Митот за обединувањето

16.08.2019 01:53
Митот за обединувањето

Да почнеме со предрасудите. Германците се работлив народ, но Источните Германци работат помалку од Западните и затоа заработуваат помалку и живеат полошо. Но, 30 години после падот на Берлинскиот ѕид фактите изгледаат поинаку. Во изминатите неколку години Германците во „старите“ покраини (Ländern) работеле просечно 1 279 часови годишно, а во источните 1 346. Истовремено, надниците пресметани на бруто годишно ниво на западот од Германија изнесувале 35 084 евра и биле за околу 5 000 евра повисоки од оние во „новите“ земји, каде изнесувале 30 172 евра. Најдолго се работи во Тирингија (1 371 час), а најкратко во Рајнската област Фалц (1 255 работни часови). Во просек најдобро се заработува во Хамбург (40 771 евро), а најлошо во Мекленбург-Померанија (27 520 евра). За крајот на ова набројување да кажеме уште дека Германците се меѓународно „мрзелив“ народ. Во статистиките на ОБСЕ, спроведени во 36 индустриски земји, никаде нема толку малку работни часови како во Германија (1 356 минатата година). Просекот до кој дошла ОБСЕ во своите пресметки изнесува 1 759 часови годишно. А кои се најгрижливите работници мерено според работните часови? Па оние во Мексико (2 257), Костарика (2 179), Јужна Кореја (2 024) и Грција (2 018).

Но тоа е само статистика и со неа, покрај насловите дека денес во Источна Германија сѐ повеќе се работи, а послабо се заработува, во германските медиуми се отвори темата што се случи со оваа земја после 30 години од падот на најпознатиот ѕид. Сега и десните политичари мораат да признаат дека нешто не само што не било во ред со моделот на обединувањето, туку, ете, не е во ред и денес, зашто само во внатрегерманските миграции повеќе од милион луѓе се преселиле од Источна во Западна Германија. Обединувањето, онаа „алијанса за Германија“ за која многумина зборуваа еуфорично во 1990 година, сега се покажува како обично присоединување, обид за голтање на една држава, ДДР, од страна на друга (СРГ), и тоа не успеа да ги укине разликите, така што со обединувањето ќе се добиеше некој нов квалитет, туку само, за некои помалку а за други повеќе насилно, Западот го колонизираше Истокот. Создадено е општество со граѓани од прв и втор ред, за што уште во 1994 година во Бундестагот зборуваше писателот Стефан Хејм. Затоа никој не се чуди што во германската јавност сѐ уште се зборува за источњаци и западњаци (Осии и Весии).

Кога станува збор за економскиот начин на кој беше изведено „присоединувањето“, сега повторно, вторпат, после десет години, преку иницијатива на Левицата, се отвора парламентарна дискусија за улогата што ја имаше агенцијата Treuhand и во начинот на приватизирањето на економијата на ДДР, и замената на едната марка со другата, во размер еден наспроти еден. Се сеќаваме на времињата кога во 1990 година милијарди марки се пумпаа во источногерманската економија, но парите не беа начин таа успешно да се реструктуира. Можеби поточно е да се избегнува транзицискиот жаргон и да се прашаме какво реструктуирање требало да се случи. Можеби е подобро да се каже, како што вели социологот Јана Милев, која работи на швајцарскиот универзитет во Сент Гален, а чија специјалност се токму студиите за промените во германското општество предизвикани од присоединувањето, дека во тој случај се работело и сѐ уште се работи за специфична трансформација, чиј крај културно-социолошки не се наѕира.

Не може да се обвини социјализмот затоа што 30 години подоцна источната економија е понепродуктивна, затоа што надниците се мали, а невработеноста огромна. Парите се потрошени во инфраструктурата, а излишните економски политики, прилагодени на одредени подрачја не ни постоеле, а во значајна мера не постојат ни денес. Најлошото за економијата се случи за неколку месеци во 1990 година, кога со нереалната промена на валутата таа беше обезвреднета три до четири пати. Она што веднаш продре во источната област беше западната стока. Меѓу другото, како и кај нас подоцна, се отворија безбројни западни шопинг центри во поголемите градови, додека истовремено домашните капацитети, во новосоздадените околности, колабираа. За само неколку месеци индустриската продуктивност падна за две третини. За тоа не беше виновен социјализмот или некој наводен заостанат менталитет, туку токму капиталистичката таканаречена шок терапија, која во најкраток рок успеа да уништи поголем дел од социјалистичките претпријатија. А за начинот на кој тоа го изведе агенцијата Treuhandanstalt, на која ѝ беше доверена приватизацијата, постојат поделени мислења, кои не се менуваат до денес. Иако мора да се признае дека денес и десните политичари не ја избегнуваат дискусијата за нужното економско планирање, зашто ако нееднаквиот развој му се препушти само на таканаречениот слободен пазар, за многу покраини тоа и натаму ќе значи „развој во неразвиеност“. Нова компликација е и тоа што новата десница (АфД) се замеша во дебатата од идеолошки, суверенистички позиции, а сето тоа не води кон никакво подобрување на економската политика, туку кон префрлање на дискусијата на полето „што му прави злобната централна власт на кутриот германски народ“. Накратко, како и кај нас кога се зборува за деведесеттите, оние кои учествуваа во промените на ниво на власт велат дека и денес би го повториле истото, додека старите и новите критичари наоѓаат сѐ повеќе и повеќе докази за размерите на корупцијата во таа внатрешна колонизација. Државната агенција им ги продаде источните фирми на приватни сопственици од западот. Звучи познато: најпрвин подржавување, па приватизација. Само што во германскиот случај беше дури и поперверзно од кај нас, бидејќи општата приватизација на истокот не беше проследена со никакви промени на западот од земјата. Таму државата можеше да остане сопственик на важните приватни субјекти. А како продреа фирмите од западот на „дивиот исток“ кој требаше да се освои? На тој начин што своите централи, делови од претпријатијата кои се занимаваат со осмислување на развојот и сите подобро платени работни места ги оставија дома, а на истокот отвораа погони со полошо платени и помалку квалификувани работни места. Дури сега се зборува дека и во градовите на истокот би требало да се отвораат некакви развојни центри, па Јена, Лајпциг или Дрезден посамостојно да ја осмислуваат стратегијата за својот развој. Подвид на проблемот или куриозум, социолошки гледано, претставува ситуацијата кога малкумина од западот, но и тоа се случува, доаѓаат да работат на исток и на пример како експерти се соочуваат со фактот дека и тие потоа стануваат граѓани од втор ред. „Потребни ни се регионални кластери“, зборува сега и министерот за економија Петер Алтмаер од редовите на ЦДУ. Но кога се обидоа да отворат една „државна фабрика“ за напредна технологија за производство на акумулатори, таа брзо ја премести својата управа на запад. Посебен проблем е и нееднаквиот развој во регионите од истокот. Драстично растат разликите помеѓу покраините, малите населби надвор од урбаните центри и градовите, кои некако, макар и структурно лошо се развиваат. На цели селски подрачја им се заканува иселување или пропаѓање, исто како и во некои други земји, не само во постсоцијалистичката транзиција. За тоа неодамна зборуваше американската марксистка Џоди Дин, а тие феномени (Hinterland) според неа водат во неофеудализам и се карактеристични и за големите земји, како САД и Полска. Не треба посебно да се истакнува што значи за истокот заминувањето на младите и образованите на западот од Германија, но и во трети земји. Од пасивните краишта сега не заминуваат само тие, туку сите кои можат, а од структурите на образовните и здравствените мрежи видливо е дека тие веќе пропаднале на овие периферии.

Споменатиот критички социолог Јана Милев (нејзиното дело продолжува на бурдиевската школа во социјалната антропологија) резолутно негативно одговара на четирите митови за обединувањето на двете Германии, од што јасно произлегува и дека во случајов не стануваше за обединување на двете држави, туку за присоединување на една од страна на другата. Прво: не стануваше збор за „слободарска револуција“. Иако во тој акт немаше физичко насилство, тоа не значи дека немало психички притисоци и други форми на преземање, кои таа ги изедначува со контрареволуција. Второ: тоа не беше никакво „повторно обединување“. Наместо за „обединување“ би требало да зборуваме за државна сукцесија, продор на едните на просторот и во системот на другите. Трето: ветувањето за благосостојба, кое Хелмут Кол во 1990 година го даде со зборовите дека „на никого нема да му биде полошо од претходно, а на многумина ќе им биде подобро“, не се оствари. За тоа е доволно да се погледнат статистиките. Четврто: паролата „Ние сме еден народ!“ (Wir sind ein Volk!) не се оствари. Со оглед на различното искуство од минатото, различниот развој на општествата, различните искуства, тоа не ни можеше да се случи на овој начин. Затоа, после 30 години од падот на ѕидот не зборуваме за сѐ поголемата изедначеност во Германија, туку за враќање на потиснатиот проблем на непремостливите разлики.

Меѓу другото, дали поранешните ДДР-овци треба да го заборават своето минато? Да земеме само еден елемент, а тоа е оној за односот кон фашизмот, историскиот и современиот. Во колку авторасистички материјали можеме да прочитаме дека Источните Германци се понаклонети кон антисемитизмот, расизмот, шовинизмот и национализмот? Па тоа вообичаено се елаборира и со теоријата за двата тоталитаризми која е позната и кај нас. Тие се такви сега, а статистичката поддршка за десниот екстремизам е точна до одредена мера, додека не се утврди каде се централите на новата екстремна десница и популистите, зашто тие и во социјализмот имаа „тоталитарни склоности“. А ако може нешто да се каже за германскиот народ во ДДР, тоа е дека тој радикално се соочи со германскиот фашизам и исто така и го поврза со борбата против секој империјализам и финансискиот неолиберален реазвој. За разлика од тоа, во денешната „обединета“ Германија нема ниеден споменик на антифашизмот, од неколкуте што останаа, а притоа истовремено да не се осуди и „социјалистичкиот тоталитаризам“. Посебно прашање е различното третирање на германската социјалистичка традиција (особено на запад, каде секој град има улици со имиња на социјалисти и комунисти), наспроти негерманската, конкретно руската, чии траги педантно се избришани од јавните простори. Сите го знаеме филмот „ Good Bye, Lenin!“, но сето тоа, вели Милев, е поврзано со генералното, а не источно враќање на „германскиот дух“, кој повторно е инсталиран во цела Германија. А во тој пакет се вклучени и антикомунизмот и русофобијата, сѐ до оправдувањето на учеството во американската политика на превентивни војни. Сето тоа ја прикрива историјата на расизмот и војната до уништување, која ја водеше Германија за време на Хитлер. А последиците ги гледаме сега со појавата на партијата АфД.

Затоа, историјата на двете Германии кои повторно станаа една не е и не може да биде завршена. Не треба сѐ да се заврши со меморијализирањето и културата на сеќавањето, туку со повторно промислување на нашата сегашност и патот кој водел до неа. И тоа не само во Германија.

Фотографии: Raymond Depardon

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото