Та-да-дам, ни нема помош? (кон серијата Years and years)

15.08.2019 12:52
Та-да-дам, ни нема помош? (кон серијата Years and years)

 

 

 Има ли нешто поиритантно од она кога сите околу вас хипервентилираат со одушевување поради серија која вам ви е срање? Па, всушност и има: уште е полошо кога сите околу вас хипервентилираат со одушевување од серија која вам ви е ... добра, но со одредени замерки. Нема нарцизам како нарцизмот на мали разлики!

Па така се воздржував од вплеткување во расправи со своите пријател(к)и за Years and years, не сакајќи да расипам ничие радување, колку и hype-от да ми одеше на нерви... E, но видете ме сега, пријатели мои: додека вие и понатаму пишувате пофалби по своите приватни профили на фејсбук, јас сега еве ќе ја усерам вашата нова омилена серија на еден – јавен медиум. Ха-ха! ОДМАЗДАТА Е МОЈА!

OК, сега кога целосно непотребно ги антагонизирав моите бројни драги луѓе со кои редовно комуницирам на интернет – можеме малку и за самата серија.

Англиската хит-серија Years and Years (да не се помеша со англиската хит-група Years & Years) ги следи животите и животните драми на членови од семејството Лајонс од 2019 до 2034 паралелно со геополитичките драми и општествено-технолошките промени кои се одвиваат во тој период на британската и глобалата сцена. Со така атрактивен концепт со интерес би погледнал и многу, многу полоша серија од Years and Years, која – кога сѐ ќе се сумира – не ми е лоша. Само што...

Па, како прво, се гледа дека серијата е напишана недолго по Брегзит и Трамп бидејќи совршено се вклопува во тогашните фаталистички предвидувања за надоаѓачкото глобално цунами на најлошото десничарство. Во светот на Years and Years Трамп освојува втор мандат. Велика Британија полека но сигурно се слизнува во авторитарен пекол. Сѐ што може да отиде надесно – оди надесно. Освен Шпанија, во која на власт доаѓа левицата, но дури и таму власта – според zборовите на еден од ликовите – отишла толку крајно налево што нашла допирни точки со крајната десница.

Мислам, не знам, за мене тоа е огледален одраз на подеднаквo иритантната либерална вера во бавниот но константен и незапирлив напредок на човештвото; или сѐ заедно, по евангелието на турбооптимистичните либерали, може да оди само на подобро и сите ужаси кои постојано се случуваат ширум планетата се како обично каменче во чевлата – или, по предвидувањата на турбопесимистичните либерали, сите заедно можеме само да се стркаламе во неизбежна, потполна пропаст кога еднаш неколку неонацисти ќе се приграбат до парламентот. Во либералната фантазија, догледната иднина секогаш е или црна како мрак или блескаво светла; во вистинскиот свет после Трамп и Брегзит се одржани разноразни избори ширум светот и додека на некои навистина победија wannabe-фашисти – на многу воопшто не. Борбата продолжува и никогаш ништо не е готово, ни на овој ни на оној начин.

Не е, секако, незамисливо, среде тоа глобално „повлечи-потегни“ и Велика Британија да можела да добие некој свој Орбан – или дури Орбанка. Во Years and years тоа е харизматичната Вивиен Рук (Ема Томпсон) која со низа бизарни но впечатливи јавни испади тргнува во издигнување кон власта. И додека серијата доста добро прикажува како некој како Рук може да се наметне во јавноста – во делот врзан за нејзиното доаѓање на власт е веќе помалку уверлива.

За почеток, ја имаме Рози, најмладата сестра Лајонс, која телевизиските лудории/зафрканции на Рук силно ја забавуваат. Рози е отприлика англиски еквивалент на овдешните гласачи приврзаници на „третата патека“ според кои „ХДЗ=СДП“, и додека навистина е сосем вообичаена појава дека таквите, поради гадење кон двете „стожерни“ партии, на гласачкото место да заокружат разни потенцијални штетници – сепак треба да постои некоја конкретна идеолошка врзаност за да ги посетуваат нивните собири, како што Рози ги посетува собирите на Рук. Но од прикажаното не е вопшто јасно каде и како нејзината забава со спектаклот прераснала во идеолошка занесеност, па портретот на Рози како борка за една популистичка опција останува на ниво на портретите на гласачите на овдешниот Жив ѕид како целосно инфантилни ликови кои не ги интересираат ниту банки ниту иселувања ниту вакцини туку им е само ох толку урнебесно кога Пернар прави срања во Собранието па го зграпчуваат дечките од обезбедувањето. А знаеме дека гласачите на Жив ѕид – какви и да знаат да бидат понекогаш - сепак никогаш не се баш толку инфантилни.

А потоа го има тој, демек, пресвртен момент во Вивиениното стекнување популарност меѓу народот, кога на еден собир тврди дека сега порнографија на своите телефони масовно гледаат шестгодишници (!) и дека тоа би ја оправдало легализицијата и раширената употреба на една направа кој го деактивира секој онлајн уред во радиус од триесет метри. Проверив уште еднаш, и, да, навистина вели дека може да го деактивира секој уред во близина. Вклучувајќи ги, нели, оние на загрижените родители. Кои, сеедно, громогласно аплаудираат на таа идеја бидејќи ... порнографијата одеднаш ги интересира и децата од шест години?

Чиста среќа што дневнополитичкиот аспект е во втор план во серијата! Бидејќи, иако погледот во потенцијалната глобална иднина е главна јадица за гледачите, Years and years поголемиот дел од времето се бави со секојдневните животи на семејството Лајонс и тука серијата е драмски најсилна: делумно со приказната за најстариот брат Стивен (сѐ до петтата епизода кога Стивен ќе направи нешто што е толку во расчекор со неговиот дотогаш претставен карактер што авторот на серијата почувствувал потреба да одвои неколку минути од наредната епизида за оправдување на неговите постапки пред гледачите низ устите на ликовите!), но највеќе благодарение на помладиот брат Даниел и неговиот однос со Виктор, бегалец од Украина. Даниеловата гранка од дејството е најзаокружениот и најимпресивниот дел и кулминацијата на неговата приказна воедно е и кулминација на целата серија.

Истражувањата ја потврдиле моќта на телевизиските серии да ги сензибилизираат широките слоеви публика за проблемите на припадниците на различните малцински и/или ранливи групи во општеството, па придонесот на Years and years во хуманизирањето на сосем добри, обични и нормални луѓе кои сплетот на несреќни околности ги принудил да станат бегалци и мигранти – е можеби мал, но никако занемарлив, и е мошне потребен.

Бидејќи, малку лажев кога претходно реков дека не е нужно предодредено дека во иднината сѐ ќе биде црно - сепак постои една голема катастрофа во која сигурно, незапирливо брзаме – а тоа е онаа климатската.

И понатаму, имено, не правиме речиси ништо за да го спречиме преминот на точката на пораст на глобалните температури за два целзиусови степени во однос на прединдустриската доба, фаталните точки после кои влегуваме во причинско-последична јамка на климатски ужаси чии контури штотуку почнуваме да ги наѕираме. На пример, порано годинава се објавени резултати од една студија според која исчезнувањето на еден вид облак за стотина години би можело да доведе до додатни осум степени глобално затоплување ДОДАТНО на затоплувањето поради емисијата на CO2 и што уште не. А како game over се земаат некои... седум степени глобално затоплување, ако не и помалку?

Па ако не успеваме да бидеме хумани ниту кон бегалците и мигрантите кои сега сѐ уште доаѓаат во Европа во десетици илјади – што ли ќе биде тогаш кога цели делови од континентот ќе станат ненаселливи и кога ќе ни доаѓаат во десетици, стотици милиони? Не ми е воопшто тешко да ја замислам најлошата можна иднина во која во сите бегалци и мигранти кои се приближуваат до границата се пука без прашање (...или кој веќе и да биде најефикасниот вид колеж на непожелните во иднина – роеви убиствени микродронови, можеби?) и мнозинството од јавноста да нема ништо против тоа, патем.

Но, повторувам, борбата за подобар свет и понатаму трае, борбата секогаш трае и на нас е да направиме сѐ да ја избегнеме најлошата можна иднина на целосен распад на човештвото. Па дури и, ако баш не оди поинаку, од најсебични причини: можеме ние, Хрватите, да веруваме дека дека сме срце и душа на Европа колку сакаме, но за добар дел од западна Европа ние сме едноставно источноевропски треш, Словени, и ако/кога оваа земја поради климатски промени стане ненаселлива, а ние сите станеме бегалци кои очајнички се обидуваат да се дограбат до места на кои сѐ уште може некако да се живее... Па, вреди да се присети дека третирањето на Словените како пониска, потчовечка раса – не е без историски преседан.

Years and years ги покрива само наредните петнаесет години од иднината, така што во тој свет сѐ уште не стигнува да избие баш толкав хаос (таман работа!)... Но истовремено многу сериозно предупредува на некои доста извесни последици од климатските промени во блиска иднина, од мали, попатни детали во дијалозите (некој од ликовите споменува како чоколадата станала луксуз или како бананите веќе не се воопшто достапни), па до оние покрупни во дејството (како временските непогоди кои ја опфаќаат Британија). Има серијата и други квалитети вредни за пофалба, како и уште моменти на кои превртував со очите, но исто така не стигнав да ги споменам...

И не стигам веќе да споменам ништо од тоа бидејќи текстов е веќе километарски и не сум сигурен дека сакате да читате уште неколку страни од ова! Но серијата е секако содржинска и многу динамична и има тука доста материјал за размислување, а и на сите кои ги познавам им се допадна многу повеќе отколку мене па, она... Погледнете ја секако, нема да зажалите.

Извор: kulturpunkt.hr

ОкоБоли главаВицФото