Кон фестивалот за фотографија во Арл, Франција

17.08.2019 02:08
Кон фестивалот за фотографија во Арл, Франција

Градот Арл се наоѓа на 40 км од Марсеј, а после него се протега Прованс. Регионот познат по широките полиња со лаванда. Арл има 57.000 жители, и луѓето најмногу знаат за него, по тоа што сликарот Ван Гог овде живеел една година, онаа најплодната во неговото творештво. За таа година насликал 300 дела. Но, за вљубените во една друга уметност, фотографијата, Арл е познат и по тоа што овде се одржува Фестивалот за фотографија „Rencontres d’Arles“. Според многумина, најзначајниот и еден од најголемите настани за фотографијата во светот.

Оваа година фестивалот се одржа по јубилејниот педесетти пат. И ни помалку ни повеќе, на фестивалот кој започна на 1 јули и трае до 22 септември може да се видат 50 изложби на повеќе од 150 автори, а 150 настани беа организирани само во текот на првата недела од отварањето. Целиот град е претворен во една огромна галерија. Но, ако ги трнеме на страна сите овие бројки ќе дојдеме до најзначајното, а тоа е фотографијата како уметност. Токму ”Фотографијата е уметност” , било мотото на првиот „Rencontres d’Arles“ во 1970 година.

Низ сите овие години, Арл се претвори во главен град на фотографијата во светот, привлекувајќи ги најзначајните фотографи: Cartier - Bresson, Doisneau, Koudelka, Kertesz, Eugene Smith, William Eggleston, Joel Meyerowitz, Martin Parr и многу други. На овогодишното јубилејно издание на фестивалот, може да се погледнат одлични и влијателни изложби на фотографи кои веќе не се живи – како на пример Children на Helen Levitt, или оргиналната изложба на Edward Weston со која започнала приказната за Rencontres d’Arles во 1970 година. Од историска и документаристичка гледна точка, значајна е и поставката за магазинот на француски јазик Varietes, кој почнал да се издава во 1928 година и кој одигра значајна улога за развојот на уметноста вклучително и фотографијата во Европа. Во рамките на една тема “My body is a weapon” се изложени делата на прашката артистка Libuse Jarcovjakova под името Evokativ. Еден персонален интимен дневник за нејзиниот живот, преку кој се прикажува и животот во Прага во периодот од 1960 до демократизацијата на земјата. Потоа, мојот личен фаворит, изложбата на Evangelia Kranioti под наслов The living, the Dead and Those at Sea.

Оваа изложба која обединува 4 проекти на Kranioti, се однесува на телото и лицата на оние кои се во егзил. За оваа грчка авторка која живее и работи во Франција, егзилот може да биде и внатрешен, да се спротивставува на некои општествени норми. Тоа посебно се однесува на еден од нејзините проекти со наслов „Obscuro Barroco“, кој е мултимедијален, креиран од серија на фотографии и видео проекции на два екрана на кој се прикажува дел од нејзиниот филм со истото насловно име. Овој проект ги открива многуте лица на Рио де Женеиро, во време кога карневалот и политичките стравови и борби се допираат. Evangelia Kranioti ги истражува прашањата за личното преку трансексуалноста, политичките борби, како и желбата за трансформација на телото, како интимно така и социјално. Филмот, својата премиера ја имаше на Берлинале 2018 година, каде ја доби наградата Теди. А во Арл проектот на Evangelia Kranioti ја доби официјалната награда Prix De la Photo Madam Figaro, Arles 2019. Кога сме кај наградените, уште еден мој личен фаворит се стекна со наградата Louis Roederer Discovery Award . Награда која се доделува на нови и автори во развој. Станува збор за проектот Contact на Mate Bartha млад фотограф од Унгарија.

Mate Bartha, две години претстојувал во летниот камп на една унгарска невладина организација со име Школа за одбрана. За време на овој камп, деца и млади на возраст помеѓу 10 и 18 години, учат за патриотизам, дисциплина, воени техники и преживување во природата. Проектот го рефлектира односот на новото унгарско општество под водство на Виктор Орбан кон војната, насилството и нивното место во јавноста, наспроти принципите на мир и толеранција.

Изложбата за шпанското, поточно мадридското културно движење La Movida, кое се појавува 1978, веднаш после диктатурата на Франко, преку фотографии, видеа и магазини, ни ги прикажува сите клучни имиња ( меѓу другите и режисерот Алмодовар), настани и идеи за слободно изразување на креативноста, сексуалноста, филозофијата и уметноста во сите нејзини форми. Еден колоритен и забавен историски документ на повеќе десетици автори креиран од тројца шпански куратори.

Уште една групна изложба која остава моќен впечаток е изложбата на 16 фотографи од Источна Германија, кои го документираат вистинскиот живот во државата , пред се во Источен Берлин во текот на последната декада од падот на берлинскиот зид и комунизмот. Намуртени лица, семејства во очаj, редици за леб и млеко, но и желбата за слобода, културна разноликост, панкот како опозит на системот, сексуалната слобода, се толку моќно претставени што ме задржа цели два часа на местото каде е поставена изложбата.

Миграциите и границите исто така беа тема присутна во повеќе изложбени поставки. Со Datazone, изложбата во 14 секции на парискиот фотограф Philippe Chancel, тој го комплетира кругот на светските клучни проблеми почнувајќи од Северна Kореја која ја посетува во 2005, преку Кабул и Авганистан, Западниот брег во Израел, Идомени со бегалската криза на границата меѓу Грција и Македонија, се до проблемите и границите во северниот дел на Марсеј .

„50 години, 50 книги“, е насловот на изложбата на 50 фотографски книги во избор на фотографот Martin Parr. Во текот на турата низ оваа изложба водена токму од Martin Parr, кажа дека изборот паднал на книги кои се значајни и како фотогрaфски документ но и како иновација во дизaјнот на книгите за годините кога се појавиле.

Ова моја репортажа ќе треба да биде најмалку 30 страници ако пишувам за сите изложби на овој фестивал. Затоа, за крај би спомнал уште дека Susan Meiselas, фотографката на Магнум, и актуелна директорка на Магнум Фондацијата, чија изложба за карневалските стриптизети беше дел од фестивалот, учествуваше на повеќе дебати кои се организираа секојдневно, и тоа беше одлична можност за сите да ја запознаат одблиску и да поразговараат или прашаат за нејзината богата и многу значајна фотографска кариера, посебно ако се земе во предвид дека нејзините фотографски книги и проекти одиграа значајна улога за поставување на женските прашања и за развојот на феминистичкиот правец во фотографијата.

Фотографијата е огледало на општеството и една од алатките за негова промена. Ова издание на „Rencontres d’Arles“ недвосмислено го покажа тоа. Среќна 50 годишнина Rencontres d’Arles, а јас веќе знам дека наредниве години, почетоците на месецот јули ќе ги пречекувам во Арл, со фотографија.

Фотографии: Влатко Деков

Слични содржини

Фотографија / Историја

ОкоБоли главаВицФото