Јазик без државјанство

19.08.2019 02:26
Јазик без државјанство

Лудвик Заменхоф

„Јас сум одгледан како идеалист. Мислев дека сите луѓе се браќа, но надвор, на улиците, на секој чекор чувствував дека нема луѓе, туку само Руси, Полјаци, Германци, Евреи. Тоа отсекогаш го измачуваше мојот детски ум“, напиша во едно писмо Лудвик Заменхоф (1859-1917), полски офталмолог подоцна познат по псевдонимот д-р Есперанто. Заменхоф како дете, на 14 години почнал да развива сосема нов, меѓународен јазик, оној кој денес, еден век подоцна, го зборуваат стотици илјади луѓе.

Заменхоф израснал во необично семејство и необични околности. Роден во тогашна царска Русија, во Бјалисток (денес најголемиот град на североистокот од Полска), мултиетнички град во кој се зборувале мноштво јазици, Заменхоф на улица слушал мноштво јазици. Еврејското мнозинство употребувало јидиш, а се зборувало и руски, полски и германски. Во еврејското семејство на Заменхоф кое по потекло било од Литванија, зборувале јидиш, полски и руски, а освен тоа таткото на Заменхоф бил учител по германски и француски. Покрај овие јазици Заменхоф подоцна на училиште научил и хебрејски, латински, грчки и уште неколку други.

Но, токму затоа што ги разбирал сите тие јазици, имал единствен поглед на своевидната какофонија во родниот Бјалисток во кој тлееле конфликтите помеѓу разни етнички групи. Заменхоф бил убеден дека неразбирањето е причина за сите предрасуди и тензии. Кога би постоел еден јазик кој би бил заеднички за сите, а не ѝ припаѓа на ниедна страна, комуникацијата помеѓу луѓето би била појасна, а воедно и понеутрална, па конфликтите би станале бесмислени.

Во писмото до пријателот Николај Боровко кое го напишал кога имал 36 години Заменхоф напишал дека етничките групи ги сметале за непријатели останатите луѓе кои не го зборуваат нивниот јазик. Додал дека му се чини оти различноста на јазиците е првиот највлијателен фактор за поделба на човечкото семејство во група непријатели.

Маѓепсан од детинестата идеја дека сите војни на светот би можеле да престанат само ако луѓето се разберат, Заменхоф уште како ученик почнал да создава помошен јазик кој би овозможил рамнотежа и фер односи во комуникацијата - и иако не успеал да ги спречи подоцнежните војни, Заменхоф и денес, повеќе од 100 години подоцна, се смета за една од големите личности кои ја обележале историјата, а неговиот јазик сѐ уште живее.

Гробот на Заменхоф на еврејските гробишта во Варшава

После повеќе обиди, новиот јазик го осмислил така што ќе биде лесен за учење, а истовремено да не биде особено полесен или особено потежок за различните групи. Работата на својот универзален јазик ја завршил кога имал 19 години, но бил премногу млад за да објави книга. Животот го одвел надвор од родниот Бјалисток - студирал медицина во Москва и Варшава, потоа како лекар офталмолог работел во Литванија и Виена, но воедно продолжувал и да го развива есперантото. Во 1881 година напишал дека неговиот универзален јазик сосема сигурно не е сенка на некој друг јазик што го зборува, и дека есперантото стекнало сопствена „аура, сопствена душа, сопствен живот, сопствена карактеристична физиономија, сопствен израз независен од кое било влијание. Јазикот течел според сопствениот акорд, флексибилен, елегантен и потполно слободен, токму како живиот мајчин јазик“.

Но, кога почнал да ги посетува издавачите кои би можеле да ја објават книгата, се покажало дека тие не ја споделуваат истата визија. Најпосле, првите зборови на есперанто ги објавил благодарение на вереницата, Клара Зилберник (и нејзиниот богат татко), која била многу фасцинирана од идејата на Заменхоф и затоа одлучила да му подари пари кои му биле потребни за книгата да ја издаде самостојно. Впрочем, тоа биле мали брошури за учење есперанто, напишани на руски, полски, германски и француски јазик.

„Многу добро знам дека работата на еден човек не може да биде ослободена од грешки. Секое унапредување на јазикот може да дојде како совет за остатокот од светот, од оние кои го користат. Јас не сакам да ме нарекуваат творец на јазик, сакам да бидам само иницијатор“, пишувал во брошурите. Иако јазикот го нарекол „меѓународен јазик“, заради псевдонимот д-р Есперанто (полн со надеж) со кој ја потпишал книгата, оние кои почнале да го учат јазикот го усвоиле тој назив.

Денот кога ја објавил првата книга („Международный язык “ - денес попозната како „Уна Либро“, Книга прва), 26 јули 1887 година денес се одбележува како Меѓународен ден на есперанто. Малку по малку, Заменхоф градел заедница за оние кои ја поддржале неговата визија за надеж и мир во светот - говорната заедница се одржува повеќе од сто години, а се проценува дека денес има помеѓу сто илјади и два милиони луѓе.

Кога во 1914 година одбил да се вклучи во организацијата на Еврејските есперантисти, напишал: „Длабоко сум убеден дека секој национализам на човештвото му нуди само голема несреќа. Точно е дека национализмот на угнетените луѓе - како природна реакција за самоодбрана - е многу пооправдан од национализмот на луѓето што угнетуваат. Но, ако национализмот на посилните е простачки и неблагороден, национализмот на послабите е непромислен. Двата се раѓаат и се поддржуваат еден со друг“.

Заменхоф умрел во Варшава во екот на Првата светска војна, се претпоставува од срцев удар. Трите деца кои ги имал од бракот со Клара се убиени во холокаустот.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото