Латинка Перовиќ: „Србија ја продолжува политиката на Слободан Милошевиќ“ (2)

14.08.2019 01:43
Латинка Перовиќ: „Србија ја продолжува политиката на Слободан Милошевиќ“ (2)

Јосип Броз Тито

Каков беше односот на Тито кон српскиот национализам?

Тито беше длабоко свесен за српскиот национализам и опасноста која ја носи со себе. Во интервју со еден американски новинар кој го праша дали постоела можност Војводина и Косово да станат републики, Тито рече: не, Србите би ме убиле ако излезев со таа идеја, иако лично сметав дека можеби тоа е решение. Значи, беше свесен за клучната улога на српскиот национализам и беше мошне внимателен со него. Во една прилика ни рече: мене сега ме напаѓаат дека сум против Србите, а јас дојдов тука во 1941 година и оттука тргнав. Беше свесен за историјата, реалната и митологизираната, за српскиот народ и силата на неговиот отпор. Знаеше дека тој трпи долго, а потоа во еден здив нештата ги решава со убиство на владејачот, од Караѓорѓе, преку кнезот Михајло, до Александар Обреновиќ. Тито балансираше.

Српските националисти не ги убиваа само своите владејачи, туку убија и тројца хрватски пратеници во парламентот, вклучувајќи го и Стјепан Радиќ...

Напишав текст за тоа. Убиствата во парламентот ме опседнуваа. Сакате заедничка држава, а ги убивате политичките претставници на хрватскиот народ во парламентот!? Тоа беше крајот на првата Југославија. Тоа се нештата кои ги губиме од вид, а тие се случија. Србите мислеа дека ги освоиле териториите и така ја направиле Југославија. Пашиќ во дискусиите за првиот устав на кралството зборуваше - ние не мислевме дека тие ќе бидат наши слуги (мислеше на Хрватите и Словенците), но мора да се знае кој е газда во Југославија, а тоа е оној што ги има најголемите жртви во борбата за неа.

Да се вратиме на потенцијалните наследници на Тито. Значи, зад кулисите постојано се водеше битка за неговото наследство?

Коча зборуваше дека никогаш немал вистинско објаснување зошто Тито изведе политичка ликвидација на Александар Ранковиќ, со кој беше мошне близок. Мислам дека на тоа се одлучи во моментот кога претчувствуваше дека српскиот национализам во сојуз со Русија веќе почнува да калкулира со Ранковиќ како негов наследник. Беше свесен дека Ранковиќ ги држи службите за безбедност и дека се обидува да го освои министерството за надворешни односи. Треба да се читаат и дневниците на Ќосиќ, кои ги сметам за мошне важен извор. Тој беше воодушевен од Тито, пишува дека ноќе не спиел зашто на Петтиот конгрес имало пет гласови против Тито, за потоа да патува со него во Африка и полека да почне да калкулира кој ќе биде наследник на Тито. Проблемот за наследството има огромна улога и во тоа ја гледам големата одговорност на Тито, што тој како државник во животот не го почувствува. За време на конфликтите околу амандманите, Тито го прими Никезиќ и овој му рече: другар претседател, добро би било да останете претседател на државата, зашто ја симболизирате Југославија, нејзината обнова, ослободителната војна, но препуштете му ја партијата на некој друг. Можеби на Кардељ. Тито рече дека и тој размислувал за тоа. Кога Никезиќ дојде на состанокот на српското раководство и го раскажа тоа, сите молчеа. Никој не рече - добро е што си му го предложил тоа. Никој не сакаше да ризикува. Тито никогаш повеќе не се наврати на тоа. Се согласи да биде доживотен претседател. Тоа е веќе фазата на опаѓањето. Уставот од 1974 година, според моето мислење, беше последица на психолошката потреба републиките да се обезбедат за периодот после Тито - да се создадат национални, републички држави и да има федерација на паритетен принцип, но концентрирана на сосема предвидливи функции. Тито секако е голем државник на дваесеетиот век, но му недостасуваше државничко предвидување - што после него! На крајот од животот му се врати на Советскиот сојуз. Одеше на разговори во Москва, а тука никој не знаеше дека тоа се случува.

Српскиот национализам, на чело со Добрица Ќосиќ, има исклучително важна улога и во периодот после смртта на Тито, па сѐ до денес. Ако не се лажам, Добрица Ќосиќ тврдеше дека Србите треба да се вратат во 19 век за да го довршат она што не го довршиле тогаш?

Да, сте го отфрлиле комунизмот, но сте се вратиле во 19 век. Ќосиќ во своите дневници пишува дека треба да се вратиме во 19 век за да создадеме држава на сите Срби и да го решиме српското прашање како државно. Но, чекајте, па тоа е решено! Вие сте во Југославија, не можеш да доминираш, не можеш да имаш хегемонија! И потоа, вели Ќосиќ, после 1968 година: ќе војуваме со Хрватите, Муслиманите и Албанците. Па зарем не се случи по таков редослед? Кога ја гледате антибирократската револуција и интелектуалната подготовка за неа, кога го гледате меморандумот кој ги исплаши другите во Југославија, кога ќе ја земете предвид мобилизацијата на масите во Србија и инструментализацијата на Косово, што друго можеше да направи Милошевиќ отколку да влезе во војна за територии. Така ги гледам нештата, а ми се чини дека историските извори зборуваат за тоа.

Тито се идентификуваше со Југославија

Без оглед на војната, југоносталгијата и титоносталгијата е посилна дури и во западните земји од поранешна Југославија. Како да се објасни тоа? Како гледате на феноменот југоносталгија?

Југославија исчезна во една ужасна војна, со многу жртви. Југославија за земјите од источна Европа беше земја на надеж. Луѓето патуваа, се вработуваа, правеа викендички, одеа на море, се лекуваа, ги школуваа децата. Од филозофски аспект може да кажете: па тоа не е среќа во некоја апсолутна смисла, но за обичниот човечки живот тоа е многу. Живеевме поинаку од Романците, кои го препливуваа Дунав и остануваа, од Унгарците и Полјаците, кои бегаа од кризата. Се работеше за еден еманципаторски процес, после кој западнавме во некакво дивјаштво, кое се спротивставува на модернизацијата и европеизацијата. Освен тоа, општествените врски беа поотворени, имаше значаен развој во областа на културата. Имаше и репресија но беше несразмерна со подемот на културата и уметноста. Имаше и иницијативи кои беа исклучително значајни, а не го негираа постоењето на различните нации во Југославија, да речеме енциклопедиското дело на Крлежа. Потоа имаше големи културни манифестации. Постоеше една широка комуникација во културната сфера. Првата Југославија ја создаде односот на силите, таа од почетокот беше противречна и се карактеризираше со насилство и корупција, во што учествуваше и самиот двор. Од друга страна, народноослободителното движење доведе до помирување на народите, зашто во спротивно тие ќе се уништеа меѓусебно. Имате формална федерација, која е далеку од реалниот центризам, постепена еволуција преку постојани промени на уставот. Еден американски историчар вели дека Југославија од 1945 година па до распаѓањето бараше форма на одржливост. Имаше два концепти: или ќе бидете високоцентрализирана, унитарна земја, каква што заговараа Србите, или ќе бидете сложена држава.

Дали во Србија сѐ уште се сонува тој недосновен, големодржавен сон?

Кога почна кризата, југословенскиот воен министер Вељко Кадиевиќ одеше на состаноци во Русија, а за тоа не знаеше сојузната влада и нејзиниот тогашен претседател Анте Марковиќ. Кога Марковиќ рече дека заради тоа ќе постави прашање за оставка на Кадиевиќ, претставникот на Србија во Сојузниот извршен совет рече дека не му го советува тоа, зашто на крај ќе се случи Марковиќ, а не Кадиевиќ да поднесе оставка. Србија сметаше на помош од Москва, и не очекуваше распад на Советскиот сојуз. Иако стануваше збор за различни тенденции, Србија на некој начин беше поврзана со државниот социјализам. Има еден говор на Никезиќ во кој тој зборува токму за социјализмот како начин да се одржи големосрпскиот национализам. Таа парадигма е жива и денес. Србите се фрустрирани, тоа што ја изгубија Југославија беше нивна одговорност. Истовремено, оние делови од српскиот народ во Босна, Хрватска и на други места мобилизираат, ветуваат помош, држат во некакво единство, ги повикуваат нивните претставници тука. Извинете, што е тоа ако не е еден вид непреспиен големодржавен сон кој предизвикува недоверба кај другите?

А како изгледа денес Србија на Александар Вучиќ?

Ни историски, ни теоретски не гледам дека дошло до дисконтинуитет со времето на Слободан Милошевиќ, СПС и војните. Најпосле, во Србија на власт и на јавната сцена се личности кои и тоа како имаат врски со војната. Или биле министри во неговите влади и донесувачи на закони, или биле негови портпароли. За мене ориентацијата на Србија кон Европа е - мошне неуверлива. Мислам дека се работи само за реторика, и дека Србија и натаму е суштински насочена кон Русија, а Русија го користи тоа. Русија секогаш е присутна на Балканот, и никогаш не го негирала тоа. Погледнете само како се однесуваат руските амбасадори во Белград. Во Србија е карактеристично големо насилство. Локалните заедници се затворени, владејат некои кабадаии кои имаат врски со врвот на владејачката партија, имаат пари и моќ. Во таква ситуација нема локална самоуправа. Опозицијата, законски, секогаш е одредена од власта. Не нуди некои нови ориентации, алтернативи, и самата е преокупирана со просторите на кои живеат Србите. Сето тоа го гледам како едно опасно историско назадување. Ако го набљудувате односот на Србија кон светот, за тоа најдобро зборуваше главниот хашки судија Серж Брамерк, кој предупреди за негирањето на сторените злосторства, за рехабилитирањето на оние кои отслужиле казна за воени злосторства и се вратиле. Разорени се институциите, тие сведочат дека нема демократизација на општеството. Компетентните луѓе, каков што е на пример поранешниот претставник за информации од јавен интерес Родољуб Шабиќ (кој одлично ја работеше својата работа), постојано излегуваа и излегуваат со информации дека назадуваме. Важен индикатор е и тоа што младите луѓе продолжуваат да заминуваат. Ги следам тие истражувања. Главен проблем веќе не е егзистенцијалниот, односно вработувањето, туку луѓето едноставно не можат да ја поднесат оваа атмосфера, отсуството на надеж, непочитувањето. Јавниот јазик е страшен. Каде го има тоа - а не беше така ни во времето на најлошиот авторитаризам - шефот на државата да обвини локален функционер, кој е избран на избори, дека е крадец, а потоа неговите трабанти таа вест да ја шират преку социјалните мрежи. Тоа е рушење на сите форми, рушење на демократскиот капитал. Ги разбирам луѓето што протестираат, иако се работи за различни мотиви. Академскиот дел од луѓето кои протестираат нема никакво учество во моќта. Некогаш стручната јавност значеше нешто, а сега, во овој раскопан Белград, не значи ама баш ништо. Власта создава сопствена елита, се произведуваат дипломи и докторати без покритија. Се работи за еден интелектуален и морален пад кој никако не ветува сјајна перспектива. Јавниот јазик е она што ја дешифрира власта во оваа земја, но и опозицијата. На тоа лексичко ниво, тие на некој начин престануваат да се разликуваат.

Погребот на Тито, мај 1980 година

Дали ви се чини дека сѐ почесто негативните оценки за политиката на Александар Вучиќ кои доаѓаат од ЕУ, но и од другите западни институции и организации, најавуваат промена на нивната политика кон Србија? И како воопшто го проценувате фактот дека без оглед на сѐ што посочивте ЕУ го поддржуваше Вучиќ и сѐ уште го поддржува во голема мера?

Мислам дека Европа се сомнева дека се работи само за реторика. Најпосле, тука се и показателите: порастот на корупцијата, страшната состојба во медиумите, статусот на граѓанските права, статусот на малцинските права. Потоа, како што реков, јавниот говор. На пример, идентификувањето на Хрватите со усташтвото, тоа е мошне опасно за нашите идни односи. Говорот за Албанците е расистички говор. Мислам дека тоа се нешта кои работат против нас. Мислам дека и покрај сите превирања во неа, Меѓународната заедница го гледа сето тоа: нашето неразбирање на Европа, која бара формула помеѓу сложеноста и целината, нашето посакување Европа да пропадне, нашето потврдување дека со Европа не треба да го губиме времето, дека воопшто не треба да влегуваме во неа... Се плашам дека нивната проценка на реалната ситуација во Србија е многу полоша отколку што се гледа преку официјалните изјави, и дека тие се плашат од хаосот овде. Затоа е и таквото позиционирање кон актуелниот режим и тековната политика. На некој начин, дипломатизираат и се обидуваат да ги насочат нештата.

Значи, сакаат да спречат поголема штета?

Се плашам дека се работи за тоа. Но, исто така тие си имаат свои проблеми. Никогаш не сум била заговорник дека Европа треба да направи нешто наместо нас. Доволно е што го помага процесот на модернизација, ние живееме од нејзините средства, и не само ние. А каде се нашите внатрешни напори во сето тоа?

Ги споменавте проблемите во Европа. Иако изборите за Европскиот парламент барем делумно ги запреа подемот на екстремната десница, сепак нејзината сила во многу европски земји е - несомнена. Како ги коментирате тие тенденции?

Промените во светот се огромни. Произлегуваат од природата на нештата. Тоа се последици на универзалниот карактер на капитализмот, глобализацијата, промените во науката и технологијата... Информатичката револуција со себе донесе огромни промени. Секако дека тоа влијае и на европските и на светските текови, како и на односите на големите сили. А со сиот тој подем на десните ориентации, без оглед на победата на Трамп и неговиот популизам, мислам дека западните општества и натаму се отворени, дека се свесни за опасностите, дека постојано дискутираат за тоа на некој начин. Процесот на глобализацијата е незапирлив, но тој секако го наметнува прашањето за посебните идентитети и нивното зачувување во големите заедници. Дојде и до Брегзит, но набрзо се виде колку тоа е комплициран процес, процес кој не може да се заврши. Никогаш не престанав да верувам во барање решенија во демократска дебата, во демократски форуми и доаѓање на нови луѓе на челните позиции.

Крај.

Кон првиот дел.

Извор: https://lupiga.com

ОкоБоли главаВицФото