Додека вистинскиот злостор тоне во заборав

12.08.2019 12:40
Додека вистинскиот злостор тоне во заборав

Уште од најстарите запаметени времиња се знае дека психолошкото уништување на непријателот е далеку најсилното оружје во војната, оружје што обезбедува најблескави победи, добиени со најмалку губитоци.

Целта на психолошката војна е поткопување на моралот, корумпирање на душата на непријателот, како и всадување страв, губење верба во смислата на борбата, конфузија и парализирачка јадосаност.

Алехандро Магно, мајсторот на психолошката војна

Еден од најраните мајстори во употребата на ова најубиствено оружје бил нашиот Алехандро Магно, кој тргнал да го освои тогаш познатиот свет со исклучително мала армија. За да не ја потроши својата одлично опремена но малубројна војска во непотребни крвави битки, тој ја покажал својата војсководачка ингениозност, измислувајќи многубројни техники на психолошката војна, ширејќи разноразни гласини за суровоста и несопирливата убиственост на своите сили, предизвикувајќи така без борба да му се предаваат цели градови и армии. Колку била инвентивна неговата ингениозност во совладувањето на невозможни воени ситуации – ако може да им се верува на историските извори што денес ги нарекуваме легенди – најдобро се гледа од една ситуација кога по долгото напредување во освојувањето нови територии, толку ја развлекол и ја намалил оперативната сила на својата армија – оставајќи по малку војска во секој освоен град – што ризикувал неизбежен пораз доколку се сретнел со каква и да е поголема и поорганизирана војска.

Елем, Алехандро морал да се подврати малку назад по трагата на своето напредување и да ја потсобере и реорганизира војската што ја оставил зад себе. Но, оваа тактичка мерка била, исто така, многу ризична и можела да има погубни последици по македонската војска, зашто повлекувањето најверојатно ќе предизвикало победничко расположение кај непријателите што ќе се охрабреле да тргнат во потера и противнапад со кој ќе ја сотреле Алехандровата армија на враќање и прегрупирање. Што направил нашиот Велики чукун-чукун-прапрапра-прааа дедо? Им наредил на своите воени оружари и ковачи да исковаат повеќе градни оклопи, шлемови и рачно оружје со гигантски димензии, што би можеле да ги носат само џинови високи два и пол метри. Оваа џиновска опрема потоа била оставана подрасфрлана на секое коначиште од македонската војска при повлекувањето, што предизвикало ужас и конфузија кај непријателските извидувачки единици, ужас што ги натерал да се откажат од потерата.

Екстраполација и минимизација

Но кој ѓавол ме натера да ви ја раскажувам оваа воена бајка за Алехандро, почитувани читатели? А, да, тоа беше потребно за да ја сликувам практично најуспешната техника на психолошката војна. Тоа смртоносно психолошко оружје не мора да е сировата лага, погрешниот факт, туку леталниот ефект во специјалната пропагандна војна се постигнува и само со погрешната размера! Зголемувањето или намалувањето на фактите од стварноста, хиперболата или екстраполацијата, како и минимизацијата – да се изразам народски – од почетокот на времето па до денешниот ден, се најомилените литературни фигури на специјалната војна, пропагандата и нивните егзекутивни чеда: жолтиот и кафениот печат, електронските медиуми, социјалните мрежи и чаршиските гласини и гнасини. Конечно, ова мора веќе да ви е премногу познато и веќе одвратно банално, зашто македонското општество е повеќе децении изложено на вмровската фашистичка пропаганда, од 2006 до 2016, во огромни канцерогено озрачувачки и тоталитаристички дози, а последниве месеци – по мала и залажувачка пауза – еве, повторно, со атака на сите сетила, со врескање од сите мегафони и звучници, екрани и телефони, македо и деновиве итало-фашистички портали и портпароли.

Ужасната несразмера со која се презголемува значењето на еден поединечен криминален случај – за кој, патем, институциите реагираа секавично и професионално, и за кој истрагата е во полн ек – со кој се исполни целиот македонски универзум и се презголемува како да е најголемата рекеташка афера откога постои светот и се нормализира една долна и лајава презумпција на вина што се шири во перверзни размери со цел да ги опфати и однапред да ги направи виновни сите што се сликале со осомничениот од кога бил бебе па до апсењето, сите што имале каква и да е врска со него, особено сите што живееле на истата хемисфера од планетата, а се во некаква врска со власта, СДСМ или премиерот Заев. Оваа пропагандна нуклеарна печурка – лудара, што цели – и, за жал, успева! – да го затемни целото летно небо, оваа очигледна намештаљка, во која почнаа да се вклучуваат и актерите од меѓународната фашистичка алијанса, која е изградена врз еден осамен и поединечен случај, а со цел да се урне власта, е во таква неверојатна диспропорција со молчењето за грандиозните злостори што ВМРО му ги стори на истово ова напатено и конфузно општество, што човек се чувствува заморен и обесхрабрен и да пишува за неа…

Само да потсетам: злосторот на бришење на идентитетот и декултурација на сите граѓани на земјата, крадење на историјата и способноста за самопочит и саморазбирање, декапацитирање и криминализација буквално на сите институции на државата, кретенизација на целиот фонд на учебници со кои се трујат нашите деца, уништување на модерните вредности на рациото, позитивизмот, доброто, убавото, правото, логиката… губењето на смислата на зборовите, поимите, фактите, крадењето на неколку стотини илјади хектари земјоделско земјиште, некоја десетина илјади хектари градежно земјиште, голосек на стотини илјади хектари шума и осудување на ерозија, суша и глад на идните генерации, корумпирање и оглупавување на повеќе од 800 закони и 2.000 прописи, уништување и ограбување на неколку стотици успешни претпријатија и присвојување на нивниот бизнис и имот, наплаќање на повеќе од 500 милиони евра рекет на оние другите претпријатија за да не бидат уништени и ограбени…

Можам да набројувам уште многу факти за најголемиот злостор што некоја организација ѝ го сторила на македонската држава и население, но зошто, почитувани читатели, кога за нив не смееше да се зуцне додека ВМРО беше на власт, а за нив громогласно се молчи и денес без да бидат попишани, процесуирани, објавени, осудени, обештетени жртвите… Зошто, кога тоа веќе не е вест и заслужува заборав како и ланскиот кењкав и во секој поглед никаков снег?


Слики: KEN CURRIE
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото