Почна десеттиот МакеДокс

22.08.2019 17:19
 Почна десеттиот МакеДокс

Првата вечер на фестивалот „МакеДокс“ беше посветена на ентузијастичката екипа која веќе десет години го создава фестивало во Куршумли-ан, неуморно ги толкува слоевите на кромидот низ синеастички вибрации и верува дека филмската уметност навистина може да го промени светот кон подобро, како што рече Петра Селишкар.


Посвета беше дадена и на неодамна починатиот професор Стефан Сидовски, кој неуморно ги следеше светлосните траги на филмското платно, а беше редовен гостин на „МакеДокс“ од неговото прво издание во 2010 година.

Екипата на „МакеДокс“ со високо подигнат кромид во рацете упати и огромна благодарност до публиката, која од година во година сѐ почесто го исполнува Куршумли-ан до последното столче.

Десетолетката почна со „Мизерикордија“ на Ксавиер Марадес и „И сѐ стана песна“ на Шејмус Марфи, а до доцна во ноќта Куршумли-ан го исполнуваше звукот на музиката на Џон Периш и Марта Колика, со Џорџа Поли како специјална гостинка.

Почетокот на вториот ден на 10.МакеДокс го означи работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар, која од 22 до 24 август во Даут пашин амам ќе биде фокусирана на филмската копродукција.

Вечерната програма ќе биде отворена со изложбата „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“, дванаесет портрети од Билјана Гарванлиева (1973-2016) и Мануел Цимер, направени со дигиталниот метод на т.н. „проширена реалност“. Портретите се тестамент на нивната љубов во време на прераната смрт на Билјана. Изложбата е поставена во Чифте амам.

На платото пред Куршумли-ан во 20.30 часот ќе се одржи светската премиера на документарецот „Тетовски самрак“ (Северна Македонија / Германија / 2019 / 65’), кој е последниот филм на Гарванлиева, а го доврши нејзиниот сопруг Цимер.

Со филмот „Ѕидот“ (Германска Демократска Република/ 1990/ 99’) на Јирген Бучер во Куршумли-ан, во 21 часот, ќе биде отворена програмата Земја во фокус – Германија. Станува збор за живописна приказна за Берлинскиот ѕид поставен среде градот, околу Постдамер плац и Бранденбуршката порта, а срушен од народот пред точно 30 години.

Во ноќниот термин ќе бидат прикажани краткиот документарец „Ќе го убиев Клаус Кински“ (Колумбија/ 2016/ 21’) на Спирос Статулопулос, а веднаш по него и „Го сретнав Горбачов“ (Германија, Велика Британија, САД/ 2018/ 90’) во режија на Вернер Херцог и Андре Сингер за поранешниот советски и руски политичар Михаил Горбачов.