Херои на мирот: врева, бес и приведувања

21.08.2019 01:29
Херои на мирот: врева, бес и приведувања

Музичката мејнстрим сцена на почетокот на војната во 1991 година, главно создаваше патриотски песни, додека ретки поединци заради критиката на режимот на Туѓман и отворениот антивоен став беа прогласувани за предавници и народни непријатели. Таквата стигма долго го следеше глумецот и пејач Раде Шербеџија кој, меѓу другото, беше единствениот од Хрватска кој учествуваше на концертот за мир на Јутел на 28 јули 1991 година во сараевската сала Зетра. Слични помасовни антивоени концерти тоа лето се одржаа во спомен паркот Шумарице во Крагуевац, каде настапи групата Атомско Склониште (подоцна заедно со Прљаво Казалиште ќе свират на собирите на ХДЗ), и во Ливно од чии улици децата повикуваа на мир. Антивоениот концерт „Ко то тамо пева“ се одржа во септември 1993 година во Прага и Берлин, каде покрај загребскиот бенд Вјештице свиреа белградските бендови Екатерина Велика, Партибрејкерс и Електрични Оргазам, што беше прва српско-хрватска музичка средба после распадот на земјата. Во Пула, Куд Идијоти со петокраки на градите порачуваа дека „глупоста е неуништлива“ и дека „среќата и слободата се во ланци“, пркосејќи ѝ на војната со својот страствен антифашизам, заради што заработија етикета на предавници и забрана за емитување во хрватскиот етер. Дарко Рундек, поранешниот пејач на Хаустор, како уредник на Радио брод, проект кој го финансираше Европската унија, пловеше заедно со другите уметници и новинари помагајќи да се воспостави проток на информации помеѓу тогаш веќе поранешните југословенски републики.

Активното антивоено движење во првата половина од деведесеттите се создаваше особено во рамки на панкерската и анархистичката субкултура. Едвај полнолетните момчиња и девојки со својот ангажман и тоа како ја нервираа националистичката власт, секојдневно разоткривајќи го трагичниот биланс од нејзиното владеење. Зборуваа за сите жртви на војната, без разлика на која страна ѝ припаѓаа.

Марко Вуковиќ

-Дури неодамна се сетив на една случка од првата половина на деведесеттите, кога неколкумина од нас се враќаа од рок клубот Реметинец и кога нѐ пресретна полиција и без причина нѐ приведе во некоја импровизирана полустаница на Загребскиот саем. Не сакаа да нѐ пуштат да си одиме, се закануваа дека ќе нѐ потстрижат. Веројатно го очекуваа нашиот отпор, но залудно, дури им реков дека слободно можат да нѐ потстрижат, што веројатно ги изненади, по што нѐ пуштија. Веројатно имавме среќа што не се презивавме Зец - се присетува Марко Вуковиќ, текстописец и гитарист на анархо-панк бендовите АБЗЖНормалан и Бијес здравог разума, кој во тоа време како 18-годишник станал активист на Антивоената кампања во Хрватска (АРК).

Во рамки на АРК беше активна и Загребската анархо-пацифистичка организација (ЗАПО, потоа само ЗАП), која ја сочинуваа припадници на загребските субкултури. Го извршуваа главно физичкиот дел од работата, делеа летоци и слично.

-Бевме полни со гнев, лути, имавме многу енергија. Исто така, нашиот ангажман преку АРК задржа каков-таков континуитет на анархистичкото организирање на луѓето од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Од тој потфат подоцна произлегоа две заеднички турнеи со хрватски и српски бендови. На плочата ѝ претходеше истоимениот билтен, заеднички проект на анархистичките и слободарските групи од просторите на поранешна Југославија, кој во февруари 1994 се печатеше во Тревизо и се ширеше во сите поранешни југословенски републики, но и меѓу војниците и боиштата.

-Бендовите во кои свирев за мене беа исклучиво политички проекти, зашто никогаш не научивме да свириме. Се сеќавам дека тиражот на албумот на бендот Нула од Шибеник ги надминуваше оние на Хладно Пиво и Мајке, затоа што таа приказна имаше упориште во заедницата и активистите, а не во издавачките куќи и клубовите. Политичкиот естаблишмент главно немаше допир со анархо-панк движењето, освен понекогаш, и да, тогаш тоа го доживуваа како прст во око - истакнува Марко Вуковиќ.

Тие години се калеше цела генерација луѓе чие дело продолжува во различни политички и активистички иницијативи.

-Го достигнавме тоа да бидеме бајрактари во едно заебано време, на ист начин како што денес тоа го прават некои други, соочувајќи се со новата реалност која воопшто не е поблага кон сиромашните и исклучените - заклучува Вуковиќ.

Марко Стрпиќ

Марко Стрпиќ, основач на книжарата-антикварница и издавачка куќа „Што читаш?“, есента 1991 година видел концертен плакат со потпис Антивоена кампања и веднаш запознал бројни истомисленици со кои дебатирал околу тоа како да ја избегне војската, дискутирал околу тоа зошто национализмот е идеолошко срање, што сѐ може да се направи против војната во време на војна...

-Во формативните години сето тоа ми беше мошне важно. Во средината на 1993 година го направив својот прв фанзин, а преку фанзини и писма ја пробивавме комуникацијата и медиумската блокада, создававме нови контакти ширум бившите републики и ги обновувавме старите, во што ни помогнаа оние кои останаа активни и нормални, а беа постари од нас. За среќа, не му подлегнаа сите на националистичкото лудило - вели Марко Стрпиќ.

Колку беше репресивен режимот на Туѓман зборува и случајот за панк концертот кој никогаш не се одржа во Куглана во Самобор на 31 октомври 1995 година, кога полициските специјалци пред концертот упаднаа во салата и почнаа да ја тепаат публиката, а репресијата продолжи и на улиците на Самобор: на крајот се приведени 104, а тешко повредени 7 тинејџери. Според сведочењата, полицајците дури и пукале кон младите кои се разбегале кон блиските полиња со пченка, но за среќа не настрадал никој.

-Единствено ни беше важно да им пружиме отпор на национализмот, милитаризмот, воената логика, патријархатот, омразата и стравот, уништувањето на човечките животи на секој замислив начин. Кога денес некој ќе ме праша дали имам уште некој плакат од тоа време, велам дека немам зашто ги залепивме и последните. Ништо не се архивираше и тоа сигурно е мака за историчарите, но не го правевме сето тоа заради архивирање. Освен тоа, јасно е дека не е време отпорот да го натрупаме во музеите и зборниците, зашто денес национализмот е идентичен, ако не и поголем проблем отколку во 1991 година. Нормализиран е до таа мера што по тоа прашање помеѓу левицата и десницата речиси и да нема некакви разлики. И не мислам само на партиите - вели Марко Стрпиќ.

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Балкан / Уметност
Активизам / Балкан
Активизам / Балкан / Култура
Активизам / Балкан
Активизам / Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото