Спасителот што го чекаме сме самите ние

23.08.2019 01:07
Спасителот што го чекаме сме самите ние

Ака Нивиана, младата инуитска поетеса и активистка од Гренланд го отвори овогодинешниот Global Landscape Forum (ГЛФ) со читање на својата песна We are the future (Ние сме иднината) која се занимава со последиците од климатските промени.

Повеќе од 600 луѓе од целиот свет се собраа на овогодинешниот форум, кон крајот на јуни во Бон, Германија. Темата на овогодинешниот форум беше Rights in the landscape и се занимаваше со правата на автохтоните заедници во Северна и Јужна Америка, Африка, Азија, Океанија и дури и во Европа.

Целта на конференција беше поинтегрирана и поодржлива иднина на автономните заедници. Иднина која се темели на признавање на нивните права, како и признавање на нивната незаменлива улога во борбата против климатската криза.

Форумот се одруваше паралелно со конференцијата на УНФЦЦЦ за климатските промени во Бон (СБ50) и автохтоните лидери и претставниците стоеја рамо до рамо со креаторите на политики, научниците и младите за да обезбедат права за 350 милиони припадници на светските автохтони народи, како и да ги заштитат шумите и останатите екосистеми, кои се воедно и нивниот дом, а се 80 проценти од светската био разновидност и речиси 300 милијарди метрички тони јаглен.

Младата активистка од Гренланд

Ака Нивиана ја користи поезијата како форма на активизам за да ја подигне свеста за влијанието на климатските промени врз нејзиниот крајолик и да ги сочува приказните и знаењето на Инуитите (Инука). Почнала да пишува пред пет години, кога имала деветнаесет, додека живеела во Данска, поттикната главно од фрустрацијата заради недостатокот на основни знаења на Данците за Гренланд (Данска владее со Гренланд од 1814 година, локална автономија добија во данскиот парламент 1979 година, а 2008 година Гренланѓаните изгласаа пренесување повеќе надлежности на локалната влада, што стапи на сила една година подоцна).

„Бев изморена од луѓето околу мене кои беа игноранти и расисти, па пишувањето поезија и проза беше алатка за моето изразување“, вели Нивиана. Исто така почнала да пишува за да ја подигне свеста за климатските промени, колонијализмот и правата на автохтоните народи.

„Првата песна која ја споделив јавно со публика беше на Климатскиот марш во Копенхаген 2017 година. Бев инспирирана од инуитската митологија за силите на природата. Не се сеќавам колку време ми требаше за да ја напишам, но се сеќавам дека ме инспирираа приказните од детството кога бев дете: на пример, Сасума Арнаа или Мајката на морето. Се надевам дека на луѓето ќе им покаже еден поинаков начин на гледање на природата. Секогаш чувствував дека имам личен однос со природата. Понекогаш се прашувам дали е така заради приказните, каде им давате имиња на силите на природата и на тој начин ги персонализирате“, објаснува.

Минатата година ја контактирале 350.org, организација која ја основаше Бил Меккибен, за да сними спот заедно со Кети Џетнил-Киџинер, активистка и поетеса од Маршалските острови. Целта на спотот беше подигнување на свеста за климатските промени, особено во местата каде се прво видливи, како што е зголемувањето на нивото на морето во Тихиот океан и топењето на мразот на Гренланд. Овој спот има за цел да прикаже колку е голем, а сепак толку мал и меѓузависен нашиот свет.

„За Гренланд се зборува многу, но она што недостасува е ние, автохтоното население, да го земеме микрофонот во своите раце и да му пренесеме на светот што се случува таму. Еден од главните проблеми на Гренланд се климатските промени и последиците кои ги носат со себе, како што е топењето на мразот и глечерите, чии последици се тоа што поларните мечки остануваат гладни и доаѓаат близу селата и градовите, но и тоа што се загрозени нашите традиционални активности, како што се ловот и риболовот“, вели Нивиана.

Истакнува и дека еден од најголемите проблеми на Гренланд е високата стапка самоубиства, која е една од највисоките во светот. Бројот самоубиства на Гренланд почна да расте во седумдесеттите, во децениите по седумдесеттите самоубиството беше главна причина за смрт во повеќе градови, како што е Сарфангуит.

Сличен, релативно брз пораст до мошне висока стапка на самоубиства е забележан и кај младите Инуити во Канада. Меѓу оние кои извршуваат самоубиство најмногу има млади на возраст од 15 до 29 година.

Затоа Нивиана смета дека е важно да се активираат и мотивираат младите луѓе. На Гренланд му се потребни млади луѓе заради нивната енергија и волја, но и гласовите на постарите заради нивното искуство и знаење. Нагласува дека таквото уважување е еден од начините како да се дојде до паметно решение.

„Гренландската култура се обидува да се сочува со запишување и објавување традиционални орални приказни. Традиционалните тетоважи, кои беа забранети, сега се враќаат. Ја преземавме контролата над сопственото тело. Гренландската култура и обичаите ќе бидат сочувани“, заклучува Нивиана.


Извор: http://www.h-alter.org

 

ОкоБоли главаВицФото