Конго

17.08.2019 12:19

Охо! Конго охо! За да го отпеам во такт твоето големо име врз водите врз реките врз сето сеќавање.
Треба да го поттикнам гласот на корите од Којате! Мастилото на запишувачот е без сеќавање.

Охо! Конго легната во твојот кревет од шуми, кралице над скротената Африка
Нека фалусите на врвовите го носат високо твоето знаме
Зашто ти си жена според мојата глава според мојот јазик, зашто ти си жена според мојот стомак
Мајко на сите нешта што имаат ноздри, на крокодили на нилски коњи
На водени крави на игуани риби птици, мајко на поплави доилко на жетви.
Голема жено! Водо толку отворена на веслото и на клунот на пирогите
Моја Сао моја љубовнице со бесни бутови, со долги раце од мирни лотоси
Благородна жено од Узугу, тело од масло што не се расипува со кожа од дијамантска ноќ.
Ти мирна Божице со насмевка раширена врз вртоглавиот замав на твојата крв
О ти немочуришна по своето потекло, помогни го бунтот на мојата крв.
Отчукувај ги соковите на пантер, отчукувај ја стратегијата на мравките
Лигавите омрази третиот ден излезени од водните растенија на мочуриштата
Ха! врз сите нешта, од водоврично земјиште и од сапунестите песни на белиот човек
Но ослободи ме од ноќта без радост, и демни ја тишината на шумите,
И нека бидам прекрасен столб и скок од дваесет и шест лакти
Во ветрот, нека бидам лет на пирогата врз мазниот замав на твојот стомак.
Чистинки на твоите гради тие острови на љубовта, ридови од амбра и од мирисот гонго
Рамини на детството рамини на Жоал, и оние од Ѓилор во Септември
Ноќи во Ерменонвил наесен - кога времето беше премногу убаво премногу благо.
Спокојните цвеќина на твоите коси, толку белите латици на твојата уста
Особено благите разговори под маладата месечина, сè до полноќта на крвта
Ослободи ме од ноќта на мојата крв, зашто демне тишината на шумите.

Моја љубовнице легната покрај мене, чие што масло ги прави послушни моите раце мојата душа
Мојата сила се издига во одречување, мојата гордост во покорност
А мојата наука во насетување на твојот ритам. Врзи го својот победнички замав
За клунот на твојот секс, како гордиот ловец на водените крави.
Отчукувајте го ѕвонци отчукувајте го јазици отчукувајте го весла танецот на Господарот на веслата.
Ох, неговата пирога е достојана на победниките хорови од Фаѓут
И јас ги смирувам двапати по две раце на там-тамот, за четириесет девици да ги пеат неговите јунаштва.
Отчукувајте ја блексавата стрела, канџата на пладневното Сонце
Отчукувајте го, штракала од школки, шумот на Големите Води
И смртта на врвот од радоста, по неотповикливиот повик на бездната.

Но пирогата одново ќе се роди од лотосите на пената
Нема да потоне благоста на бамбусите во проѕирното утро на светот.

од Етипоски Песни / Ethipoiques) - / Congo / Léopold Sédar Senghor
препев на книгата: Ацо Шопов, Влада Урошевиќ и Георги Сталев

Леополд Седар Сенгор (9 октомври 1906 - 20 декември 2001) е сенегалски поет, политичар, културен теоретичар и прв претседател на Сенегал во периодот од 1960 до 1980 година. Сенгор е првиот Африканец избран за член на Француската Академија. Основач е и на политичката партија позната под името Сенегалски Демократски Блок. Почитуван е како еден од најголемите африкански интелектуалци на дваесеттиот век. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1975 година. Ги објавил збирките: Песни од темнината (1945), Црната причесна (1948), Етиопски песни (1956), Вечерни (1961), Писма од ивернажот (1973), Виши елегии (1979), Различни песни (1990).

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото