Граѓанските организации против намерата на Анѓушев за инвестирање во нуклеарна енергија

22.08.2019 02:35
Граѓанските организации против намерата на Анѓушев за инвестирање во нуклеарна енергија

Остри реакции по изјавата на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев дека државата има интерес во инвестиција во бугарската нуклеарна централа „Белене“.

Од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ сметаат дека од ваквата инвестиција државата и граѓаните нема да имаат никаква полза.

„Од Белене нема да имаме никаква придобивка. Процесот на градба од одобрување на таков проект во најдобар случај трае околу 5 години. Кога на тоа ќе се додаде периодот за добивање на сите потребни дозволи, времето кое треба да помине додека македонските граѓани ги добијат првите киловатчасови електрична енергија од оваа електрана значително се зголемува и може да достигне и 10 години. Истовремено не се зголемува нашата енергетската сигурност бидејќи овој капацитет ќе биде изграден во друга држава“, објаснуваат од „Еко-свест“.

Потсетуваат дека Владата во 2012 година донесе мораториум за изградба на нуклеарна електрана, со што потенцираат, дека јавните пари од граѓаните не треба да се користат за изградба на нуклеарни капацитети.

„Со вложување на средства во ваков голем проект чија градба ќе трае многу долго и ќе испорача струја дури по период од 10тина години ние ги заробуваме средствата кои инаку можеме да ги вложиме во одржливи системи за производство на електрична енергија и во енергетска ефикасност. Воедно, со вложување во нашата држава, овозможуваме вработувања и енергетска сигурност и независност, што нема да е случај со вложувањето во ‘Белене’“, потенцираат од „Еко-свест“.

Оттаму прашуваат дали државата ќе понесе одговорност и за генерираниот нуклеарен отпад, доколку влезе во финансиската конструкција на новата нуклеарна централа. Исто така, тие прашуваат што е со јавниот интерес, поради тоа што Владата пројавува интерес преку Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) која е во државна сопственост, а ЕСМ е државна компанија која инвестициите треба да ги прави согласно Стратегијата за развој на енергетиката, за како што велат, мора при тоа да го земе предвид интересот на граѓаните на државата.

„Со либерализацијата на енергетскиот пазар, ЕСМ е во можност да инвестира во проекти кои ги смета за прифитабилни. Сепак, не станува збор за приватна компанија и оттука, интересите на нашите граѓани од аспект на безбедност, независност на снабдувањето со електрична енергија и одржливоста на системот треба да се приоритетни во донесувањето на одлуките за идни инвестиции“, дополнуваат од „Еко-свест“.

Во меѓувреме, велат тие, државата има приоритетен процес на гасификација на кој, независно од несогласувањето на граѓанските организации кои работат на полето на животната средина, постојано се инсистира како мерка за намалување на загадувањето на воздухот и како на еколошки проект.

Додаваат дека доколку се даде приоритет на користењето на гасот, многу подобра варијанта е неговото комбинирано користење за производство на електрична и топлинска енергија, со што граѓаните би имале двојна корист – нешто што не е случај со инвестиција во нуклеарна централа во друга држава.

„Инвестирање во нуклеарна централа не е споменато во верзијата на енергетската стратегија која беше консултирана со граѓанскиот сектор и која се очекува есенва да биде усвоена од страна на Владата. Еко-свест, која беше дел од консултативниот панел за стратегијата е категорично против ваквиот проект и учеството на државата или на ЕСМ во ваква заробена инвестиција“, стои во соопштението.

 

ОкоБоли главаВицФото