрај Тито, кои центри на моќ доведоа до смена на либералите и чистката во хрватската комунистичка партија?

Пред сѐ, војската, на која се потпираше Тито. Во едно интервју тој ќе каже дека војската не е тука за да нѐ штити од надворешни непријатели туку и да ги решава внатрешните конфликти. Кога изби кризата во Хрватска, Тито го прими Коча Поповиќ, кого - мислам - многу го почитуваше. Тогаш му рече на Коча дека бил подготвен за државен удар, а Коча му одговори дека тоа може да го направи секој јужноамерикански генерал. Јас од тебе очекувам државничко решение, рече Коча. Значи, војската секако беше голема поткрепа. Освен тоа, треба да се каже дека српскиот антититоизам беше лажен, дополнително конструиран феномен. Србите беа мошне компатибилни со Тито. Прво, Тито ја обнови Југославија, што беше од интерес за српскиот народ. Второ, се потпираше на Русија, а Србите се традиционално поврзани со неа. Потоа создаде голема, моќна војска... Потоа, тоа беа силните безбедносни служби создадени во војната, кои после војната зајакнаа воспоставувајќи ја власта, пресметувајќи се со контрареволуционерите, квислинзите, непријателските елементи... Инаку, војната во деведесеттите многу често се толкува како реванш на Србите за усташкиот геноцид. Тоа веројатно е точно, но тоа е и реванш на безбедносните служби за Четвртиот пленум и смената на Ранковиќ. Не треба да се заборави дека на погребот на Ранковиќ дојдоа повеќе од сто илјади луѓе, дека многумина беа незадоволни што со неговата смена ги изгубија позициите. Најпосле, тоа беше неформално опозициско движење кое во Србија се создаваше после смената на Ранковиќ. За клучна личност од тоа движење го сметам Добрица Ќосиќ, заради неговата централна улога. Не треба да се заборави дека Ќосиќ беше човек на партијата, дека прв во 1968 година излезе со платформа да се менува националната политика. Никогаш не беше исклучен од партијата, таков беше односот на силите. Движењето полека ги освојуваше културните институции, Српската книжевна задруга, Академијата на науките... Во него имаше многу незадоволници, ИБ-овци, ранковиќевци, елементи кои отпаѓаа во разните фази на комунистичкото движење. Се создаваше една мрежа која ја поврзуваше Ќосиќ. Не треба да се заборави ни Праксис, кој беше против уставните промени, односно против некои решенија. Значи се создаде една широка коалиција која гледаше опасност во демократските и либералните тенденции!

Кон вториот дел.

Извор: https://lupiga.com

ОкоБоли главаВицФото