Звуци над тишината или како блоковите од Берлинскиот ѕид станаа скулптури во слободен простор

21.08.2019 01:33
Звуци над тишината или како блоковите од Берлинскиот ѕид станаа скулптури во слободен простор

Моите омилени Брамс, Бах, Бетовен... А кога Вагнер би живеел во 20 век би бил најдобар композитор на филмска музика. И Гете, и Томас Ман... И Кант, и Хегел, Адорно, Ниче... Па Дирер, па Ернст... па „стогодишникот“ Баухаус чиј основач Гропиус, веројатно не ни сонувал дека тоа ќе прерасне во расадник на современата светска архитектура.
А да не зборувам за светското филмско наследство, антологиско... Мурнау, па Фриц Ланг, па Марлен Дитрих... ги има недоброј и во Европа, и во Холивуд. Во 1962 година е објавен Оберхаузенскиот манифест „Татковото кино е мртво“. Со тоа е најавено раѓањето на новиот германски филм со романтичниот анархист Фасбиндер, лирикот Вендерс, циничните револуционери Шлендорф и Херцог...
И „Небото над Берлин“! И Берлинскиот ѕид! И Вили Брант со својот „Кniefall“ кога во Аушвиц падна на колена пред споменикот на сите жртви.

Со исполнета душа изјавувам дека Берлин денес прерасна во една од трите, според мене, светски престолнини на културата (покрај Париз, Њујорк, Лондон)!
Стојам простум пред една голема култура. Безвремена.

***

На овој јубилеен десетти по ред МакеДокс некако судбински се наредија работите. Се совпаднаа 100-годишнината од создавањето на Баухаус и 30 години од падот на Берлинскиот ѕид. Доволен предизвик за фестивалската програма „Земја во фокус“ да биде – Германија! Пред гледачите на МакеДокс се осум германски креативни документарци произведени во последните дваесетина години. Повеќето од нив се „вртат“ околу Берлинскиот ѕид, искуствата од животот во поделениот град и во Источна Германија („Бетонски остатоци“, „Повлекувам линија“, „Надвор од колосек“, „Ѕидот“, „Зајачко а ла Берлин“).

 „Ѕидот“

Доволна временска дистанца за раскажување на приказни за едно одминато време. Тешко време, болно време! Но еден филм се враќа и во едно уште подамнешно стравотно време („Г.Цвилинг и г-ѓа Цукерман“), друг филм, пак, ги бележи современите митови на општеството („Дамите бираат - сцени од отмениот Запад“), додека трет филм претставува поема за овој нов, денешен Берлин („Градот наречен желба“).

Постои еден заеднички именител за авторите документаристи на овие филмови. Суптилност во визуелното раскажување! Ги регистрираат фактите, користејќи и голем број архивски снимки, со почит ги бележат сеќавањата и исказите на соговорниците, не дозволувајќи, притоа, визуелната глетка да наметнува некакви поинакви толкувања.

Сè е јасно, прецизно... Ќе прашате – а авторскиот став? Тука е поместена и една поинаква суптилност. За да се дознае авторското гледиште, потребно е да се откриваат скриените знаци. Бев пријатно изненадена кога забележав дека овие германски документаристи, како еден од тие скриени толкувачки знаци, ги користат звукот и тишината. Тоа се, би рекла, авторските коментари. И статичноста или динамичноста на филмската камера.

Градот наречен желба“

Само како белешка: фуриозна почетна секвенца во „Градот наречен желба“ – како Ангелот од „Небото над Берлин“ да се спушта врз градот срушен до темели и со претоп, потоа гледачот ќе се најде на широките булевари и пред Академијата на уметностите, за потоа да ги запознае творците од целиот свет кои живеат и работат во Берлин. Меѓу нив и познатиот светски композитор од Естонија, Арво Парт, чија музика трепери низ филмот, спојувајќи различни светови. „Ако слушаш внимателно, може да слушнеш 30 јазици во еден ден“, вели еден од соговорниците на авторот Петер Зак. Јато птици најавуваат во филмот „Ѕидот“ некаква депонија. Тоа е „гробјето“ на блоковите од Берлинскиот ѕид, со кои е создадена своевидна изложбена поставка на скулптури во слободен простор исцртани со графити.

„Бетонски остатоци“

Импресивна е и филмската проекција на архивски снимки врз светлата површина на еден од блоковите – какви сè војски минувале под Бранденбуршката порта! И уште знаци: во филмот „Бетонски остатоци“ како во немите филмови се користени телопи на кои се испишани разни мали инциденти што се случувале околу Ѕидот, комбинирани со статични глетки на тие места снимени денес, придружени со природни шумови, кои кон крајот на филмот се претопуваат во жестоки електронски музички звуци.

„Повлекувам линија“

Во филмовите „Повлекувам линија“ и „Надвор од колосек”, покрај суптилното користење на „скулптурите“, присутен е и знакот на тишината – во исказите на соговорниците, дискретно обликувани со природни шумови, по што на моменти настапува длабок молк кој го чувствуваш како бескраен крик.

„Надвор од колосек“

Филмот „Г. Цвилинг и г-ѓа Цукерман” лежерно, без никакви патетики, ја раскажува жестоката приказна за една мала еврејска заедница од Черновиц, град во Западна Украина. Поради географската положба, градот претставува апсурд на човековата цивилизација. „Па поради местоположбата на Черновиц, мене не можеа да ми одредат национален идентитет (а јас сум Евреин), па ме запишаа во графата како ’бел Русин’, наспроти ’црвените Руси’“, вели еден од јунаците на филмот.

„Г.Цвилинг и г-ѓа Цукерман“

Авторката на филмот „Дамите бираат”, Виола Штефан, во постапката да ги акцентира состојбите на професионалните ангажмани на жените во совремието и притоа да се пошегува со нашите денешни митови, ќе се послужи со неколку интересни знаци: како фон на архивските снимки ќе постави нови аранжмани (шеговити) на Штраусовите валцери и како посебен деликатес се првата и последната секвенца – визуелно има многу говор со забрзани движења, но ништо не се слуша, сè е прикриено со суптилна пијано музика.

„Дамите бираат“

Кругот за германските документарци го затворам со многунаградуваниот и закитен со номинација за Оскар „Зајачко а ла Берлин“ на Бартек Конопка. Извонреден контрапункт меѓу нараторскиот текст и визуелната глетка исткаена од архивски и актуелни снимки! За Зајачката ливада во близина на Постдамер Плац, чии мали брзи жители се „приспособуваат“ на потребите на другите природни „видови“ во историските збиднувања. А тие други „видови“ се жестоки! Последниот кадар – зајакот фатен во кафез, низ процепот со таговен поглед ја гледа (за последен пат) својата ливада. Крупен план – уплашеното око на зајакот!

„Зајачко а ла Берлин“

По гледањето на сите овие филмови повторно, по којзнае кој пат, си го поставувам прашањето: Кое е најголемото зло на планетата Земја? Јас имам одговор, а вие?

Стојам простум пред една голема култура. Безвремена!